ПОВТОРНО СЕ РЕЦИКЛИРА НАВОДНОТО СЦЕНАРИО ЗА ПОДЕЛБА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА МЕЃУ БУГАРИЈА И АЛБАНИЈА

Добро е што скоро 6 месеци подоцна може да се констатира дека Република Северна Македонија има целосна поддршка од западните партнери и претставува симбол на стабилност и надминување на проблемите преку диалог и преговори. Ова се дел од вредностите на Европската Унија и прогресивниот свет кон кој како држава се стремиме.

На 7-ми февруари 2021 година, на веб-порталот infomax.mk беше објавен текст со наслов: “Голема Албанија или Голема Бугарија?: Македонија пред федерализација, ЕУ и САД молчат”. Текстот е преземен од порталот Спутник (регионалното претставништво на руската државна информативна агенција) кој претставува една од клучните алатки во стратешкиот план за ширење на руската пропаганда.

Тимот на ФН пронајде текст објавен во 2018 година на руски портал кој што има идентични тези како оној објавен на Спутник. Автор на овој текст е Алексеј Фененко, професор на факултетот за светска политика при московскиот државен Универзитет, кој исто така е дел од рускиот совет за меѓународни односи каде како експерт третира прашања од безнедносен карактер, редовно критикувајќи ги НАТО, САД и западните сојузници.

Очигледно анти-ЕУ наративите произлегуваат од Русија и истите во многу осетливи моменти се пласираат во јавноста. Во содржината на текстот авторот се осврнува на излагањата на Ристо Никовски (поранешен македонски амбасадор во Лондон, Тирана и Москва) по повод изјавата на бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, дека Северна Македонија може да стане членка на ЕУ само ако се приклучи на Бугарија или стане албанска покраина. Значи, изборот е – или Голема Албанија или Голема Бугарија.

Текстот на infomax.mk има 660 интеракции и истиот е споделен на 7 фејсбук групи/страници кои имаат повеќе од 220.962 следбеници.

Ваквите сценарија за Голема Албанија кои нагласуваат дека Западот поттикнува криза во земјава и дека САД е „врховен водач“ на бугарската реторика за имплементација на договорот за добрососедство, повторно се актуелизираат во сензитивен период кога државата води важни преговори. За дезинформации и лажни наративи за Голема Албанија тимот на FN има објавено анализа на 18 февруари 2019 година, каде што може да се види дека и во минатото порталот infomax.mk пласирал текстови поврзани со сценаријата за „Голема Албанија“.

Проруските ставови на Никовски и се добро познати на јавноста уште од 2013 година, преку неговиот ангажман на интернет страницата Руска реч на македонски. Печатеното издание на оваа страница излегува еднаш месечно, како додаток во дневниот весник Нова Македонија. Овој медиум како што е посочено е креиран со цел низ креативна и конструктивна дебата да се интензивираат македонско-руските релации, како и да се продлабочи соработката и разбирањето помеѓу двата народа и култури. Сепак, објавите изобилуваат со анти-западни наративи и наративи насочени против Евро-атлантските интеграции на земјата какви што се и ставовите на Ристо Никовски. Не е првпат порталот Спутник да го користи Никовски како свој соговорник, со цел да и се наметне на јавноста наводното сценарио за поделба на Северна Македонија. За оваа руска информативна агенција (финансирана од Кремлин) која води потекло од РИА Новости, тимот на FN има напишано анализа на 23-ти јуни 2019 година.

Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија нема одредби за територијална поделба на нашата земја. Исто така, ниту во условите кои беа поставени од Бугарија за одобрување на преговарачката рамка не се содржани територијални претензии на оваа земја кон Северна Македонија.

Преспанскиот договор го обезбеди влегувањето во НАТО на Северна Македонија, која после 30 години стана држава целосно интегрирана во најголемиот светски воено-политички блок. Со влегувањето во Алијансата, Северна Македонија буквално има придобивки од аспект на безбедност, воен развој и управување за време на криза, а исто така и на економски план, преку достапноста на високата технологија од страна на развиени земји-членки на НАТО. Ова се потврди низ примерите на сите земји што се интегрираа во ЕУ и НАТО изминативе години.

Не постои  сценарио за поделба на Северна Македонија. Одредени портали упорно го наметнуваат тој наратив во сензитивни политички моменти кога земјата се соочува со сериозни предизвици, се со цел да и наштетат на евро-атланстката интеграција на Северна Македонија.

Дека ваквите сценарија се производ на структури кои имаат за цел да внесат страв и паника кај граѓаните, како и дополнителни поделби во општеството во Северна Македонија и во поширокиот регион доказ е Преспа форумот 2021 на кој недвосмислено западните партнери на Северна Македонија изразија поддршка за евро-атлантскиот пат на државата. Меѓу оние претставини кои изразија поддршка се најдоа помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот на САД Филип Рикер, заменик-помошник секретарот во Бирото за европски и евроазиски работи во Стејт департментот на САД, Метју Палмер, Мирослав Лајчак, министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Костас Фрагоџианис како и многу други.

Оттука станува јасно дека објавите и тезите за поделба на Република Северна Македонија помеѓу Албанија и Бугарија имаат за цел да внесат немир и страв кај граѓаните, како и да предизвикаат поделби во општеството и поширокиот регион. Извртувањето на факти и дискредитацијата на процесот на интеграција во Европската Унија имаат исто така за цел да го зголемат евро-скептицизмот и да ја намалат довербата во институциите кои го водат процесот.

За жал, креативноста на поединци и групи кога станува збор за “разнебитувањето” на македонскиот идентитет не познава граници. Добро е што скоро 6 месеци подоцна може да се констатира дека Република Северна Македонија има целосна поддршка од страна на западните партнери и претставува симбол на стабилност и надминување на проблемите преку дијалог и преговори. Ова се дел од вредностите на Европската Унија и прогресивниот свет кон кој како држава се стремиме.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap