Негде во август 2019 година во местото Турку во Финска се одржа партиски настан на финската Социјал-демократска партија. Во овој град од југозападниот дел на земјата партијата ја одбележуваше 120-годишницата од своето основање.Целокупниот настан се одржуваше во опуштена и свечена атмосфера со многу насмеани лица, честитки на сите страни и желби за успеси на следните избори. По говорот на тогашниот премиер, Анти Рине, следуваше панел дискусија во која учествуваа неколку министри од владата на Финска, помеѓу кои и тогашната министерка за транспорт, Сана Марин. И панелот се одвиваше во опуштена атмосфера, на кои доминираа размена на добри желби, без сериозни говори за идните политики на партијата и владата. Токму во еден  таков контекст, Сана Марин,  во дел од дискусијата ја изнесе својата идеја за четиридневна работна недела или пак шестчасовен работен ден.По завршувањето на овој настан, Марин ја објави оваа своја идеја на Твитер на 19 август 2019 година и ја сподели со своите твитер-следачи. Во неа таа додава дека целта на нејзината партија е да го намали работното време, но во ниту еден дел не е спомнато дека се работи за официјална програма или план на владата. По неколку коментари и реакции во медиумите во текот на август 2019 година оваа тема стивна и беше бргу замената од други актуелности.Четири месеци подоцна оваа сторија се појавува на австрискиот информативен сајт, Kontrast.  Во сторијата новинарката пишува како Марин тој ден, 16 декември, изјавила:„4-дневна недела и 6-часовен работен ден, зошто ова не би бил нашиот следен чекор? Дали навистина осум часа крајното решение? Мислам дека луѓето заслужуваат да поминуваат повеќе време со своето семејство, најблиските, во своите хобија и низ други аспекти од нивниот живот - како култура. Тоа би можело да биде следниот чекор во нашиот работен век“. Цитатот, спореден со информациите во финските медиуми е точен, но датумот на изјавата не е пренесен доследно.Следната пројава на оваа вест е забележана на 02 јануари 2020 во белгискиот весник, New Europe, под наслов, „Финската премиерка повикува на 4-дневна работна недела и 6-часовен работен ден во земјата“. Од овие медиуми веста беше пренесена во британскиот печат, а подоцна и вo редица други медиуми.По демантот на финската влада за оваа вест, поголемиот дел од овие медиуми ги коригираа своите објави и ги сменија деталите за целата вест и нејзината хронологија.Но, сето ова не ги сопре македонските портали и информативни сајтови да ја истераат оваа приказна до крај, како што нивните колеги убаво и си ја беа започнале. Помеѓу многу различни наслови, може да се прочитаат и следниве: Рајот на земјата: Шест часа работа само во четири дена во неделата, Финска воведува работна недела од 4 дена, по 6 часа, Во Финска ќе се работи четири дена по шест часа, и слични на нив.imageВо листата на онлајн медиуми кои ја пренесоа оваа непроверена вест се најдоа и голем број членки на скоро формираниот регистар на професионални онлајн медиуми во С. Македонија, а само мал дел од нив го пренесоа демантот на финската влада.Кои заклучоци може да се изведат од овој тазе случај на ширење дезинформации? Зошто толку медиуми, како странски, така и регионални и домашни, и кои имаат значителен углед и бројна публика, не ги провериле овие информации? Клучно е прашањето и тоа зошто само мал број медиуми го објавија демантот на оваа вест.За жал, и на медиумите и на онлајн читателите, оваа вест покажа најмалку три работи:(1) Проверувањето на фактите, барањето на вистината и професионалното новинарство се напорна и многу одговорна работа. Таа бара време, волја, посветеност, упорност и верба во професионалните стандарди како најдобар начин да се стекне и одржи довербата на јавноста и во новинарот и во медиумот. Процесот е мачен и напорен, и не дава инстант резултати. Иако нема брзи резултати, на среднорочен и долгорочен план, тоа сепак е веројатно единствениот начин да се одржи довербата на читателите, но и довербата дека медиумите навистина ги интересира вистината и јавниот интерес.2) Објективните факти се помалку влијателни за формирање на јавното мислење отколку поттикнувањата на емоциите и личните убедувања преку полу-информации или дезинформации.3) Фактите и вистината често не се атрактивни и „кликабилни“Порталите и информативните сајтови живеат од кликови, а „досадните и неатрактивни вистини“ не се многу корисни за нив. Голем број од овие медиуми, кои имаат квалификуван кадар и доволно ресурси за проверување на информациите, како и креирање квалитетни содржини, едноставно како да одлучиле да ја премолчат помалку атрактивната вистина и досадните факти за оваа сторија.Брзината на протокот на информации и дневната динамика на хипер-продукција на вести и информации, речиси да не можат да ги толерираат вистината, проверувањето на фактите и запазувањето на професионалните стандарди. Дали трката за манипулативни кликови е единствената цел на модерниот онлајн медиум? Покрај бројките и метриката на кликови како да не постои ништо друго.Ваквите практики на инстант псевдо-новинарство имаат сериозни негативни последици не само за медиумскиот систем, туку и за самите општествата. Голем дел од новинарите и медиумите шират една нова „култура на негрижа за вистината и фактите“. Ако фактите и вистинските информации не генерираат доволно кликови и читаност тие за медиумите немаат вредност. Но, дали е така? Дали кликот е единственото мерило за важноста и вредноста на фактите? Дали метриката на кликови, лајкови, споделувања, коментари, е единствената вредна метрика? Ваквите медиуми најмногу сметаат на нервозен и психотичен читател кој лесно е привлечен од манипулативни наслови, кој не чувствува потреба, знаења и навики критички да ги проверува информациите. Дали читателите не се заинтересираниз а фактите или медиумите создаваат такви читатели?Решенијата на постоечките проблеми со дезинформациите не се лесни, но повторувањето на истите грешки и погрешни практики само го забрзува еродирањето на она малку доверба која останала во медиумите. Покрај сите анализирани причини и методи за ширење дезинформации, негрижата за вистината и фактите се чини дека е најопасната појава и најлошото можно сценарио за сите нас.Сеад Џигал,Jануари 2020.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.