Човештвото се соочува со можеби најголемата криза по Втората светска војна. Пандемијата со коронавирус го смени животот каков што го знаеме, остава белези на колективната психа и сентиментот на јавноста, парализира огромен дел од економските текови насекаде низ светот со оглед на глобализираноста на светската економија. Покрај сето ова, коронавирусот остава и уште еден белег, кој е поголем од сите други, а тоа е огромниот број на починати. До 18.5.2020 година, 14:15 часот, бројот на починати според она што е објавено на посебната вебстрана на John Hopkins University од САД е 315,496. Покрај енормноста на самата бројка, бројот на починати се уште секојдневно расте.

Во такви услови, а притоа јавно познато е дека многу држави прогласија вонредни состојби на нивните територии, огромен дел од глобалната човечка енергија се насочува кон изнаоѓање на лек кој би можел да создаде имуност на човечкото тело на коронавирусот, или да го уништи вгнездениот коронавирус кај заразениот. Едноставно целото човештво ги има вперено своите очи во обидите за изнаоѓање на солуција која би го спречила натамошното ширење на пандемијата или би можела да ги излечи заразените. Во тој контекст, на 15.5.2020 година, името „Соренто Терапевтика“ преку ноќ се најде во фокусот на целокупната јавност. Покрај тоа, оваа компанија се најде и во фокусот на многу инвеститори, такашто цената на нејзините акции на Њујоршката берза се покачи за цели 158%. Но што е тоа што привлече толку внимание во јавноста, а со тоа и толку капитал? Пред да преминеме на главното, односно на тоа што предизвика толкава фама во јавноста, најпрво мора да се запознаеме подобро со „Соренто Терапевтика“.

Соренто Терапевтика“, е биофармацевтска компанија основана во 2006-та година со седиште во Сан Диего, Калифорнија. Нејзината дејност е развивање на терапии за лечење на рак, имунолошки, воспалителни и невродегенеративни болести. Своите активности компанијата ги извршува преку две трговски друштва, „Соренто Терапевтика“ и „Сцилекс“. Соренто Терапевтика има соработка со „СмартФарм Терапевтика“ за развивање на вакцина со генетски-енкодирано антитело за заштита против КОВИД-19. Компанијата исто така има и спогодба за истражувачко тестирање со медицинскиот одел на Универзитетот во Тексас, кој се наоѓа во Галвестон, за преклинички тестирања на кандидати за терапевтски продукти за КОВИД-19 произведени од Соренто. Компанијата исто така има соработка со „Селуларити“ за иницирање на клиничка студија, вклучувајќи до 86 пациенти инфицирани со КОВИД-19.

Се работи за преклиничко испитување, кое сеуште е во експериментална фаза. Соренто тврди дека антителото кое компанијата го развила со име „STI-1499“ прикажало 100% спречување на КОВИД-19 вирусот. Антителото „STI-1499“ го штити човечкото тело од коронавирусот и го исфрла вирусот надвор од организмот на човекот во рок од 4 дена. Антителото прикажало 100% учинок во експериментите спроведени од Соренто во отстранување на КОВИД-19 вирусот од здрави клетки. „Сакаме да истакнеме дека постои лек. Постои решение кое функционира стопроцентно. Ако го имате неутрализирачкото антитело во вашето тело, нема да ви биде потребно социјално растојание. Можете да се отворите кон општеството без страв.“ Изјави д-р Хенри Ји, основач и генерален извршен директор на Соренто. Целосните резултати од претклиничкиот експеримент наскоро ќе бидат објавени во списание кадешто ќе го евалуира стручната јавност. Компанијата изјави минатата недела дека планира да развие третман со ‘коктел од антитела’ за ризични пациенти или за заболени од КОВИД-19, во партнерство со „Маунт Синај Хелт Систем“.Во овој случај, коктелот ќе биде заштитен со трговската марка (COVI-SHIELDTM), додека пак антителото „STI-1499“ ќе биде заштитено со трговската марка (COVI-GUARDTM). Соренто ја изучува плазмата собрана од 15,000 лица кои биле тестирани позитивни од КОВИД-19 антителата од страна на клиничарите на Маунт Синај.

Што се однесува на начинот на дејствување на ова антитело, тоа всушност се спојува со „S1“ поделементот на „Spike“ протеинот на SARS-CoV-2 и комплетно ја блокира неговата интеракција со „ACE2“ рецепторот. Важно е да се напомене дека ваквите резултати биле прикажани во присуство на многу мала доза на „STI-1499“, како и важно е да се истакне дека ‘коктелот’ кој Соренто го припрема би можело да ги спречи и евентуалните мутации на вирусот кои би настанале.

Со оглед дека ваквиот третман сè уште не е одобрен од Агенцијата за храна и лекови на САДСоренто планира да побара приоритетна евалуација и забрзано прегледување од страна на регулаторите со цел да се одреди најдобриот правец за да се направи достапен секој потенцијален третман што е можно поскоро. Со оглед на своите производствени капацитети, Соренто очекува дека ќе биде во можност да произведе до 200,000 дози месечно, и компанијата планира да произведе 1,000,000 дози под ризик додека чека одобрение од Федералната агенција за храна и лекови за кој било од предложените „STI-1499“ продукти. Компанијата исто така бара потенцијална поддршка од Владата и фармацевтските партнери со цел да ги зголеми уште повеќе производствените капацитети.

Освен Соренто, и други компании или организации тестираат потенцијални лекови за КОВИД-19. Повеќе од 150 различни лекови се истражуваат низ светот. Поголемиот број се веќе постоечки лекови кои се тестираат против вирусот. Еден пример е „“, кои тврдат дека лекот „Дегареликс“ (исто така познат и како „Фирмагон“) прикажал потенцијал во тестирањата обавени на околу 200 хоспитализирани ветерани заболени од вирусот. Дегареликс често се користи за лечење на потешки случаи на канцер на простата преку потиснување на производството на машки хормони од страна на телото. Истражувачите кои работат на третмани за коронавирусот откриле дека истите тие хормони можат да предизвикаат производство на одредени протеини кои COVID-19 ги ​​користи за да влезе во белодробното ткиво и да предизвика сериозни здравствени проблеми.

Иницијативата „Солидарност“ на Светската здравствена организација претставува програма за клинички испитувања на потенцијални третмани на КОВИД-19. На овој начин се очекува различните третмани да бидат споредени, како и да се додаваат нови третмани за испитување паралелно со откривањето на нови факти во врска со КОВИД-19. Други потенцијални лекови кои се споменати од Светската здравствена организација се: „Ремдесивир“, кој претходно бил тестиран како третман за Ебола; „Лопинавир/Ритонавир“ кој е лиценциран третман за ХИВ; „Интерферон бета-1а“ се користи како третман за мултиплекс склероза; и „Хлорокин“ и „Хидроксихлорокин“ кои се тесно поврзани и кои се користат како третман за маларија и реуматолошки заболувања.

 

За крај, сите овие обиди треба да влеат оптимизам во нас, но можеби треба да бидеме и малце скептични, бидејќи сепак потребно е третманот да биде успешно докажан во случаи на лица заболени од коронавирусот. Во секој случај, со секој направен чекор сме поблиску до откривањето на лек и спречувањето на натамошното акумулирање на негативните разорни последици кои коронавирус пандемијата ги остава зад себе.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.