ТРАМП И КОВИД-19 ПОТТИКНАА КЛИК-БЕЈТ БУМ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Kликбeјт индустријата во Северна Македонија напредува преку компании кои продуцираат огромен број статии во стилот на таблоиди на интернет за да заработат пари од интернет реклами, фокусирајќи се на сензационализмот на корона-вирусот и повторната кандидатура на Доналд Трамп.

Елена сонуваше дека еден ден ќе застане на чело на сопствена агенција за маркетинг. Таа е веќе пет години во маркетинг-сферата и работи во една од десетте најголеми маркетинг-агенции во Северна Македонија, со седиште во Скопје. Таа започна како менаџер, работејќи со мали клиенти.

Елена, која се опишува себеси како енергична и амбициозна, брзо напредувала откако се приклучила на агенцијата и била вклучена во тим кој работи со поголеми клиенти. Таа добила повеќе одговорности, посетила курсеви и присуствувала на предавања и конференции низ Европа за да стекне повеќе вештини, за да може еден ден да премине на креативната страна од бизнисот.

Но, тогаш КОВИД-19 пандемијата ги ​​намалила приходите на компанијата и ја трансформирала нејзината работа во нешто сосема друго. Од мај оваа година, таа е прераспоредена да преведува статии од англиски и српски медиуми на македонски јазик, како и од српски на англиски јазик, прилагодувајќи ја содржината за да создаде кратки, сензационални статии со наслови што веднаш ќе го привлечат вниманието на читателот – т.н. клик-бејт.

„Некогаш сонував дека ќе создадам кампања за [американскиот моден дизајнер] Марк Џејкобс, сега цел ден само преведувам статии “, рече Елена. „Мојата шефица вели дека тоа е истата работа, креирање содржина – но дали е навистина така?“

Статиите што се пишуваат во маркетинг-агенцијата кадешто работи Елена се објавуваат на разни веб-страници со цел да генерираат приходи од интернет реклами, како и да бидат објавени во низа групи на Фејсбук за да генерираат кликови. БИРН не ја именува компанијата за да ја заштити анонимноста на Елена, кое не е нејзиното вистинско име.

Elena showed BIRN her corporate and private emails dating from May 21 to October 2.

Елена им ги покажа на БИРН своите деловни и приватни електронски пораки во периодот од 21-ви мај до 2-ри октомври. „Погледнете само еден работен ден. Апсолутни глупости за перење мозок “, рече таа додека покажаше стотици електронски пораки испратени до 18-те вработени кои ги преживеале кратењата на вработени во јули и сега биле прераспределени да работат на создавање на клик-бејт содржините, што тие го нарекуваат „валкани алишта “.

На прашањето да објасни зошто го нарекуваат тоа така, Елена остро одговори: „Како професионалец сметам дека нема етика во она што го правиме. Нема професионален предизвик, ниту пак возбуда. Само очајно ми треба работата“, рече таа.

„Како феминистка и бисексуалка, не ми е пријатно да создавам клик-бејт објави за написи од типот„ Немате идеја што му стори на своето момче кога откри дека е хомосексуалец. Сега тој ја плаќа цената пред Бога “, објасни таа.

Таа рече дека вработените во агенцијата биле шокирани што директорот на компанијата бил подготвен да се вклучи во објавувањето на клик-бејт статии. Никогаш не им бил кажан идентитетот на клиентот или клиентите кои плаќале за приказните што ги произведуваат, а вистинскиот однос помеѓу агенцијата и веб-страниците што ги објавуваат статиите е нејасен.

Според Елена, директорот едноставно им рекол: „Засега, ќе мора да се прилагодиме. Ова е она што ни носи пари, јас не го измислив, но има луѓе со огромен бизнис што работат исклучиво со интернет реклами. Ова е сегашната реалност.“

Во 2016 година, светските медиуми објавија дека се креирани повеќе од 100 веб-страници во Северна Македонија наменети за читатели во САД пред претседателските избори таа година, и повеќето од нив создавале лажни вести со цел зголемување на поддршката на кандидатурата на Доналд Трамп. Луѓето се воодушевуваа од тоа како младите Македонци, илјадници километри оддалечени од САД, заработуваат пари од лажни вести за американските избори.

