СЕ ЈАВИ КРЕМЉ – МЕШАЊЕ ВО ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2020

На само неколку дена пред изборите закажани за 15 јули, добро познатите руски пранкстери, Владимир Кузнецов (Вован) и Алексеј Стојларов (Лексус), објавија телефонски разговор од ноември 2019 со лидерот на СДСМ, Зоран Заев (кој во тој момент исто така беше и премиер).

Коментирајќи го настанот тогаш, советникот на премиерот, Марјан Забрчанец, изјави дека пресретнале хибриден напад врз премиерот, во кој бил злоупотребен идентитетот на Грета Тунберг. Телефонскиот разговор во кој се злоупоребени идентитетите на Грета и нејзиниот татко беше објавен дури пред неколку дена, на 8 јули, на јутјуб-каналот на пранкстерите. Следниот ден, на 9 јули, Заев изјави дека знаеле дека телефонскиот повик бил од лажна Грета, и декa сето она што го зборувал било во согласност со стратешките интереси на државата. Тој исто така изјави дека контактирале и со родителите на Грета, кои имаа официјална реакција на божемниот разговор.

Најважен дел од разговорот е помеѓу 3:19-3:47, каде „таткото на Грета“ му вели на Заев „вие исто така треба да се борите, знам дека имате многу тешкотии и дека ќе имате избори на пролет, и ние може да ви помогнеме со ПР… ќе ви помогнеме и ќе направиме добра реклама пред народот пред изборите“. Овој дел јасно покажува зла намера телефонскиот разговор да се искористи за изборни цели, во овој случај предвремените парламентарни избори во Северна Македонија, и тоа е тоа што го прави овој разговор релеватнтен во сегашниот контекст. Очигледно, како што планирале, тие ја оствариле својата намера и го објавија целосниот разговор на само неколку дена пред изборите, и покрај тоа што истиот бил реализиран есента 2019.

Пранкот е со зла намера, претставува обид за оцрнување, и е планиран и подготвен за да се предизвика штета (иако е направен да изгледа како да е без лоша намера). Во современиот контекст пранкувањето е најчесто јавно, со цел да се наруши репутацијата на личноста која е предмет на пранкот, таа да се претстави како лесно заводлива, или барем не попаметна од пранкстерите кои ја надитруваат (секако дека неуспешните обиди не се објавуваат). Сепак, ова не е шега, и не е воопшто смешно. Напротив, штетно е, и е подготвена стапица, со цел некој да се надитри, да се исмее, без разлика дали е во пријателски или непријателски дух. Во секој случај, намерата е да се оцрни личноста, а тоа не може да се нарече шегување.

Техниките кои овие руски пранкстери ги користат вклучуваат злоупотреба на идентитетот на некоја личност, со која личноста која е нивна жртва би разговарала, како на пример функционери од пријателски држави. Во случајот на Северна Македонија, првиот пат беше претседателот на Украина, Петро Порошенко, а вториот пат Грета Тунберг. Делови од разговорот со лажниот Порошенко беа објавени од страна на Руските пранкстери во Јули 2019. Целта на ваквите дејствија е да се извлечат одредени изјави од личностите кои се цел на пранкот, и да се презентира некадарност на институциите на соодветната држава, со крајна цел да се поткопа довербата на јавноста.

Наспроти огромната поддршка од граѓаните за пристапувањето на државата кон НАТО и ЕУ, Русија силно се спротивставуваше на овие напори, вклучувајќи го и историскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија за решавање на деценискиот спор за името „Македонија“. Белингкет неодамна објави одлична анализа, насловена „Руското мешање во Северна Македонија: поглед пред изборите“.

Телефонскиот разговор беше објавен на фејсбук-профилот на Владимир Кузнецов (Вован) на 8 јули во 20:36 часот, додека прв кој го објави на македонските социјални мрежи беше Миленко Неделковски, во 20:40 часот. Миленко Неделковски е про-руски националист, кој во текот на овие избори редовно користи говор на омраза насочен кон про-западни жени политичари. Од кај него, постот беше преземен од фејсбук-страницата MAJTAP, која има повеќе од 30.000 следбеници и 101.000 интеракции само во претходната недела. Интересно е тоа што оваа анонимна фејсбук-страница е администрирана од 21 лице.

