ТРУЕЊЕТО НА АЛЕКСЕЈ НАВАЛНИ

На 20 август 2020 година имаше обид за труење на најгласниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални. Обидот за труење на Навални беше извршен за време на летот на релација Томск-Москва. Поради влошената здравствена состојба на Навални, пилотот бил приморан да го приземји авионот во градот Омск, каде што Навални бил хоспитализиран во тамошната болница, бидејќи паднал во кома.

Лекарите од сибирската болница изјавија дека кај Навални дијагностицирале метаболична болест предизвикана од низок шеќер во крвта и дека поради тоа Навални не бил во состојба да биде транспортиран во друга болница. Поради постоење реална опасност од прикривање на докази за труењето на Навални од страна на докторите во болницата во Омск, неговата сопруга и семејство побараа негов трансфер за понатамошно лекување во болница во Берлин, Германија. После повеќечасовно натегање помеѓу докторите од Омск и семејството на Навални, на 21 август 2020 барањето беше одобрено, па со специјален авион Навални беше префрлен во болницата “Шарите” во Берлин.

Германската канцеларка Ангела Меркел беше таа која на светот му соопшти за труењето на Навални со нервниот отров „новичок“. Откако пристигнал во берлинската болница, Навални бил подложен на низа тестирања, со цел да се открие причината за неговото труење, а по добивањето на резултатите од испитувањето кое се одвивало во воена лабораторија во Германија, потврдено е дека рускиот политичар бил отруен со нервниот отров новичок, кој што е забранет од страна на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

После 32-дневното лекување на Навални, за време на кое лекарскиот тим се борел за неговиот живот, тој бил отпуштен од болницата поради тоа што неговата здравствената состојба била значително подобра. Имајќи го ова предвид, лекарите прогнозирале негово целосно оздравување, но не ја исклучувале можноста за понатамошно појавување на евентуални последици поради труењето со опасниот отров. Своето излегување од болница на 23 септември 2020 го потврди и самиот Навални, кој на својот инстаграм-профил објави негова фотографија под која има упатено благодарност до лекарите од берлинската болница, како и информации за тоа како ќе се одвива неговата целосна рехабилитација.

Речиси пет месеци по напуштање на лекувањето во берлинската болница, Навални решава да се врати во својата родна земја. На 17 јануари, преку видео обраќање на Инстаграм, Навални јавно ја соопшти одлуката дека ќе се врати во Русија.

Веднаш по слетувањето во Москва, Навални беше дочекан со налог за негово апсење и беше приведен. Она што е вредно да се напомене е дека првично авионот на компанијата “Победа” требало да слета на московскиот аеродром “Внуково”, за неколку минути пред слетувањето персоналот во авионот да ги извести патниците дека пистата е затворена за слетувања, а екраните кои покажуваат слетувања/полетувања на авиони во “Внуково” покажале дека летот е пренасочен за слетување на најголемиот аеродром во Москва, „Шереметјево“.

Како причина за неговото апсење, полициските власти во Русија наведоа обвиненија за измама кои биле покренати против Навални во 2014 година, а кои во 2018 година беа прогласени за незаконски од Европскиот суд за човекови права.  Дополнително, во месец октомври 2021 Навални ја доби наградата за човекови права “Сахаров” од страна на Европскиот парламент.

Режимот на Путин уште истиот ден започна со апсења на поддржувачите на Навални, кои дојдоа да го пречекаат на аеродромот “Внуково.”

Ова не е прв случај на труење или обид за ликвидација на противник на режимот на Путин. Само за потсетување, најскорешните убиства или обиди за убиства со докажано учество на руските тајни служби во нив, се убиството на Александар Литвиненко со труење, обидот за убиство на Сергеј и Јулија Скрипал со труење, двојниот обид за убиство со труење на Владимир Кара-Мурза, исто така опозициски политичар во Русија, како и обидот за труење на новинарката Ана Политковскаја, која подоцна беше убиена во нерасчистени околности.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap