ОПИС

Оригинален наслов: Шлаканица за НАТО и Америка! Рускиот супертенк се подготвува за извоз: Бројни земји сакаат да ја засилат својата армија со ова воено чудо

На 9-ти јуни 2020 година, на веб порталот index24.mk беше објавена статија со наслов „Шлаканица за НАТО и Америка! Рускиот супертенк се подготвува за извоз: Бројни земји сакаат да ја засилат својата армија со ова воено чудо.“ Во предметната статија се зборува за, како што вели авторот, “револуционерниот” руски тенк Т-14 Армата кој е “воено чудо“. Истиот наводно ќе почне да се извезува во 2021 година, а во моментот експертите наводно разгледуваат „кои технологии може да им се продаваат на странци, а кои напредни технологии ќе бидат применети на тенкот.“ Понатаму во текстот се наброени сите потенцијални држави кои би можеле да бидат купувачи на предметниот тенк.Линк до оригиналната вест тука.

ФАКТ/И

Тенкот Т-14 Армата претставува најновиот борбен тенк на Руската Федерација. Се работи за модерен, високо софистициран тенк, кој се очекува да биде иднината на Руската Армија во делот на тенкови за главна борба. Барем таква е најавата на официјален Кремљин. Меѓутоа, колку и да звучи сензационалистички насловот на предметната статија, низа факти укажуваат дека не е се така ‘розево’.

Во 2015 година, за време на оддржувањето на воената парада на Денот на победата (9-ти мај) во Москва, тенкот пројавил одредени технички проблеми и не можел да се движи. По придвижувањето на тенкот, гласноговорникот на парадата изјавил дека не се работело за дефект, туку дека наводно станувало збор за “испланиран настан“ и дека целта било да се покаже како би изгледала евентуалната евакуација од тенкот. Со оглед на тоа дека тенкот покажал технички проблеми во услови на неборбени активности, можеме само да замислиме какви резултати овој тенк би прикажал во борбени услови.

Поради времето потребно за тестирање и успешно операционализирање на високо софистицираната опрема вградена во тенкот, како и високата цена на производство, Руската Федерација се одлучи да се фокусира на надоградување на постарите модели на тенкови како Т-72, Т-80 и Т-90. Но, вистината е дека досега се имаат појавено неколку проблеми со разни делови на тенкот: (1) моторот, (2) менувањето на брзини и (3) термалната визија, итн.

Поради неговата огромна цена на чинење многу се доцни со планираното производство, и поради тоа рокот беше продолжен за нови 5 години, до 2025 година, а досега се произведени само неколку тенкови. За илустрација, овој тенк се уште не е ни во официјална употреба, а првата проба била направена во Сириja. Оттука, првично најавуваните  2,300 тенкови до 2025 година се финансиска и техничка невозможна мисија. Дури и претседателот на комитетот за одбрана на Думата, Александер Шерин, признава дека тенкот е премногу скап.

Во 2015 – 2016 проценките биле дека еден ваков тенк чини помеѓу $5.38 милиони и $9.42 милиони. На тоа треба да се додаде и коронавирус пандемијата, која само дополнително ќе го отежне постигнувањето на зацртаните рокови во врска со тенкот. Важно е да се напомене дека рускиот тенк Т-14 Армата се уште не почнал да се извезува, иако како што вели рускиот министер за индустрија и трговија, Денис Мантуров, Руската Федерација веќе има прелиминарни нарачки за овој тенк.

Т-14 Армата сеуште се нема натпреварувано на меѓународните натпревари на тенкови, каде што германскиот тенк Леопард е најдоминантен во последните години. Покрај тоа, германскиот тенк Леопард и неговите надградби се можеби најкористениот вид на тенк за главна борба низ светот. Оттука, неточна е констатацијата дека рускиот Т-14 Армата е супериорен во било која смисла кога тоа не го докажал во борбени околности или показни вежби на терен со конкурентните тенкови.А кога сме кај воените капацитети и супериорноста на НАТО, САД и Русија, тимот на F2N2.mk веќе истражуваше на оваа тема. „Северноатлантската Алијанса поседува воено-технолошки одбрамбени капацитети да одговори на секаков вид на закана или евентуална агресија од страна на Русија врз било која земја-членка на НАТО. Поточно, соодносот на силите помеѓу НАТО Алијансата и Русија изнесува 3,44 : 1“.

Сѐ на сѐ, тимот на F2N2 го оценува овој текст како класичен пример на руска пропаганда и дезинформација која има за цел дискредитирање на НАТО сојузниците. Авторот користи строго селектиран извор кој шири анти-НАТО наративи, и преку извртување на вистинските факти, настојува да ја претстави Русија како воена суперсила која има воена супериорност над НАТО Алијансата.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.