Првиот портал кој ја објави „веста“ беше Република, која е во унгарска сопственост. Насловот беше крајно манипулативен: „Го напаѓа Макрон, затвора аеродром, ќе населува мигранти: Објавен разговорот на Заев со лажната Грета”. Малку подоцна, истиот портал објави уште една статија со наслов: „Заев: Макрон е ужасен човек“, и трета, „Дури и го сменив името на државата, се фали Заев пред ‘Грета’“. Ова е нивна вообичаена шема на хиперпродукција на статии поврзани со еден единствен настан.

Не е првпат портали кои имаат некаква поврзаност со Унгарија да шират дезинформации и манипулативни наративи, со што креираат страв и недоверба во демократските институции и процеси во Северна Македонија. Фејсбук може да се искористи како особено влијателен дезинформациски форум. Фејсбук е најпопуларна социјална мрежа во Северна Македонија, со 1,1 милион корисници, а некои од најпопуларните фејсбук-страници во Северна Македонија се: Onion.mkI ♥ MACEDONIASmeenje do solzi, и Republika Makedonija .

Скоро истите овие канали беа искористени за промовирање на телефонскиот пранк.

Со ваква развиена онлајн инфраструктура, многу е лесно да се шират дезинформации и да се влијае врз мислењето на луѓето.

Не е првпат пранкстерите да таргетираат високи функционери од Западот, и скоро секогаш постои шема која покажува дека нивните таргети, или земјите кои ги претставуваат, минуваат низ чувствителни политички процеси, било на внатрешен или на надворешен план. Сите овие активности се насочени кон внесување раздор помеѓу државите кои се предмет на нивен интерес, како и на прашањата кои им ги поставуваат на оние кои се цел на нападот. На пример, тие ги третираат темите како што се односите на Русија со соодветните земји, санкциите врз Русија, санкциите врз Иран, членството на Црна Гора во НАТО, референдумот во Каталонија итн. Нивните прашања или пранкови се далеку од шеги, како што тие сакаат да ги нарекуваат.

Нивните зли намери може да се видат и во нивните јавни изјави. И покрај тоа што прават пранкови во западните демократии, тие никогаш не му направиле пранк на руски високорангиран политичар, велејќи дека тие никогаш не би ја довеле Русија во состојба на дестабилизација. Дополнително, во интервју за Гардијан, т.н. комичари изјавија дека никогаш нема да му направат пранк на Путин, зашто не сакаат да и наштетат на нивната држава, нагласувајќи дека нема да направат ништо што би им помогнало на непријателите на Русија. Исто така, во изјава за Москва тајмс Кузнецов рекол дека „би сакале да се сретнат со Путин“ и дека „не сакаат да бидат оружје во рацете на непријателите на Русија“. На прашањето дали не им смета да бидат оружје во рацете на Кремљ, Кузнецов одговорил „Зошто да не, ако е во согласност со она што го чувствуваме“. Имајќи ги предвид сите овие нивни јавни изјави, јасно е дека тие имаат цврст про-Кремљ став, и тешко е да се верува во нивните деманти дека не работат за Кремљ.

И покрај тоа што дел од медимуите и влијателните личности се обидуваат да го релативизираат овој случај, обвинувајќи ги безбедносните служби или Заев и луѓето кои се дел од неговиот кабинет, факт е дека Заев не беше таргетиран како лидер на СДСМ, туку како премиер. Оттаму, цел на нападот и потмсевот беа институциите, народот и државата. Дополнително, телефонскиот разговор беше објавен на само неколку дена пред изборите, што претставува јасно мешање во парламентарните избори во Северна Македонија.

Со нивни зборови, тие и наштетуваат на нашата држава.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap