СРБИЈА НЕ КРЕВА ОГРАДА ДОЛЖ ГРАНИЦАТА СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ВЛЕЗ НА МИГРАНТИ

Дезинформација бр:

#161

Дата:

22.06.2020

Извор:

galama.club

Време на читање:

4 мин.

Оригинален наслов: Тодор Петров: Србија става ограда долж македонската граница – Македонија да ја зајакне контролата на границата со Грција

 

На 22 јуни, порталот Галама, објавил текст со наслов Тодор Петров: Србија става ограда долж македонската граница – Македонија да ја зајакне контролата на границата со Грција.

Во екот на коронавирусот но и во екот на дебатата за состојбата со мигрантите низ светот кои што поради пандемијата се блокирани во нивната рута до европските земји, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, во текстот изразува загриженост од информациите дека Владата на Србија со панична брзина од Прешево кон исток, долж границата со Северна Македонија и Бугарија во должина од 33 километри, а со цел до раната есен да биде завршена, подига ограда за спречување на влез на мигранти, опремена со рефлектори и со специјални жилети на врвовите, со што физички би бил оневозможен влез на мигранти на територијата на Србија.

Со оваа лажна изјава, Петров предупредува дека Северна Македонија може да стане сива зона во која што ќе се соберат сите мигранти, наратив кој подолго време се шири во Северна Македонија.

 

Линк до оригиналниот текст може да најдете тука.

Најпрвин, се работи за дезинформација. Вистина е дека Министерството за одбрана и војската на Србија, објавило повик за доставување на понуди за јавна набавка , од каде јасно се гледа дека предмет на набавката е материјал за изградба на жичана ограда за оградување на Прифатните центри за сместување на мигрантите и Центрите за сместување на азиланти,

На 22. мај 2020, донесена е одлуката за набавка со избор на најповолен понудувач. Но на 26ти мај, 2020 донесена е одлука за запирање на јавната набавка на материјал за жичана ограда. Нарачателот на набавката, во случајот Министерството за одбрана и војската на Србија, како причина за прекин на постапката наведува објективни и поткрепени причини кои не можеле да се предвидат во време на поведување на постапката за јавна набавка, односно причини поради кои престанала потребата на нарачателот за предметната набавка поради што нема да се повторува во текот на истата буџетска година (односно во наредните 6 месеци).

 

Kако што може да се види од оваа одлука, постапката за набавка на материјал за жичана ограда е поведена поради непредвидени околности и прогласување на вонредна состојба (15.03.2020) како последица на епидемијата со коронавирусот, како и добиената задача за обезбедување на Прифатните центри  и Центрите за азил на мигранти на територијата на Република Србија. Со оглед на тоа дека престанала потребата за обезбедување на центри на територијата на Република Србија од страна на припадниците на копнената војска, а согласно Одлуката за престанок на вонредната состојба (од 06.05.2020), престанала и потребата за предметната набавка.

„Вистиномер“, со цел да ја провери релевантноста на информацијата, се обрати до македонското МНР и до МВР: Од МНР кратко само ни одговорија дека немаат таква информација. Веста ја демантираа од МВР од каде информираа дека „од српските надлежни органи немаме добиено официјална информација за подигање на ограда на македонско-српската граница. Во овој момент долж заедничката граница нема подигнато заштитна ограда, ни одговорија од МВР.“

 

Наративите од овој вид дека Северна Македонија наводно ќе стане сива зона на Западна Европа за бегалците и мигрантите од Блискиот Исток, Африка и Азија, во државата не се нови.

 

Одредени онлајн медуми, веќе подолго време третираат наративи дека мигранти и азиланти ќе се населат во нашата земја. Овие анти-систем наративи имаат за цел да сеат страв и да ја поткопаат довербата на граѓаните во институциите на системот. Сѐ на сѐ, властите досега ниту еднаш не прифатиле, ниту ЕУ побарала од Северна Македонија такво нешто.

 

Некако традиционално за време на избори, мигрантите стануваат тема во јавниот дискурс. Тимот на Ф2Н2 во повеќе наврати обработуваше дезинформации кои го поддржуваат овој лажен наратив. И по којзнае кој пат, им советуваме на граѓаните ваквите текстови да ги проверуваат и да консултираат повеќе извори пред да оформат конечен став.

Leave a Reply

Share via
Copy link