Четири години подоцна, некои клик-бејт сајтови во Северна Македонија сè уште продуцираат про-Трамп статии. Но, сега се вклучија и претприемници и компании без политичка агенда, гледајќи можност да заработат лесни пари со масовно производство на сензационални содржини за изборите во САД и КОВИД-19 што генерираат приходи од интернет реклами.

БИРН разговараше со четири маркетинг-агенции во Северна Македонија кои се вклучени во создавање клик-бејт содржини за меѓународни клиенти – две од нив исто така создаваат статии за домашни веб-страници. Бидејќи бизнисот со рекламирање и маркетинг во земјата е сериозно погоден од пандемијата, тие сметаат дека тоа е еден од единствените начини да опстанат во бизнисот.

 

Изборите во САД ја менуваат агендата

Околу 60 проценти од содржините креирани од агенцијата кадешто работи Елена биле клик-бејт материјал за КОВИД-19 – емотивни приказни за преживеани, потресни изјави од лекари во болници, што изјавиле светските лидери на социјалните мрежи, што прават или не прават славните за да се заштитат од корона-вирусот, како и теории на заговор и статии за познати луѓе кои мислат дека КОВИД-19 не постои. Другите теми вклучувале политика, здравје и убавина.

Статиите, претежно преведени од веб-страниците на српските или хрватските таблоиди, генерално биле презентирани со наведувачки наслови напишани со големи букви: „Вака сакаат клиентите, вели нашиот шеф“, објасни Елена.

На 6-ти септември, меил од директорот утврдил нов приоритет за вработените во агенцијата: масовно производство на клик-бејт статии за Доналд Трамп. „Дечки, како што знаете, се ближат изборите во САД. Ги следевме трендовите и ги зголемуваме рекламите на интернет. Тоа е она што сите го читаат сега. Трамп, Трамп, Трамп, само следете го тоа и внатрешната политика на САД“, се вели во меилот.

На 6-ти октомври, друг меил од директорот на 2-ри октомври: „Ве молиме, следете го и твитер-профилот на Доналд Трамп, особено сега откако се зарази со КОВИД-19. Клиентот сака наслови кои се адаптирани од видеата што ги споделува. Обидете се да земете твитови кои се полуди или оние во кои тој им се потсмева на либералите, односно на неговите противници “, се вели во него.

Елена истакна дека клиентите не биле заинтересирани да имаат каква било статија за Трамп, туку претпочитале позитивни содржини. Нејзе и на нејзините соработници и биле дадени најмалку 20 групи на Фејсбук со имиња како „Трамп за САД“ или „Конзервативците за Трамп“, кои требало да се користат како извори на содржина. Им било кажано дека можат да користат било што како изворен материјал за клик-бејт статии, дури и мемиња. Од нив било побарано да доставуваат „најмалку 30 статии на ден“, рече таа.

Елена рече дека видела најмалку пет наслови што таа лично ги создала, кои ги споделиле стотици други медиуми. Таа смета дека целиот феномен на клик-бејт е вознемирувачки. „Како читател, не би сакала медиумите и новинарите да работат вака“, рече таа. „Како маркетинг лице, никогаш не сонував дека би го правеле ова. Како граѓанин, искрено, сметам дека ова е опасен тренд. Ова станува голема индустрија.“

 

Врската Трамп и Македонците

Меѓу предлозите што Елена и нејзините колеги ги добиле за извори на содржини била веб-страницата со име Тилт њуз (TiLT News), чиј слоган е „нефилтриран конзервативизам“. Нејзиниот шеф го опишал како „одличен извор, според клиентот, збир на најважните твитови и објави на Фејсбук од Доналд Трамп“. Некои наслови на TiLT News исто така ги пренасочувале читателите до познати американски десничарски и про-Трамп страници како, што е Брајтбарт њуз (Breitbart News).

