Какво е влијанието на НАТО врз економијата е предмет на истражување во оваа анализа. Во оваа анализа се користени официјални податоци од Народна Банка, Државен Завод за Статистика (ДЗС), Светска Банка и ЕУРОСТАТ. Клучните наоди/заклучоци од оваа анализа се:

  • Директните инвестиции во периодот 2018 и 2019 година пораснале за 4 пати повеќе (кумулативно) во однос на 2017 година.

  • Евидентно е влијанието од потпишувањето на Преспанскиот Договор и пристапниот протокол за членство во НАТО врз економијата и странските инвеститори.

  • Наназад гледано, последна година која има за неколку % поени повисоки параметри е 2011. После период од 7 години, евидентно е дека показателите за 2018 покажуваат сериозен напредок.

  • Сите податоци на релевантни меѓународни организации и државни институции покажуваат дека членството во НАТО има позитивно влијание врз привлекувањето на странските директни инвестиции во земјатаПозитивните ефекти може да се забележат уште во претпристапната фаза, кога земјите ќе добијат покана за членување во НАТО. На пример, според податоците на Светска Банка, во Албанија [која стана членка на НАТО во 2009 година] во периодот од 2007 до 2009 година ДСИ се зголемиле за 205%. Во 2007 ДСИ изнесувале 652.28 милиони УСД, во 2009 изнесувале 1.34 милијарди УСД, додека пак, во 2018 година ДСИ во Албанија изнесуваат 1.21 милијарди УСД. Понатаму, Црна Гора стана членка на НАТО во 2017 година, и за само една година ДСИ се зголемиле за 247% . Во 2016 ДСИ изнесувале 67 милиони УСД, додека пак, во 2017 тие изнесувале 560.29 милиони УСД. Покрај тоа, минималната месечна плата во Албанија од 75 евра во 2004 се искачи на 212 евра во 2019 година, а во Црна Гора од 288 евра во 2017 се искачи на 331.33 евра во 2019 година (EUROSTAT). Да заклучиме дека промовирањето на НАТО ефектот е легитимно и позитивно, бидејќи истиот се нотира и од страна на релевантни меѓународни институции.

 

АНАЛИЗА НА ПРОБЛЕМОТ

Да почнеме со ред. Најправин да дефинираме што се тоа странски директни инвестиции (FDI)? Според Светска Банка, Странските Директни Инвестиции (СДИ) се однесуваат на проток на капитал на директните инвестиции во економијата на друга земја. Тоа е збир на капитал,  реинвестирање на заработка и друг капитал. Директните инвестиции се категорија на прекугранични инвестиции поврзани со резиденти во една економија, со контрола или значителен степен на влијание врз управувањето со претпријатие со седиште во друга економија. Сопственоста на 10 проценти или повеќе од вкупниот број на акции со право на глас е критериум за утврдување на постоење директна инвестициска врска. Официјалните податоци на Народна банка, за вкупно директни инвестиции, се прикажани на следниот графикон, со напомена дека податоците за 2019 се однесуваат на првите три квартали, податоците за последниот квартал сеуште не се достапни.

Извор: Народна Банка

Заклучок: Факт е дека странските директни инвестиции во 2018 година се највисоки во последните 17 години.

Извор: Народна Банка

Заклучок: Како што може да се забележи од претходните два графикона директните инвестиции во Република Северна Македонија, за периодот 2018 и 2019 година заедно изнесуваат 745.37 милиони евра, што значи дека се зголемиле за 4 пати повеќе во однос на 2017 година.

Бидејќи економските показатели не се едноставни, мора да се анализираат земајќи предвид и други параметри, па во продолжение следат уште неколку прикази, кои само ја потврдуваат оваа констатација.

Она што е евидентно од статистичките податоци од графикон.3 е што, од јануари 2017 до декември 2019 година, и домашните и странските инвеститори сè повеќе ги реинвестираат своите средства во нашата земја. Ова пак, претставува силен индикатор дека нашата држава е сигурна земја за инвестирање.

Но, што всушност значи реинвестирање во економијата? Согласно методологијата за работа на Народна Банка, под “реинвестирање” се подразбира:

  • дел од добивката распоредена во капитал;

  • дел од добивката распоредена во резерви;

  • дел од добивката распоредена за покривање на загубите од изминатиот период;

  • нераспоредена добивка; и

  • непокриена загуба.

Со други зборови, тоа значи дека капиталот/добивката останува во земјата кадешто инвестицијата/компанијата е резидент.

Извор: Народна Банка

Напомена: За 2019 година, податоците се достапни само за кварталите 1, 2 и 3. Поради долгиот периодот за обработка на податоците, изостануваат истите за квартал 4.

