Алексеј Навални (44) е еден од најпознатите опозициски лидери во Русија. Тој минатиот месец беше пуштен од болница во Берлин во која што одлежа 32 дена, од кои 24 на интензивна нега, поради труење со нервниот агенс Новичок. Нервниот гас Новичок е вид на хемиско оружје кое што е развиено од страна на поранешниот Советски Сојуз. Гасот Новичок предизвикува смрт поради тоа што ја нарушува комуникацијата помеѓу нервите и мускулите или нервите во мозокот.Лекарите кои што го лекувале во болницата во Берлин изјавија дека Навални најверојатно бил отруен со нервен гас, а тимот на Навални истакна дека шишињата со вода во хотелската соба во Сибир каде што претходно престојувал содржеле траги од нервен гас сличен на Новичок. Самиот Навални директно го обвини претседателот на Русија, Владимир Путин, за обидот за негова ликвидација. Министрите за надворешни работи на Европската Унија соопштија дека ќе воведат санкции спрема руски функционери, како одговор за нападот врз Навални. На состанокот во Луксембург 27-те министри постигнаа договор да започнат со подготовка на мерки врз основа на предлозите дадени од Франција и Германија, според кои Москва е одговорна за труењето на Навални со советскиот развиен нервен гас Новичок.Дипломатите на ЕУ за Ројтерс изјавија дека има широка поддршка меѓу 27-те министри за надворешни работи за замрзнување на средствата и забрани за патување на неколку руски воени разузнавачи на ГРУ.И покрај бурните реакции од страна на цела Европа деновиве, Русија реши да покрене истрага против Навални поради наводен екстремизам. Обвинението го темелат врз интервју коешто Навални го дал на 27-ми април за радиостаницата „Ехо на Москва“, (кое што е избришано). Во своето интервју Алексеј Навални ја обвинил владата предводена од Владимир Путин дека не водела доволно грижа за граѓаните со минимални примања. Помеѓу другото истакнал и дека за да не останат гладни 60 милиони луѓе, таквата влада треба да биде срушена, па дури и со насилни средства. Веста дека Русија покренува обвинение за екстремизам против Навални беше проследена и од македонските медиуми. Помеѓу медиумите кои што ја пренесоа веста, а воедно и се обидоа да ги дискредитираат името и влијанието на Навални се најдоа следните медиуми: Opserver.mk, Kumanovskimuabeti.mk, Makpress.mk, Mia.mk, Slobodenpecat.mk, 24info.mk, Libertas.mk, A1on.mk и Info.mk.Откако го преживеа нападот, Навални изјави дека, според него, причината за нападот била да се оневозможи негово враќање во Русија, а како главен виновник го наведе Путин.Вреден да се спомне е и фактот дека нервниот агенс Новичок беше искористен и при обидот за ликвидирање на Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, кој се случи на 4 март 2018 година во Солзбери, Англија. Сергеј Скрипал е пензиониран полковник на руското воено разузнавање кој беше осуден во 2006 година на 13 години затвор, обвинет за шпионирање во корист на Велика Британија. Тој беше осуден, а подоцна и помилуван, за споделување идентитетите на руски тајни агенти во Европа на тајната разузнавачка служба на Велика Британија (МИ6). Како и во случајот со Скрипал, така и со овој на Навални, Русија негираше било каква поврзаност. Користење на хемиски отрови е строго забрането, а зачестеноста на ваквите појави предизвикува сериозни реакции од западниот и прогресивен свет. Останува да се види какви ќе бидат последиците за Русија, која е првоосомничена во овие случаи.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО