Теорија спротивна на историските факти се споделува во клучни моменти за државата низ годините, помеѓу лицата кои ја споделиле е и доктор на науки

Секогаш кога Северна Македонија ќе направи некој значаен чекор на својот западен курс, „сосема случајно“ во медиумскиот етер започнува да се објавува и споделува влијание кое доаѓа од Русија. Од овој тренд не е исклучена ни моменталната ситуација, кога на државата треба да и биде одобрена рамката за започнување на преговори со Европската Унија. На 16-ти ноември, професорката Тања Каракамишева на својот фејсбук-профил објави скриншот од текст а во описот напиша „Добро утро славни Македонци…големо ни е името, затоа сакаат да не уништат!“

Како што може да се види на скриншотот, до моментот на пишување на нашата статија постот има над 2.000 интеракции и 750 споделувања, бројки кои што докажуваат дека објавата допрела до голем број на фејсбук-корисници за релативно кратко време. Главната поента од текстот во скриншотот е дека Русите и Московитите (назив за Русите за време на средниот век) биле потомци на античките Македонци и дека го зборувале јазикот на кој што некогаш зборувале античките Македонци. Не успеавме да најдеме податок за тоа дали во Московската народна библиотека се наоѓа Летопис од VII век, но секој оној кој учел историја во основно училиште знае дека оваа теорија е спротивна на историските факти кои говорат дека во шестиот век Словените (од каде потекнуваат и Русите) започнале преселба на североисток и југозапад од областа која се наоѓа северно од Карпатите, така што во никој случај Русите не би можеле да бидат потомци на античките Македонци.

Она што беше поинтересно за истражување е дали и кога овој запис се појавувал на интернет и на социјалните мрежи. Тимот на Ф2Н2 успеа да пронајде докази дека тој е присутен од 2007 година сè до денес, па затоа хронолошки ќе ви прикажеме како оваа објава се рециклирала и се објавувала низ годините. Да започнеме со ред:

2007 година – Ваквото тврдење произлегува од излагањето на историчарот Петар Поповски во емисијата “Во центар”, емитувана во 2007 година.

2012 година – Првиот пишан запис кој тимот на Ф2Н2 успеа да го пронајде е објавен на strumjan.blogspot.com, на 27 март 2012 година.

2014 година – Записот е објавен на веб-страницата Македонска нација, на 13 август 2014.

2016 година – Историчарот Петар Поповски повторно гостувал во емисијата “Во центар” каде што зборувал на истата тема (датумот на кој е емитувана емисијата не е познат, поради тоа што видеото е тргнато од Јутјуб), но исечок од неговото гостување е објавен на фејсбук-страницата “Sekula Vojvoda Fan Club”, на 14 јануари 2016 година.

2018 година – На 9 март 2018 година, потполно истиот запис е објавен на фејсбук-страницата “Македонија и Русија † Православен Сојуз”. На 14-ти август истата година, постот е објавен на порталот Дудинка, а истиот ден е објавен и на фејсбук-страницата “Миленко Неделковски” (порталот Дудинка е во сопственост на Миленко Неделковски). Следниот ден, на 15-ти август исечокот од цитатот е објавен на порталите Vesnik-Ilinden.com и Horoskop-krajnicki.com. Цитатот е објавен на порталот Pogled.mk на 16-ти септември 2018 година, а на 22-ри истиот месец, на порталот Makedoniaese.com.

2019 година – Веб-страницата “Македонска нација” повторно ја објавила изјавата на Петар Поповски на 18 септември 2019 година.

2020 година – На 15 август оваа година, фејсбук-страницата “Makedonija na Makedoncite” го објавува цитатот, со тоа што во постот е спомната и посетата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов во Кремљ во 2017 година, а објавено е и видео од изјава на претседателот на Русија, Владимир Путин, дадена на 24 мај 2016 година. Вредно да се напомене е дека објавата брои повеќе од 1.200 споделувања. Истиот ден, постот го реобјавила фејсбук-страницата “Види Види”. На 12 ноември, фејсбук-страницата “Македонија и Русија † Православен Сојуз” повторно го објавила, односно го реобјавила постот од страницата “Sekula Vojvoda Fan Club” објавен во 2016 година. Како што можеме да заклучиме од почетокот на нашата статија, последната објава на овој запис е на профилот на професорката Тања Каракамишева. Единствен портал кој што го објави нејзиниот пост е порталот Makedonskivesnik.com.

Цели осум години, еден ист запис, кој неточно ја презентира историјата, кружи на социјалните мрежи и медиуми, а за првпат е објавен пред 13 години. Претпоставуваме дека и во иднина повторно ќе се појавува, затоа што влијанието кое што доаѓа од Русија, а се однесува на Балканот е секогаш присутно. Овде може да дознаете повеќе за руското влијание во Северна Македонија.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.