ОПИС

НАТО сојузниците ги извисија САД и го напуштаат Ирак поради КОВИД-19!

Оригинален наслов: Франција, Чешка, Британија и Другите НАТО Сојузници ги Извисија САД и го Напуштаат Ирак Поради КОВИД-19!Порталот Коложег.инфо во својата статија ги нарекуваат САД “глобалофашисти”, и притоа тврди дека наводно “НАТО сојузниците под оправдување на Ковид-19, си заминаа од Ирак и ги оставија САД сами и на цедило”. Понатаму, во текстот се пласира теорија на заговор дека Ковид-19 “го забрзува распадот на НАТО, ЕУ и другите нивни заморени, нелегитимни, распаднати институции кои беа маша во нивната болна желба за тоталитарна и вечна власт над сите нас”. Во текстот се наведува дека и покрај Ковид-19 САД не планираат целосно повлекување од Ирак, но наводно “пошироката Ирачка популација бараат нивно конечно заминување”.

Повикувајќи се на наводна објава од АФП, порталот во својата статија тврди дека Велика Британија, Франција, Австралија и Чешка “биле привремено испратени дома од Багдад и го ставија во мирување обуката и операциите за да се спречи ширењето на COVID-19”.

Последно, но не и крајно, во текстот е прикажана слика од  пост објавена на профилот на твитер корисникот Елајџа Магниер, кој го објавува следново:

“…#Коронавирусот му нуди можност на светот да се одвои од доминацијата на #US и да формира нови сојузи. #Русија и #Кина повеќе не се непријатели на сојузниците на САД. #Вашингтон ќе остане сам само со неколку бродови. Светот после Коронавирусот веќе нема да биде ист…”

На крајот, споделува уште една слика со пост објавен на фејсбук страната на Родина, во која тие повикуваат на “прекин на папочната врска на Македонија со глобалофашистичките елити и поврзување во нови сојузи со суверените братски слободолјубиви народи”.

Линк до архивираниот оригинален натпис овде.

  1. Опсегот на ширење на лажната вест на социјалните мрежни.

Само на нивната фејбук страница, оваа објава имала 93 импресии и 138 споделување. Но, вкупното споделување на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Редит и Инстаграм изнесува:Според статистиката на CrowdTangle, страниците и профилите на кои оваа вест била споделувана на Фејбрук (14 ФБ страници) и на Твитер, имаат максимален опсег од 106,259 следбеници.

ФАКТ/И

Порталот Коложег.инфо, преку свесно и тенденциозно извртување на делумно точни информации креира теорија на заговор за наводно неединство меѓу сојузниците. Во статијата никаде не е наведено кој е авторот на текстот, туку само се наведува името на порталот – Коложег.

Главната карактеристика на овој текст е говорот на омраза против САД и ЕУ и повикувањето на Македонија во нови братски сојузи со Русија. Овој портал на својата интернет и фејсбук страница во континуитет објавува статии со анти-НАТО, анти-ЕУ и анти-САД наративи. Оттука, и повеќе од јасно е мотивацијата за пишување на вакви статии кои имаат за цел да ги претстават нашите најголеми стратешки партнери САД, НАТО и ЕУ во негативна конотација.

Имено, насловот на статијата и текстот не коренспондираат еден со друг. Во насловот, се наведува дека наводно “сојузниците ги извисија САД и го напуштаат Ирак поради Ковид-19”, додека пак, во текстот се наведува дека трупите на гореспоменатите земји “биле привремено испратени дома”.

Не е точно дека сојузниците целосно се повлекле од Ирак, а уште помалку дека ги оставиле САД на цедило. Тоа што е точно е дека, кон крајот на март, Велика БританијаФранција и Чешка повлекоа дел од своите трупи од Ирак, со цел зајакнување на националните капацитети за справување со Ковид-19 во нивните земји. Но, и КанадаШпанијаПортугалија, и Холандија го сторија истото, како и САД кој сеуште имаат околу 5,000 војници во Ирак. Претходно, и ГерманијаСловачка и Хрватска повлекоа дел од своите војници, а дел ги прераспоредија во други делови од Ирак или во соседните земји, поради влошената безбедносна состојба во Ирак после убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани. Во Ирак се активни две одделни мисии. Едната е Тренинг мисијата на НАТО, а другата е Глобалната коалиција предводена од САД. Тоа што е заедничко за двете мисии е дека станува збор за неборбени мисии за обука и советување на ирачките безбедносни сили за успешно управување и борба со ИСИС. Дополнително, членот 5 од Североатлантскиот договор предвидува колективна одбрана – напад на една земја членка на НАТО се смета за напад на цела Алијанса. Оваа одредба гарантира дека ниту еден сојузник нема да биде оставен на цедило, вклучително и САД.

Повлекувањето на дел од војниците е привремено поради одложувањето на мисиите во Ирак за 60 дена. На официјалната веб страна на НАТО, а во однос на мисијата во Ирак, се наведува дека “во март 2020 година, НАТО мисијата во Ирак привремено ја суспендира обуката и дел од својот персонал го пресели надвор од Ирак. Оваа одлука се должи на кризата со КОВИД-19 и безбедносната состојба во Ирак. Сепак, мисијата одржува присуство во Ирак. Персоналот на НАТО во Ирак, заедно со нивните ирачки колеги, продолжуваат со планирањето идни активности насочени кон правење на ирачките сили посилни, поодржливи и поинклузивни…”

На прес конференцијата по завршувањето на состанокот со министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, одржана на 02 април 2020 година, генералниот секретар Јенс Столтенбер изјави дека министрите се согласија да ја зајакнат мисијата за обука во Ирак, преземајќи дел од обуките на Глобалната коалиција. Оттука, не е точно дека НАТО се распаѓа, напротив, тие се обединетите како никогаш до сега во борбата со коронавирусот и приоритот е ставен на доставување помош за најпогодените земји од овој вирус.

Не е точно дека пошироката ирачка популација бараат конечно заминување на САД од Ирак. Имено, на почетокот на јануари 2020 година, Ирачкиот парламент изгласа необврзувачка резолуција за повлекување на САД од Ирак. Резолуциите на парламентот, за разлика од законите, не се правно-обврзувачки за владата на Ирак и трупите на САД се сеуште таму.

Порталот Колежег.инфо се повикува на наводна објава на АФП за повлекување на војниците од Британија, Франција и Чешка која е хиперлинкувана во текстот, и доколку кликнете на тој линк, истиот ќе ве однесе до статијата  на порталот France24.com со наслов “Ракетите ја погодија ирачката Зелена зона, коалицијата предводена од САД ја напушта базата”. На овој начин, преку погрешно наведување на читателите и извртување на официјалните информации, целта на порталот е да ги дискредитираат САД.

Понатаму, во текстот се повикуваат на меѓународни дописници, а прикажана е само една твитер објава од Елајџа Магниер, кој е политички аналитичар и изестувач од кризните и воените подрачја и  меѓународен директор на Алраи Медиа Груп од Кувајт.  Но, мислењето на една личност изразено во форма на твитер пост, неможе и не смее да се претставува како генерално мислење на целата меѓународната новинарска јавност. Доколку го посетите неговиот личен блог, ќе најдете многу текстови со про-руска и про-кинеска содржина.

На крајот од текстот е споделена уште една слика со пост објавен на фејсбук страната на Родина, и доколку ја прочитате статијата објавена на нивната фејсбук страна, ќе увидите дека тие користат говор на омраза против владата на Република Северна Македонија и земјите од Западниот Свет (ЕУ и САД). Но, ова не е единствен пост кој е споделен од Родина. На фејсбук страната на Коложег.инфо можат да се најдат објави на бројни соопштенија на Родина, како и други статии кои имаат анти-САД, анти-НАТО и анти-ЕУ наратив.

Авторот користи строго селектирани извори кои шират анти-НАТО и анти-ЕУ наративи, и врши извртување на вистинските факти. Тимот на F2n2.mk  го цени овој пост како пропаганда и дезинформација чија цел е дискредитирање на НАТО сојузниците и ЕУ, и преку ширење на теории на заговор за нивно наводно распаѓање да создаде раздор помеѓу сојузниците.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.