ВАКЦИНИТЕ НЕ СЕ ПРИЧИНА ЗА РАСТОТ НА НОВОЗАРАЗЕНИ И ПОЧИНАТИ ЛИЦА ОД КОРОНА-ВИРУСОТ

На социјалната мрежа Фејсбук масовно се споделува фотографија (линк, линк, линк) која што содржи бројки за тоа колку лица се заразиле и починале од корона-вирусот за секој ден посебно во септември 2020 и септември 2021 година, како и податок за тоа колку лица биле вакцинирани за истиот период. Ваквата објава има за цел да прикаже слика која што преку извртување на фактите ќе прикаже дека всушност вакцините се причината за зголемениот број на инфицирани и/или починати лица од корона-вирусот.

Фејсбук страницата “Разбуди се” е само една од многуте групи/лица кои ја објавија оваа фотографија, а којшто страница изобилува со антиваксерски постови кои не се базираат врз никакви докази. Напротив, преку извртување на фактите се прави директна дискредитација врз западната медицина за да се добие на кредибилност. Таков е примерот со нивниот пост кој што се однесува на заразени и починати во Велика Британија без никаков приложен доказ, а е идентичен како во намерата како и постот кој што се однесува за заразените и починатите во нашата земја.

 

Постојат случаи каде што целосно вакцинирани лица се заразуваат или починуваат поради корона-вирусот, но процентот во споредба со оние кои што не се вакцинирале, а се заразиле или починале, е многу мал. Вакцината нè штити од тешко справување со болеста и во висок процент спречува развивање на тешка клиничка слика, хоспитализација и смртен исход.

Ова е очигледен пример на злоупотреба на официјални податоци, преку занемарување на неколку важни факти кои влијаат на разликата во бројки во двата месеци. Исто така, овој пример ја покажува ранливоста на отворените и транспарентни општества кога станува збор за начинот на злоупотреба на официјални податоци.

Податоците кои што се прикажани на фотографијата се точни, но она што многу веројатно е намерно изоставено се фактите според кои месецот септември во 2020 се разликуваше во многу нешта од септември во 2021 година, нешта кои што и тоа како влијаеја за фактичката состојба на бројките. Имено, еден од фактите поради кој не можеме да правиме споредба на бројки на заразени и починати во септември лани и оваа година е делта сојот. Делта сојот се појави во Индија некаде кон крајот на минатата година, а вреден е да се напомене фактот дека истиот е многу лесно пренослив, како кај вакцинирани, така и кај невакцинирани лица.

Факт кој што исто така потврдува дека споредбата не треба да се земе предвид или дека не води до правилен заклучок е тоа што во септември минатата година Владата донесе неколку  мерки и протоколи за заштита на населението од заразување кои и тоа како влијаеја врз бројката на новозаразени и починати, нешто што не беше случај со септември оваа година. Па така на пример, градинките започнаа со работа после 9-ти септември 2020 година, додека пак учебната година започна на 1-ви октомври, со што можноста за пренесување на вирусот кај децата од претшколска и школска возраст беше минимален. Иста така и родителите на децата до шестгодишна возраст до 23-ти септември беа ослободени од работа. Кога е во прашање угостителството, во септември 2020 година на сила беше забраната за организирање на свечености со музика (свадби, матурски прослави, крштевки и сл.), нешто што не беше случај со септември 2021 година. Кината, театрите, оперските и балетските претстави, филмските проекции како и другите дејности од културата до 22-ри септември исто така не беа дозволени. Мерките кои се донесоа во 2021 година важеа само за невакцинираните лица, односно секој оној кој ќе прикаже сертификат за барем една примена доза од вакцина против корона-вирусот не е ограничен да посети угостителски објект или пак да организира некаков вид на прослава или настан.

 

Според сите горенаведени факти може да се заклучи дека споредбата на бројките на новозаразени и починати за месец септември 2020 и 2021 година е неоснована, а уште помалку може да се донесе заклучок дека вакцините се виновни за бројот на новозаразени или починати. Како дополнителен факт е податокот за тоа колку од новозаразените и починатите во месец септември 2021 година биле целосно имунизирани. Истражување од француската научна група “Епи-Фаре” направено врз 11 милиони вакцинирани лица постари од 50 години и 11 милиони невацкинирани лица од истата возрасна група покажало дека вакцините против Ковид-19 го намалуваат ризикот од хоспитализација и смртност за 90% кај луѓето постари од 50 години. Ова истражување се однесува само на вакцините “Фајзер/Бионтек“, “Модерна“ и “Астра Зенека’.

Вакцинирајте се!

Share via
Copy link
Powered by Social Snap