Премиерот на својата прес конференција на 21.12.2020 ги презентираше клучните проекти и програми кои ќе го окупираат вниманието и времето на Владата  следната година. Овие големи и важни, домашни, македонски проекти се дел од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!”

Во 10-те приоритети од  проектите и програмите на  владината Акција-21, влегува и програмата Стоп за дезинформациите. Имено, голема обврска и одговорност претставува  спротивставувањето на дезинформациите и спречување на штетите кои ги нанесуваат лажните вести.

Владата ќе се справува со дезинформациите со следниве механизми:

  • Здружена борба со професионалните медиуми и граѓанските организации против дезинформациите, говорот на омраза и хибридните напади

  • Штитење на јавниот интерес преку навремено и точно информирање

  • Заедничка борба со НАТО против сајбер напади

Во таа насока, премиерот најави засилени активности во периодот што следи, широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество, во рамките на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата.

Со овој план е изработен и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој е од голема важност во време на ковид кризата низ која поминуваме, во справувањето со лажните вести, кои во огромен број беа пласирани преку квази медиуми.

Таквите тенденции како што нагласи премиерот, се препознаваат и со вестите за вакцината против КОВИД-19 со цел да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата.

Овие обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекерите а на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентно пристап до релевантни извори и информации за креирање објективни медиумски содржини од јавен интерес.

Владата презема обврска да го штити јавниот интерес со се што е во нејзина надлежност,  со цел населението да биде целосно, навремено и точно информирани за начините на заштита од Ковид, вклучително и процесот на вакцинација.

Како дел од програмата “Стоп дезинформации” постигнат е напредок на полето на одбрана од сајбер нападите со тоа што е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на Министерство за одбрана со НАТО, и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.

Уште во 2018 година, Владата ги зголеми своите напори во оваа сфера со усвојување на Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 и изготвување на Акциски план чија цел беше да ги дефинира чекорите во имплементацијата на првата Национална стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија 2018-2022, вклучувајќи ги  главните активности потребни за зајакнување на националните капацитети за сајбер безбедноста.

И уште еден важен сегмент во  програмата “Стоп дезинформации” е и медиумската писменост која ќе стане дел од наставата со цел да им се помогне на младите генерации да бидат најсилните отпорници на лажните вести.

Со поддршката и соработката со стратешките партнери Владата се стреми Северна Македонија да биде лидер во изнаоѓањето на решенија во борбата со дезинформациите кои го напаѓаат целиот свет, и рамо до рамо со партнерите од западот и НАТО, соодветно да возврати на оваа штетна појава.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.