На 28 октомври Радио МОФ организираше дискусија на тема „Јасно и гласно - Како да излеземе од теориите на заговор?“. Дискусијата беше насочена кон следните прашања: Зошто овие содржини се толку привлечни за голем број луѓе? Како се шират и како можеме да се заштитиме од нивното влијание?Говорници на дискусијата беа комуникологот и експерт за нови медиуми, Бојан Кордалов, програмскиот менаџер на F2N2, Росана Алексоска, и Владимир Петрески од Сервисот за проверка на факти од медиумите.Во продолжение следи излагањето на Росана Алексоска.Генерално, во овој период на светска криза којашто е предизвикана од пандемијата на корона-вирусот секојдневно забележуваме дезинформации, а една од формите во кои тие се појавуваат се и теориите на заговор. Она што е интересно е дека теориите на заговор не се нова појава, постојат многу долг временски период, а уште поинтересно е што во историјата не е првпат да сведочиме на теории на заговор за потеклото на одреден вирус. Значи ние секојдневно гледаме лажни наративи, коишто ни велат дека корона-вирусот е вештачки, дека е измислица, дека не постои, не е толку опасен, дека сево ова е сценарио за некоја светска влада да може не контролира.Ако се направи паралела за тоа кога првпат се појавила сидата и вирусот што ја предизвикува болеста, тогашниот Советски Сојуз започнал дезинформативна кампања дека ХИВ вирусот е биолошко оружје креирано од САД. И бидејќи тогаш немало интернет, најпрво во 1983-та година, во еден индиски нискотиражен весник, било објавено писмо од т.н. американски научник дека всушност американски научници стојат позади ХИВ вирусот. Понатаму, ова писмо и оваа сторија се воскреснува повеќе пати во текот на подолг временски период, на пример потоа во 1985-та, 1987-ма, и работава стигнала до таму што дури и кредибилни медиуми започнале да ја објавуваат оваа дезинформација.Значи не е првпат човештвото да се соочи со дезинформативни кампањи, нив ги имало и порано, но она што е особено важно е дека и тогаш, а и сега, дел од овие теории на заговор имаат антизападен сентимент и се користат за преку нив да се нападнат западните демократски општества. Примери за тоа има многу и не би навлегувала во детали.Појавата на новите социјални медиуми донесе многу придобивки, меѓутоа донесе и ризици, односно платформите како Фејсбук и Твитер многу често се злоупотребуваат, и јас тука имам малку поинакво гледиште од тоа дека платформите се најмногу виновни за тоа што ни се случува и за ширењето на дезинформациите и теориите на заговор. Да, тие имаат улога, но гледаме дека во последниот период започнаа да преземаат посериозни мерки, па многу често читаме како укинале цели мрежи на фабрики со тролови, фејсбук-профили, фејсбук-страници итн.Дезинформациите се опасни и се многу поопасни отколку целосно лажните вести. За вторите знаеме дека се комплетно лажни и тоа е тоа, меѓутоа кога зборуваме за дезинформациите, суштинското нешто што треба сите да го разберат е дека имаме работа со полувистини.На денот кога Северна Македонија стана членка на НАТО, 27-ми март, кај нас се спроведе дезинформативна кампања, за којашто по сите карактестики може да кажеме дека беше сериозно испланирана и добро организирана. Целта беше да се сврти вниманието на обичните граѓани, наместо да се радуваме сите на постигнатиот историски успех, а тоа е членството во НАТО.  Тоа беше микс, преку теорија на заговор дека 5Г мрежата го предизвикува корона-вирусот, дека има негативни ефекти врз птиците, имаше неколку различни варијации на таа тема. Мислам дека сите може да се сложиме дека како членка на НАТО, нашата земја може да биде предмет на вакви слични дезинформативни кампањи, особено во клучни временски периоди историски за нашата држава.Профитот, и тоа кој профитира од ова, можеме да го анализираме на неколку нивоа. Прво, да речеме дека имаме луѓе којшто сакаат да заработат пари па почнуваат свој “бизнис” со одреден интернет сајт, којшто не можеме да го третираме како медиум, заради тоа што тоа се пишувачи на текстови, а не вистински новинари.Е сега, од целата оваа ситуација губат кредибилните медиуми и кредибилните новинари. Тука зборуваме за новинарски агенции којшто имаат сериозни новинари, имаат уредувачка политика, следат одредени правила и стандарди: уредуваат текстови, истражуваат, преведуваат, снимаат. Значи тоа е огромна работа, и сега нивниот дел од маркетинг-колачот го зема некој пишувач на текстови што прави copy-paste и којшто со едно кафе од дома на интернет ќе обезбеди голем број на кликови со сензационалистички наслови во текот на денот. Клучното прашање е кој губи, а секако не смееме да го занемариме и оној другиот дел, а тоа е се додека постојат домашни фактори коишто имаат ќар, било да профитираат или да дезинформираат, се дотогаш ќе бидеме отворени за надворешни малигни влијанија. Не е ништо ново односот и мешањето на Русија во внатрешните работи и во внатрешните проблеми на многу земји во светот, особено во демократските западни развиени општества.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.