Деновиве, често сме сведоци на бројни дезинформации кои се споделуваат преку социјалните мрежи. Во нив се опишува дека постои тајна операција за поставување 5G антени, за време на активностите кои се преземаат со цел спречување на ширењето на коронавирусот.  Ова не е точно. Не постои сценарио за тајно поставување на 5G мрежата во Северна Македонија.

Во најновата дезинформативна акција се посочува дека ситуацијата со коронавирусот се искористува со цел  да биде поставена 5G мрежа.  Наративот за лажната акција за поставени 5G антени со поткрепува со фотографии објавени од страна на поединци во групи на социјалните мрежи.

Преку социјалните мрежи се пишува дека во тајност на некои места се поставени антени за 5G, а за тоа да се изведе се користи полицискиот час.

Регулаторот кој ќе го спроведува поставувањето на 5G мрежа во Северна Македонија е Агенцијата за електронски комуникации.  Никој без  согласност на АЕК не може да преземе поединечна активност.

Националниот оперативен бродбенд-план за пристап до побрзи и подобри интенет услуги во согласност со стандардите на ЕУ  беше усвоен на седница на Владата во 2019та. Според планот, утвредено е дека до крајот на 2023 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2025 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата ќе мора да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.

Во националниот oперативен бродбенд-план е испланирано дека до крајот на 2027 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал и дека до крајот на 2029 година секој граѓанин на нашата земја ќе има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

Во изминатиот период агенцијата АЕК спроведе мерења на нејонизирачко зрачење,  со цел да се види придонесот од новата 5G НР технологија од тест мрежата на Македонски Телеком. Во периодот на мерењата, активни биле две станици, едната од зградата на Македонски Телеком, а другата од зградата на ТК Центар. Мерната точка била пред зградата на АЕК на 160 метри од првата базна станица.  Резултатите од реализираното истражување,  АЕК ги објави на 18.12.2019 и се достапни на следниов линк.

„Нема простор за загриженост за штетност од зрачењето на новите технологии во електронските комуникации, како и идната примена на 5G технологијата“-  порача пред медиумите директорот на Агенцијата за електронски комуникации-АЕК Сашо Димитријоски за време на презентирањето на резултатите од истражувањето.

Поставувањето на 5G антените не може да се направи тајно. За да се реализира, мора да биде објавен тендер од страна на АЕК.

Според информациите, АЕК до крајот на годинава ќе ги објави тендерите за 5G спектрите.  Во меѓувреме, до 20 април е продолжен рокот во кој до АЕК може да се достават мислења и забелешки од заинтересираните страни за издавање одобрение за користење радиофреквенции за 5G технологијата.  Продолжувањето на рокот според АЕК е направено поради доставените барања за продолжување од страна на двата мобилни оператори.  Македонски Телеком побарале продолжен рок за мислење и забелешки до 15 април,  а А1 Македонија, пак, до 20 април.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.