Напорите на БИРН да откријат кој стои зад Тилт њуз доведоа до озлогласените веб-страници што работеа од Велес и Куманово за време на претседателските избори во САД во 2016 година, со цел да влијаат на резултатот преку ширење позитивни вести за Трамп и напади врз неговата противкандидатка Хилари Клинтон.

Повеќе од 100 веб-страници со имиња како DonaldTrumpNews.co и USADailyPolitics.com биле креирани од адвокат од Северна Македонија, кој работел со американски партнери од конзервативна провениенција.

Нема податоци за сопственикот на Тилт њуз на нивната веб-страница, поради тоа што неговата анонимност е заштитена, а таа може да се купи за 15 долари годишно од регистраторот на интернет домени и компанијата за веб-хостинг „GoDaddy“. Сепак, БИРН откри дека меил адреса што била користена за регистрирање на Тилт њуз, [email protected], била искористена и за регистрирање на некои од конзервативните, про-Трамп клик-бајт веб-страници во Северна Македонија, кои работеле во 2016 година.

Еден од инволвираните бил Александар Филиповски, кој во 2016 година работел на креирање на про-Трамп содржини во име на американското конзервативно лоби. Врските до веб-страниците на Филиповски кои биле регистрирани во 2015 и 2016 година се веќе отстранети од Фејсбук и Твитер, Но неговата мрежа на лажни профили на Фејсбук сè уште постои, користејќи профилни слики од „PhotoShopped“, кои тешко може да се идентификуваат како лажни. Овие лажни профили споделуваат статии од Тилт њуз на стотици фејсбук- страници на американските конзервативни групи, како и на групите на воените ветерани и други про-Трамп групи.

 

Како функционира бизнисот со кликбејт

За да го објасни бизнис-моделот на кликбејт, БИРН разговараше со Александар Велковски, 28-годишен банкарски службеник од Скопје, кој заработува пари на страна со одржување на пет различни веб-страници, три на англиски и две на македонски јазик.

Велковски рече дека по креирањето на нивните веб-страници и плаќањето на надоместокот за да ја задржат нивната сопственост анонимна, претприемниците со клик-бејт треба да стекнат повеќе од 30 лажни фесјбук-профили за да ги користат за промовирање на нивните статии.

„Потоа [лажните профили треба] да се приклучат на што поголем број фесјбук-групи, затоа што не сте вистински бренд за вести, никој не ве познава и ви требаат само кликови за да имате интернет реклами“, рече тој

Потоа, лажните профили ги објавуваат клик-бејт статиите во фејсбук- групите. „Од група од 150.000 члена, најмалку 30 проценти ќе кликнат [на клик-бејт линк]. Ако темата е моментално „жешка“, како што се изборите во САД или КОВИД-19, од интернет реклами за една статија може да се заработат од 100 до 300 американски долари, продолжи тој.

Велковски самиот не произведува содржина, но ја нарачува од разни добавувачи. „Јас можам да платам добавувач на содржини за англиски вести 1.000 долари месечно, а згора на тоа имам уште две лица од Скопје кои ги плаќам по 400 евра, а остануваат пари и за мене. Нема да ви кажам точно колку, но нешто повеќе од двојно од трошоците.“

Росана Алексоска, директорка на Ф2Н2, граѓанска организација за проверка на фактите, која исто така истражува дезинформативни наративи, рече дека клик-бејт претприемниците сега не само што ги промовираат своите страници користејќи мрежи на лажни профили на Фејсбук и Твитер, туку сега сè повеќе и на Инстаграм и Телеграм. „Колку се поголеми вашите платформи на социјалните медиуми, толку е поголема и вашата заработка“, рече таа.

Кога станува збор за дезинформтивните кампањи, Алексоска сугерираше дека „повеќето од овој вид содржини се поврзани со конзервативни и ултрадесничарски политики и мислења“. Некои страници се водени идеолошки, а некои имаат матни врски со Русија. Но, други страници не се загрижени за политиката во нивните содржини. Таа истакна: „Сега се работи за пари, ова навистина стана бизнис“.

Советот за етика на медиумите во Северна Македонија се занимава со прашањата на дезинформациите и политичката пропаганда во медиумите и се залага за транспарентност во сопственоста на медиумите. Тие го водат регистарот за транспарентност на сопственоста на медиумите, иако обелоденувањето не е задолжително според законот.

Советот вели дека понекогаш добива повеќе од 100 жалби од јавноста секој месец. „Повеќето случаи што ги добиваме се поврзани со прекршувања на член 1 од Кодексот на новинари, што се однесува на објавување на точни и проверени информации, и ова е проблем во 39% од пријавените случаи, додека прекршувањата на членот 8 од Кодексот на новинари, кој се однесува на сензационални информации, се во 35% од пријавените случаи“, објасни Катарина Синадиновска, претседател на советот.

„Лажните вести“ и сензационалистичките статии се причина за загриженост во јавноста. Синадиновска рече: „Имате море од непроверени информации, полни со сензационализам, и повеќе не сме сигурни кој ги прави вестите“, истакна таа.

 

Кликбејт новинарството како кариера

Лила Карјлиева, млада македонска новинарка, до неодамна работела за веб-страница во главниот град Скопје, која објавува клик-бејт статии. Кога била на интервју, не очекувала дека нејзината прва работа во новинарството ќе биде најголема во Северна Македонија, но она што и го кажал нејзиниот иден работодавец ја изненадило.

„’Вие сте млади и има многу време за вистинско новинарство; ова е креирање содржина, поинаков вид новинарство’ – ова ми го кажа Филип кога прашав зошто работиме од дома. Знаете, очекував вистинска редакција “, се присетува Карјлиева. „Ја следев таа веб-страница околу четири години и мислев дека таму работат вистински новинари“.

Секој од тројцата сопственици на страницата има „нормална“ работа: едниот работи сопствен бизнис со продажба на виршли во најпознатиот трговски центар во Скопје, друг е сопственик на мала градежна компанија, а третиот е јавен службеник, задолжен за профилите на социјални медиуми на директорот на скопското државно претпријатие за водоснабдување.

Тие исто така одржуваат уште две веб-страници што имаат за цел да произведат што е можно повеќе содржини, бидејќи колку повеќе статии објавуваат, толку повеќе се зголемуваат потенцијалните приходи од интернет реклами.

„Ни беа дадени извори, претежно српски таблоиди како Курир, Информер, Блиц и други, а нашата работа беше да ги направиме статиите да изгледаат поразлично отколку што беа [на веб-страниците на весниците] и да им ставаме клик-бејт наслови“, Карјлиева посочи. „Имавме квота, околу 50 статии во период од осум часа, но беше многу лесно“.

Во сегашното медиумско опкружување во Северна Македонија, речиси е невозможно да се најдат „вистински“ работни места, а креирањето кликбејт-содржини е една од ретките опции за младите новинари, објасни таа. „Ако некој бара работа во медиумите, поверојатно е млада личност како мене да избере да работи за веб-страница како оваа, за шест часа на ден и хонорар од 450 до 500 евра. Тоа е работа од дома и не треба да се прави ништо друго освен копирање и прилагодување“, рече таа.

„Алтернативата е да се најдат работни места што навистина не се достапни во реалните медиуми, како ТВ-станици или невладини организации. Си реков: ‘Зошто да не?’ И овие денови можам да кажам дека многу од моите врсници не сметаат дека ова е погрешно, тие сакаат да бидат како моите сопственици.“

Таа рече дека видела колку лесно може да се заработат пари од клик-бејт страниците: „Да сум амбициозна за ова, се колнам дека за две години од сега ќе можам да работам со 15 вакви веб-страници, да вработувам пет лица и да заработувам колку и секој славен политички поврзан главен уредник на Балканот“, изјави таа.

Веќе е тешко да се привлечат млади луѓе да работат во медиумите во Северна Македонија, бидејќи тие се доминирани од политиката, а подемот на клик-бејт индустријата може да го влоши проблемот, сметаат експертите.

Маја Јовановска, член на Здружението на новинари на Северна Македонија, која се занимава со недостигот на млади новинари во медиумите во земјата, рече дека има повеќе од 100 веб-страници во земјата кои работат според моделот клик-бејт – тие се водат само од алгоритмите на интернет рекламите, без никаква уредничка етика или стандарди. „Пристапот на луѓето до вистински информации е ограничен“, рече Јовановска. „На овој начин влијаеме врз животот на луѓето, давајќи им неквалитетни информации“.

 

Теориите на заговор стануваат профитабилни

Карацева си заминала од веб-страницата пред два месеци, не долго откако сопствениците најавиле промена на уредничката политика кон политичките вести и вестите поврзани со корона-вирусот. „Тие ни дадоа список на извори, главно многу сомнителни извори, од Русија и Србија, како и од САД и Хрватска“, се сеќава таа.

„Вклучени беа и домашните вести. Nи беше кажано дека треба да правиме вести не само за секој коментар што министерот за здравство го даде на ТВ во живо, на Твитер, на Фејсбук или во печатот, туку дури и од коментарите дадени за него. Тоа привлекува читатели, рече менаџментот.“

Таа им покажа на БИРН некои од статиите што страницата ги објавила неодамна – некои од нив ги фалат КОВИД-19 политиките на властите, други ги осудуваат, некои од нив ја промовираат идејата за самозаштита од вирусот, а други промовираат теории на заговор поврзани со вирусот.

Навистина, теориите на заговор станаа профитабилни содржини на интернет во ерата на корона-вирусот.

Васко, Меглен и Вера се 21-годишни студенти од Скопје и нивната работа е да преведуваат теории на заговор од Јутјуб или други видео платформи. БИРН не го открива името на компанијата за да ја заштити нивната анонимност.

Во компанијата каде што работат, вработените се поделени во два тима: едниот тим прави транскрипти од видеа за теории на заговор од Јутјуб, додека вториот тим пишува кратки статии или објави на социјалните мрежи кои ја промовираат соодветната теорија на заговор.

„Приказните се [за] ‘длабоката држава’ – антилиберални, антивладини, без разлика од каде, анти-невладините организации, анти-меѓународните институции како ММФ, ОН, ЕУ, НАТО и, неодамна, претежно заговори дека КОВИД-19 не постои“, објасни Васко.

Тој рече дека ја пронашол работата пред четири години преку огласи на Линкдин и Freelancer.com каде барале пишувачи на содржини. Покрај него, се пријавиле и неколку негови пријатели, главно студенти. „Можам да заработам 1.500 долари за ништо, без да вклучам мозок. Но, јас учам филозофија и има шема во тоа што го преведуваме. Не знаеме со која цел компанијата го прави ова, но за време на КОВИД-19 кризата забележав некои од насловите кои што јас лично ги креирав во некои лоши медиуми на англиски јазик “, рече тој.

Компанијата е регистрирана надвор од Северна Македонија и создава клик-бејт содржина по нарачка, претежно за десноориентирани либертаријански клиенти.

„Извинете за ова“, рече тој, „но ние го правиме тоа за пари“.

Сашка Цветковска е истражувачки новинар и активист за слобода на медиумите. Таа е ко-основач на Лабораторијата за истражувачко новинарство – Македонија, членка на ОЦЦРП, која се бори против дезинформациите со истражувачко новинарство што користи интердисциплинарни пристапи, вклучувајќи технологија и академско истражување. Таа е член на Управниот одбор на Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП). Таа беше главен известувач за истражувачкиот проект  Spooks and Spin – Информации за војните на Балканот, за тоа како Македонија стана рај за пропаганда. Сашка е добитник на повеќе од десет домашни и меѓународни награди за новинарство. Во 2018 година таа беше избрана од македонските новинари да ги претставува во бордот на директори на Здружението на новинари на Македонија, организација која работи на подобрување на условите за работа на репортерите во земјата.

Оваа статија е изработена како дел од Иницијативата за резонантни гласови во ЕУ, финансирана од Фондот за внатрешна безбедност на Европската унија – полиција. Содржината на оваа приказна е единствена одговорност на БИРН. Европската комисија не прифаќа никаква одговорност за употребата на информациите што ги содржи.

Преземено од BalkanInsight

Share via
Copy link
Powered by Social Snap