Со цел детална проверка на фактите, во однос на влијанието на НАТО врз директните инвестиции во нашата земја, ќе ги споредиме и следниве индикатори:

а) Аквизиции и мерџери (постојни инвестиции)

б) Гринфилд (нови инвестиции)

в) Странски вложувања во трговски друштва

г) Вкупно сопственички капитал од странски вложувања

Според Администрацијата на САД за мали бизниси аквизициите и мерџерите се слични, но имаат неколку големи разлики. Мерџерите (спојувања) преставува спојување на два одделни бизниси во еден нов правен субјект. Вистинските мерџери се невообичаени, бидејќи ретко е две еднакви компании да имаат заемна корист од комбинирање на ресурси и персонал, вклучително и нивните извршни директори. За разлика од мерџерите, аквизициите не резултираат во формирање на нова компанија. Наместо тоа, купената компанија целосно се апсорбира од друштвото/компанијата што го купува. Понекогаш тоа значи дека стекнатата компанија се ликвидира. Стекнување на бизнис е слично на купување постоечки бизнис или франшиза.

 

Како што може да се забележи од графиконот.4, од 2006 до 2017 година, постојните инвестиции драстично опаѓаат во нашата земја. Имено, овие инвестиции својот најлош период го бележат во 2009, 2014, 2016 и 2017 година. Имајќи во предвид дека светската економска криза се случи во 2008, негативниот тренд кој е забележан во 2009 би го припишале на влијанието на економската криза врз светската екомонија, вклучително и нашата. Но, во 2018 година, постојните инвестиции во нашата земја бележат пораст за 12.71 % поени. Податоците за 2019 година не се сеуште достапни.

Извор: Народна Банка

Европската комисија ги дефинира гринфилд инвестициите како инвестиции на создавање на фирми од нула, или проширување на постојните производствени капацитети на производство од нерезидентните инвеститори. Гринфилд СДИ подразбира проширување на постојниот капитал во економијата кој директно генерира дополнителна економска активност.

Како што може да се забележи на графиконот.5, растот на т.н “гринфилд” инвестиции во периодот од 2006 од 2018 е динамичен, со периоди на позитивен и негативен тренд во инвестициите. Само во 2018, гринфилд инвестициите пораснале на 17.84% поени. Податоците за 2019 година не се достапни.

Извор: Народна Банка

Во 2018 година, забележан е раст на странските вложувања во трговски дружтва на 14.69% поени, како и раст на вкупниот сопственички капитал од странски вложувања за 14.5% во однос на 2017 година. Податоците за 2019 година не се достапни.

Извор: Народна Банка

Покрај влијанието на НАТО врз економијата, предмет на анализа беше и влијанието на НАТО врз порастот на бројот на туристи во Република Северна Македонија, вклучуваќи ги и домашните и странските туристи.

Имено, официјалните статистички податоци на Државниот завод за статистика покажуваат континуиран раст на туристи во последните 20 години.

Извор: ДЗС

Тоа што е позитивно, низ годините се забележува и пораст на ноќевања на странски туристи во нашата земја, што е дополнителна придобивка за нашата економија.

Извор: ДЗС

Доколку го погледнеме периодот кој е предмет на наша анализа, од 2017 до 2019 година, ќе увидиме дека се забележува скок од речиси 20% на доаѓања и ноќевања на странски туристи.

Извор: ДЗС

Заклучок: Се забележува пораст на доаѓања на странски туристи од 12.17 % поени во 2018 година во однос на 2017 година, и 7.1% поени во 2019 година во однос на 2018та. Вкупно, за периодот 2018 и 2019 година, доаѓањата на странските туристи во Република Северна Македонија се зголемиле за 19.27% поени во однос на 2017 година.

Извор: ДЗС

Во периодот од 2017 до 2019 година, се забележува скок од над 20% на ноќевања на странски туристи во Република Северна Македонија. Во 2018 година се забележува пораст на ноќевања на странски туристи од 15.2 % поени во однос на 2017 година, и 5.78% поени во 2019 година однос на 2018та. Вкупно, за периодот 2018 и 2019 година, ноќевањата на странските туристи во Република Северна Македонија се зголемиле за 20.98% поени во однос на 2017 година.

Што тоа значи? Во просек, речиси секој странски туристи кој ја посетил Република Северна Македонија останал барем на едно ноќевање, што пак е добар показател дека странските туристи ја доживуваат нашата земја како безбдна, сигурна и стабилна.

На крајот, секогаш кога се НАТО темите во прашање при изработката на анализата и формулацијата на заклучоците мора да се земат предвид анти-НАТО наративите, бидејќи секое погрешно толкување или погрешно претставување на фактичката состојба можат да послужат за целите на овие анти-НАТО наративи.

м-р Елмас Хасановиќ
Програм Координатор
Инфо центар за евроатлантски интеграции

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.