ТЕОРИЈА НА ЗАГОВОР СТАРА 20 ГОДИНИ ПОВТОРНО АКТИВИРАНА

Пред скоро 18 месеци беше потврден првиот случај на коронавирус во нашата држава. Оттогаш, па до ден денес важат и се потенцираат 3 правила до кои граѓаните треба да се придржуваат: дезинфицирање на рацете, носење на заштитна маска и држење соодветна дистанца. Од трите правила само носењето на заштитна маска наиде и сè уште наидува на различни дезинформации, непроверени информации и теории на заговор околу нејзината ефикасност кои претежно се пласираат на социјалните медиуми. Малата доверба во медиумите и јавниот сервис, во пакет со големата употреба на социјалните медиуми на глобално ниво се главни причинители за експресно ширење на дезинформации.

Маските и PCR стапчиња за тестирање содржат паразити кои преку вдишување ги внесуваме во нашето тело. Како во регионот (линк, линк) така и кај нас беше забележано објавување и ширење на видеа и фотографии од наводни паразити кои се наоѓаат во маските и PCR тестовите. Еден такво видео на социјалната мрежа Фејсбук беше објавено од страна на член на ИО на политичката партија Родина, Владимир Трајковски.

Во описот над објавата е наведено дека се работи за таканаречени моргелони кои исто така се наоѓале во т.н. “chemtrails” кои се испуштале од авиони низ целата планета. За хемиските отрови кои наводно се испуштаат од авиони прочитајте на следниов линк.

Според гласот во видеото кој што се слуша во позадина истото е снимено во Русија, а преводот е на српски јазик што е симптоматично само по себе. “Моргеноловата болест” и теориите на заговор околу нејзините симптоми и последици од истата се рециклираат низ годините наназад. Приказната започнува во далечната 2001 година кога американскиот биолог Мери Леитао на кожата на својот син забележала рани од кои никнувале влакна и оттогаш го покренува прашањето за тоа која е причината за оваа појава. 20 години подоцна сè уште се води дебата за тоа дали оваа појава претставува психичко или кожно заболување.

Влакната кои се гледаат само под микроскоп не претставуваат никаква опасност за човекот, ниту при носење на маска, ниту при тестирање за КОВИД-19. Се работи за текстилни влакна кои се придвижуваат само поради струење на воздух, допир со топлотни бранови или статички електицитет.

Заклучок: Ова претставува обид за заплашување на граѓаните и одвраќање од користење на маските како заштита од евентуални инфекција со Covid-19. Преку извртување на факти и манипулирање со полувистини, авторите и споделувачите на ваквите објави имаат за цел да ја продлабочат недовербата во научната фела која и тоа како придонесува во борбата против Covid-19 пандемијата. За сметка на тоа се факторизираат индивидуи кои немаат никакво познавање, ниту пак експертиза во областа. Израел на пример повторн ги врати на сила мерките за носење на заштитна маска во затворен простор, станува збор за земја која беше пример за начинот на кој се справи со пандемијата од самиот почеток а посебно во делот на имунизирање на населението.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap