ОПИС

Оригинален наслов: Џафери не ја признава Република Македонија

Тимот на FN веќе подолг период ги следи дезинформациите поврзани со употребата на новото уставно име и подривањето на Преспанскиот договор. Како и во февруари така и денес (05.08.2021) новото уставно име е Република Северна Македонија, и покрај сите обиди за извртување на фактите и реалноста.На 9-ти февруари порталот Експрес објави текст со наслов Џафери не ја признава Република Македонија. Во содржината на текстот се повикува на фејсбук-објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која тој го споделил дописот од собранискиот спикер Талат Џафери со кој тој ја враќа граѓанската иницијатива за одложување на пописот. Во објавата Мицковски не изоставил да потенцира дека пописот наводно е очигледен фалсификат, но она што предизвика посебен интерес и значителен број на фејсбук интеракции беше тоа што на фотографијата од дописот е пречкртана придавката “Северна” од новото уставно име на државата. Тоа беше причината за голем број статии со различни наслови од порталите кои ја пренесоа објавата на лидерот Мицкоски, потенцирајќи го ваквиот негов потег, додека пак порталот Експрес креира манипулирачки наслов во кој го претставува собранискиот спикер Талат Џафери како виновник за пречкртувањето на придавката Северна.

ФАКТ/И

Повторно користејќи ја веќе познатата пропаганда за непризнавање на новото уставно име, фејсбук-објавата на лидерот на опозицијата предизвика реакција кај јавноста. Пречкртувањето на придавката „Северна“ е обид да се нагласи национализмот и „патриотизмот“ и на тој начин да се влијае врз јавноста.

Во дописот од Џафери до Мицкоски се вели дека граѓанската иницијатива се враќа поради тоа што не е доставена до надлежниот орган, Собрание на Република Северна Македонија. Исто така се вели дека во правниот поредок на Републиката не постои Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.

Дописот на Џафери е официјална комуникација, а новото уставно име Република Северна Македонија е веќе во официјална употреба. Своите законски должности институциите ги остваруваат врз основа на правниот поредок во државата, а Преспанскиот договор веќе е имплементиран со уставните измени од 2019 година.

Извртувајќи ги фактите од дописот и користејќи ја објавата на Мицкоски, се прави обид за подривање на имплементацијата на Преспанскиот договор. Исто така овој текст прави обид за дискредитација на Претседателот на Собранието Талат Џафери.

Дополнително, во прилог ќе ви прикажеме 2 (два) закони и една резолуција кои што партијата ВМРО-ДПМНЕ ги гласала со придавката “Северна”. Првиот случај е во јануари 2020 година кога ВМРО-ДПМНЕ го поддржа Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во АРСМ, кој во првиот свој член предвидува промена на името.Во вториот случај станува збор за Одлука за избор на Претседател, потпретседатели, членови и заменици-членови на делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација.

На 29 јули Собранието изгласа резолуција во однос на државните интереси поврзани со евроинтеграциите на Република Северна Македонија. Резолуцијата го користи уставното име Република Северна Македонија и беше изгласана со 95 гласови за.

Од приложеното се гледа дека користењето на уставното име на Република Северна Македонија се прави селективно во зависност од потребата за политичка пресметка. Односно преку извртување на фактите, се прави обид да се подрие Преспанскиот договор и да се внесе поделба помеѓу граѓаните.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.