ОПИС

Оригинален наслов: ТОДОР ПЕТРОВ : САТАНИСТИТЕ НА ДЕЛО: 100.000 ДЕЦА И ДЕТСКИ ТЕЛА ПРОНАЈДЕНИ ВО ТУНЕЛ ШТО ВОДИ ДО ФОНДАЦИЈАТА КЛИНТОН ВО ЊУЈОРК

На 07.06.2020, веб порталот Слободен Свет во целост ја превзема содржината на постот објавен на Фејсбук профилот на Тодор Петров. Во текстот, како и во самиот наслов на статијата, се наведува дека 100.000 деца и детски тела биле пронајдени во тунел што води до Фондацијата Клинтон во Њујорк. Фамозниот „тунел се протега 4 километри меѓу зградата на Фондацијата Клинтон и пристаништето во Њујорк!“ Наводно, за „спас на децата на пристаништето во Њујорк“, претседателот Трамп го укотвил медицинскиот брод “Комфор“. Исто така, наведено е дека и медицинските сестри од полската болница “Карона“ во Централ Парк, ја потврдиле состојбата на жртвите од страшна злоупотреба! Во текстот се додава и дека, наводно „во Централ Парк поставена е полска болница за лекување на преживеаните деца. Од 100.000 деца, проценките се дека 4 до 6% од жртвите ќе умрат, затоа што биле премногу слаби.“

Во текстот се тврди дека наводно постојат докази за грозна тортура и сексуална злоупотреба врз овие деца, како и дека многумина од децата се подготвувани за никогаш да не ја видат светлината на денот, и наводно голем број од нив се приморани да носат маски за дишење затоа што воздухот во тунелите не циркулирал и не се обновувал.

Друг медицински брод „Милост“, со иста мисија „за згрижување на киднапираните деца кои биле жртви на ѕверско малтретирање и кои биле спасени од тунелите, се наоѓа на пристаништето во Лос Анџелес.“

На крајот се додава и дека „некои од овие деца се користат за производство на адренохром“, со помош на кој “елитата“ наводно се подмладува!

Како извор на информациите, покрај Тодор Петров, е наведена дека истата била објавена на 06 април 2020 година на (непосточка) веб страна со германски домеин.Линк до архивираниот оригинален натпис овде.

Линкот до Фејсбук постот на Тодор Петров овде.

ФАКТ/И
  1. Заживување на стари теории на заговор

Уште на почетокот, да разјасниме, се работи за рециклирана теорија на заговор со застрашувачки и морбидни елементи. Оваа вест, која се појавува на почетокот на Април 2020 година, беше една од најраспространетите лажни вести во Европа и пошироко. Содржината на текстовите, која е во целост или во голем дел идентична со содржината објавена од страна на Тодор Петров и Слободен свет, претходно била објавена на разни веб страни, блогови и Фејсбук, како што се: La Table RondeOperation Disclosure1The Great AwakeningLiz Crokin Fans секој наведен како портал за теории на заговор и космички истражувања. Оттука, останува нејасно што го мотивирало Тодор Петров и порталот Слободен Свет токму сега да ја објават оваа рециклирана теорија на заговор?

Имено, и кон крајот на 2019 година, лажни вести со слична содржина за 2,100 деца кои биле најдени во тунел во Калифорнија се ширеа по социјалните медиуми во САД и пошироко.

  1. Не постои таен тунел во Менхетен.

Во Њујорк, поточно во Менхетен, се наоѓа една од двете канцеларии на Фондацијата Клинтон, американска невладина организација формирана уште во 1997 година. Според информациите објавени на нивната официјална веб страна, оваа невладина организација има за цел да создаде економски можности, да го подобри јавното здравство и да генерира граѓанска вклученост и услуги во САД и ширум светот.

На 30 март 2020 година, заради успешно справување и лечење на заболените од коронавирус, Американските власти поставија полска болница во Централ Парк, во срцето на Менхетен во Њујорк, државата која беше епицентарот во Северна Америка. Тврдењата изнесени во текстот објавен на порталот Слободен Свет се фикција и научно-фантистична теорија на заговор. Всушност, не е откриен никаков тунел со деца и лешеви, а уште помалку дека таков тунел водел до Фондацијата Клинтон.

  1. Не е точно дека Клинтонови се вмешани во било какви активности со трговија или измачување на деца

Во САД, задолжени за истраги поврзани со експлоатација на деца и трговија со луѓе се ФБИ.  Според францускиот весник Le Monde, само во 2019 година, вкупно 337 лица од 38 земји вклучително и Франција по обемна меѓународна истрага, биле уапсени за дела поврзани со детска порнографија. ФБИ исто така идентификуваше, и во некои случаи и спаси, повеќе од 100 малолетни жртви на сексуално ропство во САД, откако се инфилтрираше во мрежа на огласи преку Интернет на кои се нуделе девојчиња за придружба.

ФБИ тврди дека во летото 2019, идентификувале или спасиле повеќе од 6.600 малолетни лица од создавањето на специјалниот одред во 2003 година. Тврдењата изнесени во тесктот на Слободен Свет и Фејсбук постот на Тодор Петров, дека наводно Клинтонови и нивната фондација се вмешани во трговија и експлоатација на деца, не се појавуваат никаде во официјалните извештаји на ФБИ. Идентификацијата на 100.000 деца или трупови би била, досега, најголемото разоткритие во нивната историја, и истото не би поминало незабележително од јавноста.

  1. Адренохромот е наркотик штетен по здравјето на луѓето

Идејата за да се избегне смрт, или да се продолжи животот датира уште од античките Египќани. Старт-ап организацијата „Амброзија здравство“ од Монтереј, Калифорнија, е една од организациите која вршела продажба на инекции за подмладување. Клиентите плаќале од 8,000 УСД за литар, или 12,000 УСД за два литра млада крв.

Адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3 произведено со оксидација на адреналин (епинефрин). Се работи за наркотик кој се добива исклучително во лабораториски услови, а не со жртвување деца. Промените во размислување предизвикани од адренохромот се слични на оние забележани кај шизофренијата. Адренохромот предизвикува инхибиција на изборен процес, што ја одредува содржината на асоцијативното размислување. Ова се случува во дози кои не ја зголемуваат можноста за основни процеси, не ја намалуваат возбудата и не ги губат привремените врски, како што е случајот со ЛСД.

На почетокот на 2019 година,  Администрацијата на САД за Храна и Лекови издаде предупредување за постарите луѓе што се инјектираат со крвна плазма на млади донатори, а која се продава како начин за борба против стареењето и лечење на разните болести, како што се Алцхајмер, деменција и Паркинсова болест. Во официјалното соопштение посебно е наведено дека „ваквите третмани немаат докажани клинички придобивки за употребите за кои овие клиники ги рекламираат и се потенцијално штетни за здравјето на луѓето“.

Ова е уште една во низата теории на заговор која изобилува со лажни, морбидни и измислени тврдења објавени на овој анонимен портал, чија цел е да поттикне чувство на несигурност, огорченост и одбивност кон САД и западниот свет воопшто.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.