Значењето на актот Магнитски за санкционирањето на сериозното кршење на човековите права на глобално нивоДенес, на 16-ти ноември, се навршуваат 11 години од смртта на Сергеј Магнитски. На овој ден во 2009 година, во затвор во Москва, тој бил врзан од чуварите на клупа и бил тепан со гумени палки. Тој имал панкреатитис, кој го добил поради ужасните услови во затворот Бутирка, каде што претходно бил затворен скоро една година, и починал истиот ден. Имал 37 години, бил оженет, и имал две деца.Неговата „вина“ била тоа што ги алармирал руските власти дека организирана криминална група, во која имало и високи руски функционери, проневерила 200 милиони евра данок од британски фонд кадешто тој работел, Ермитаж капитал.Фактот што извршителите на ова дело не биле казнети, постхумното судење на Магнитски, убиството на Литвиненко и некои други случаи на прекршување на човековите права, како и фактот што Русија, како
авторитарен режим не ги санкционира ваквите дела, туку напротив, ги крши систематски, е причината зошто е покрената иницијатива за носење на регулатива која ќе предвидува санкции за оние кои ги кршат човековите права.Така, во 2012 година Конгресот на САД го донесе
„Законот Магнитски“, со кој се предвидуваат санкции насочени кон одговорните за смртта на Магнитски и други груби кршења на човековите права во Русија. Во 2016 година следуваше
Глобалниот акт Магнитски, кој предвидува санкции за сериозно кршење на човековите права во целиот свет. Слични закони по примерот на Глобалниот акт Магнитски се донесени од неколку други земји, вклучувајќи ги Канада, Велика Британија и балтичките држави.Коментирајќи ја дебатата во ЕУ за потребата од ваков акт, сопругата на Магнитски ќе
изјави: “
Европскиот акт Магнитски не е само за Сергеј. Оваа регулатива ќе има за цел да спречи зголемување на бројот на нови жртви на опасните режими кои вршат слични злосторства. Ако не се победи злото, тоа има тенденција бесконечно да се шири. Верувам дека е прашање на време - порано или подоцна џелатите на Сергеј ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.
Кои држави имаат донесено регулатива слична на актот Магнитски?Во октомври, 2017 година,
Канада донесува
Закон за правда за жртвите на корумпирани странски функционери (Закон Сергеј Магнитски), со образложение дека сите прекршители на меѓународно признаените човекови права треба да бидат третирани и санкционирани еднакво во целиот свет.Откако
претходно беа додадени елементи „Магнитски“ на неколку закони во
Велика Британија, во јули 2020
беа објавени и првите санкции според новиот глобален режим за човекови права. Новиот режим на санкции во стилот „Магнитски“ ќе биде насочен кон оние кои биле вклучени во некои од најтешките кршења на човековите права и злоупотреби ширум светот. Ним нема да им биде дозволен влез во земјата, да праќаат пари преку британски банки или да профитираат од британската економија. Мерките се насочени кон поединци и организации, наместо кон држави.Првиот бран санкции во Велика Британија според овој нов режим се однесува на:
25 руски државјани вклучени во тортурата и смртта на Сергеј Магнитски;
20 саудиски државјани вклучени во смртта на новинарот Jамал Хашоги;
двајца генерали од Мјанмар вклучени во систематското и брутално насилство врз етничката група Рохинџа и други етнички малцинства;
две организации вклучени во присилна работа, тортура и убиства во логорите на Северна Кореја.
Пакетот мерки може да се однесува и на оние кои ги олеснуваат, поттикнуваат, промовираат или поддржуваат овие повреди/злоупотреби, како и оние кои финансиски профитираат од кршење и злоупотреба на човековите права.
Естонија беше првата европска земја која
воведе забрана за влез на странци кои се сметаат за виновни за кршење на човековите права. Законот неофицијално го носи името на Сергеј Магнитски и беше едногласно усвоен од парламентот во декември. Со него, Естонија воведува забрана за влез на лица доколку „
постојат информации или основана причина да се верува“ дека тие учествувале во активности што резултирале со „
смрт или сериозно оштетување на здравјето на одредени лица“ или нивно „
неосновано осудување… за кривични дела од политички мотиви“.Во ноември 2017,
Литванија исто така
усвои закон „Магнитски“ за забрана за влез на странци вклучени во висока корупција, перење пари или кршење на човековите права, со што таа стана четврта земја во светот после САД, Естонија и Канада што донесе ваква регулатива.
Летонија е шестата земја во светот и последната од трите балтички земји што
донесе ваква регулатива во февруари 2018 година. Со неа беа воведени ограничувања за патување на 49 руски државјани кои биле соучесници во случајот на Магнитски или во други кршења на човековите права. Санкциите врз овие 49 лица се наведени и во американскиот акт Магнитски, вклучително и врз
Кадиров (чеченскиот лидер и близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин) и други лица кои се поврзани со кршење на човековите права против ЛГБТ популацијата во Чеченија.
Европската УнијаЕУ
веќе има воведено санкции за човекови права, но во моментов тие се географски ограничени на одделни земји од светот. Сепак, ЕУ се пренасочува кон тематски пристап. Во 2016 година таа ги додаде санкциите за тероризам, хемиско оружје и сајбер напади кои го опфаќаат целиот свет. Предноста на овој пристап е што новите лица и субјекти можат да бидат додадени на списокот на санкции на ЕУ, без да се биде потребна посебна правна рамка и одлука на Советот за секоја земја.Во декември 2018 Холандија предложи тематски санкции за човекови права на ниво на ЕУ. Идејата првично наиде на отпор од некои земји-членки, и дури по една година дебата, во декември 2019 година високиот претставник Жосеф Борел
објави дека ЕУ е подготвена да започне да работи на потребните мерки.На
19 октомври 2020,
Европската комисија предложи нацрт-закон за забрани за патувања и замрзнување на средства насочен кон лицата одговорни за кршење на човековите права ширум светот, неформално познат како „Европски акт Магнитски“.Планот на Комисијата, кој треба да воспостави глобален режим на санкции за човекови права на ЕУ, ќе го замени претходниот систем фокусиран на одделни држави. Според него, предвидено е замрзнување на средства и забрани за патување на странци за кои се смета дека ги прекршиле основните права и предвидена е унифицирана правна рамка за овие дела.Според
нацрт-предлогот кршењето на човековите права ќе се идентификува врз основа на 12 критериуми, вклучувајќи ги следните дела:
геноцид;
тортура;
злосторства против човештвото;
ропство;
егзекуции без судење;
присилно исчезнување;
произволно апсење;
трговија со луѓе;
сексуално насилство;
злоупотреби на слободата за мирно собирање;
злоупотреби на слободата на изразување на мислата;
злоупотреби на слободата на вероисповедта.
Во својата
резолуција во септември 2020 година по повод труењето на Алексеј Навални,
Европскиот парламент го повика Советот на ЕУ да ги одобри и спроведе санкциите во стилот на Магнитски во блиска иднина.Со ова и Европската Унија ја покажува својата подготвеност да дејствува против кршење на човековите права во Русија.