Руската пропаганда повторно активирана со стари вести. Имено, порталот Магазин на 09.04.2020 објави статија чиј наслов гласи: “ПУТИН НАРЕДИ: МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА ЗА ЏОРЏ СОРОС!”.
Покрај порталот Магазин и порталите Republika.mk, Mkdpress.site, Infomax.mk, Think.mk, Vesnik-ilinden.com и Majtajm.com ја пренесоа оваа дезинформација, наведувајќи ги читателите дека дејството се одвива сега, во 2020 година. Оваа дезинформација е стара веќе половина декада. Скоро секоја година, од 2015 па наваму оваа дезинформација осамнува на портали кои што имаат про-руска ориентација. Дека оваа дезинформација потекнува од 2015та година можете да проверите на следниве линкови: Zase.mk, Vecer.mk.
Во 2016та оваа дезинформација се појавува на порталот Puls24.mk, но истите се избришани. Кога на пребарувачот Google би пишале “puls24 путин сорос” први ќе ви се појават избришаните статии на кои како датум на објава стои 2016 година.
Од 2017 до 2019 дезинформацијата била ставена во мирување, бидејќи не успеавме да најдеме вест со иста содржина, но затоа во 2020 повторно се појавува како што споменавме во почетокот на текстов.
На социјалната мрежа Фејсбук дезинформацијата се споделува во последниве десетина денови. За да се уверите погледнете ги следниве шест линкови: 09.04.2020, 10.04.2020, 11.04.2020, 12.04.2020, 13.04.2020, 14.04.2020. Најчесто споделувана статија е онаа објавена од Инфомакс, што и не е за изненадување.
Оваа дезинформација може да ја декларираме како “пиреј”, колку и истата да се разобличува, таа повторно се појавува со текот на годините. Две работи се многу интересни во врска со оваа дезинформација.
Прво, името на Џорџ Сорос не се наоѓа на “црната листа на Кремљ” на листата со лица од Европската Унија на кои им е забранет влез во Русија.
Второ, колку и да има голема моќ во својата држава, Путин нема никакви овластувања да издава меѓународни потреници, туку може само да побара одобрување за истата. Потерниците може да ги издава само Интерпол и никој друг.
Станува општо присутно непроверени, непотврдени информации, дури и од еден официјален извор, да бидат објавени како вистини.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО