УЛОГАТА НА СОВЕТСКИОТ СОЈУЗ ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА – КОГА И КАКО ЗАПОЧНА ВОЈНАТА

Еден од моментите во кои Сталин задоволно се смее е токму од чинот на потпишувањето на договорот помеѓу Рибентроп и Молотов, зошто е тоа така прочитајте во првата анализа на оваа тема.

 

На денешен ден, на 23 август 1939 година е потпишан пактот Молотов-Рибентроп помеѓу  нацистичка Германија и комунистичкиот Советски Сојуз. Имајќи предвид дека овој документ и вистинската улога на Советскиот Сојуз во Втората светска војна не и се доволно познати на македонската јавност, FN ќе објави статија во три продолженија, заедно со интегралниот текст од пактот.

Кога започна Втората светска војна? – Агресија од страна на Советскиот Сојуз врз делови од Европа во периодот 1939-1941

На 1-ви септември 1939 година нацистичка Германија ја нападна Полска, а две недели подоцна, односно на 17 септември 1939, Советскиот Сојуз ја окупираше источна Полска.

Овие воени дејствија беа резултат на пактот Молотов-Рибентроп, кој беше потпишан на 23 август 1939 помеѓу  нацистичка Германија и комунистичкиот Советски Сојуз.

Непосредно пред потпишувањето на пактот, Сталин го разрешил министерот за надворешни работи Максим Литванов, кој бил Евреин и се залагал за потпишување на Договорот за колективна одбрана и заштита од нацистичка Германија.

Пактот е договор за ненапаѓање помеѓу два тоталитарни режими во период од 10 години. Тој бил потпишан во Москва, во присуство на Сталин, помеѓу германскиот министер за надворешни работи, Јоаким фон Рибентроп, и советскиот министер за надворешни работи Вјачеслав Молотов. Првиот дел од пактот е јавен, но вториот дел содржи тајни протоколи кои предвидуваат поделба на Централна и Источна Европа на две зони на влијание.

Тајниот протокол го предвидувал следното:

Член 1. Доколку дојде до територијална и политичка прераспределба во регионот на Балтичките земји (Финска, Естонија, Латвија и Литванија), северната граница на Литванија ќе претставува граница на зоните на влијание помеѓу Германија и СССР. Поврзано со ова, интересот на Литванија во областа Вилна е признаен од двете страни.

Член 2: Доколку дојде до територијална и политичка прераспределба на териториите кои и припаѓаат на полската држава, границите на зоните на влијание на Германија и СССР приближно ќе се протегаат по теченијата на реките Нарев, Висла и Сан.

Прашањето дали интересот на двете страни ќе биде одржување на независна полска држава и во кои граници истата ќе остане ќе може да дефинитивно да се утврди согласно понатамошниот развој на политичката ситуација.

Во секој случај, двете влади ќе го решат ова прашање по пат на пријателски договор.

Член 3: Што се однесува до Југоисточна Европа, советската страна изразува интерес во Бесарабија. Германската страна изразува комплетна незаинтересираност за овие области.

Член 4: Овој протокол ќе се смета за строга тајна од двете страни.

И додека светот бил изненаден од потпишувањето на пактот, тајните протоколи за поделба на Европа помеѓу нацистичка Германија и авторитарниот комунистички режим во Советскиот Сојуз биле негирани од страна на Советите. Сепак, по инвазијата на Полска во 1939, весникот „Известија“ објавил мапа на која јасно е прикажана демаркационата линија помеѓу Германија и СССР во согласност со пактот Молотов-Рибентроп.

Директна последица на потпишувањето на пактот била окупацијата и анексијата на неколку земји од страна на Советскиот Сојуз, а нивните жители биле предмет на сталинистичкиот терор и на комунистичкиот режим. Во периодот 1939-1945, повеќе од 1 милион жители на Литванија, Летонија, Естонија, Полска, Украина и Романија биле депортирани.

Окупацијата на Полска: За време на инвазијата на Полска од страна на тоталитарниот Советски режим, раководен од Сталин, извршени се страшни злосторства, како врз цивили, така и врз воени лица. Масакрот кај Катинската шума, во кој за помалку од една година убиени се повеќе од 20.000 полски офицери и интелектуалци, останува сведоштво за жртвите на сталинизмот. Покрај убиените полски воени лица, голем дел од нив завршиле и во затворите во Советскиот Сојуз.

Војната со Финска: Советската инвазија на Финска започнува во 1939 година, кога Сталин сака да го заземе договорениот дел според тајните протоколи и да ја прошири територијата на Советскиот Сојуз. По низа ултиматуми кон Финска, и пропаднати преговори, на 30-ти ноември, со приближно милион војници, Црвената армија, ја започнува инвазијата врз Финска. Бидејќи Финците даваат отпор, имаат предност на својата територија, користат и герила тактики, овие настани се познати како “Зимската војна“. Во февруари-март 1940 година, по најголемото артилериско бомбардирање после Првата светска војна, Финска се согласува на примирје. Со договорот, Финска останува независна земја, но 11% од територијата потпаѓа под Советскиот Сојуз.

Анектирање на делови од Романија: Во јуни 1940 година, Советскиот Сојуз окупира и анектира делови од Романија, Бесарабија и западниот дел од Буковина.

Анектирањето на Балтичките земји – Литванија, Латвија и Естонија: На 15 јуни 1940 година, со ултиматум до Литванија за примање неограничен број војници и формирање влада која ќе биде прифатлива за Советскиот Сојуз, Сталин прво ја окупира Литванија. Во наредните два дена, со исти ултиматуми ги окупира и Летонија и Естонија. За многу кратко време, советскиот и комунистичкиот стил на живот и страдање станува дел од секојдневието во Балтичките земји. Иако малобројни во минатото, комунистичките партии стануваат политички водачи, со цел спроведување на теророт на Сталин. Сопственоста била масовно национализирана, академските граѓани биле малтретирани, додека пак во текот на 1941 се спровеле масовни депортации во СССР и Арктикот, вклучувајќи и жени и деца.

На денешен ден, 23 август 1989 година, два милиони луѓе од три држави се здружија за да формираат човечки ланец од 600 километри меѓу Естонија, Латвија и Литванија. Силен мирен протест со кој се повика на независност од Советскиот Сојуз. Повеќе слики и сведоштва на следниот линк.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap