Со овие теми и дилеми на интернет и на социјалните мрежи повторно заживеа „теоријата за златната милјарда“, односно наводниот проект на светските елити за намалување на светската популација со цел зачувување на ресурсите за привилегираната милијарда жители на Земјата. Терминот „златна милијарда“ (золотой миллиард, рус.) е на Анатолиј Кузмич Циконов од неговата книга „Заговор на светската влада“ (Заговор мирового правительства, 1994). 

Една од шпекулациите кои брзо се ширеа за новиот вирус е онаа дека се работи за заговор за планска депопулација на глобално ниво. Без да навлегуваме во многу детали на оваа теорија само ќе напоменеме некои од нејзините „клучни аргументи“:

 

  • Вирусот е вештачки произведен во лабораторија да послужи како биолошко оружје.

  • Тој има свои плански и специфични ефекти кои се резултат на лабараториски инжинеринг.

  • Еден од тие ефекти е да ја таргетира постарата популација и да биде животозагрозувачки за нив.

  • Со намалувањето на постарата популација ќе се растоварат пензиските фондови кои се во криза со што треба да има позитивен економски ефекти за светските елити.

  • Светските елити ќе се заштитат себе си со различни мерки како навремена изолација, привилегирани тестирања, здравствена грижа и слично.

 

Иако светот во кој живееме секојдневно нè убедува дека сè е можно, сепак тоа не е причина критички да не се преиспитаат и овие тврдења. Затоа, реалноста и фактите кажуваат нешто поинаку за овие теории и нивните наводни аргументи:

 

  • Не постојат никакви докази дека вирусот е вештачки произведен, а особено нема докази за тоа дека некој го користи како биолошко оружје. Последните стручни наоди ги негираат сите досегашни теории дека COVID19 се предизвикува од некаков лабараториски корона вирус.

  • Двете теории дека (а) САД или В. Британија го донеле вирусот во Кина, и (б) дека Кина го користи вирусот да ги нападне САД и Европа, самите се побиваат себеси, бидејќи не можат и двете да бидат точни во исто време. САД, Кина и државите од Европа се во листата на земји со најголем број заболени и починати лица. Напаѓањето на друга светска сила при што себе си и на својата земја ќе ѝ нанесете такви загуби во животи и економска криза е навистина „аргумент“ надвор од секаков разум.

  • Сè почести се информациите за случаи дека корона вирусот ги напаѓа сите популациски групи и демографски слоеви. Иако ризикот од вирусот расте со возраста, статистиките досега покажуваат дека секој 5-ти заболен е на помлада возраст.

  • Теоријата дека светските елити стојат зад пандемијата се побива со секој нов случај на позната јавна личност која заболува од вирусот. Тврдењето дека светските елити ќе се заштитат себе си навремено нема поткрепа во фактите, а реалноста ги потврдува ставовите на експертите дека болеста не бира ни возраст, ни пол, ни статус, ни раса, ни други обележја (види и напис „Теории на заговор дека корона вирусот е дело на светските милијардери“).

  • И конечно тезата за „спас на пензиските фондови“ губи секаква смисла кога е извесна значителна економска рецесија и криза на светско ниво, та да се тврди дека за да се спасат пензиските фондови жртвувани се цели економии на голем број земји, навистина е бесмислено.

 

Со овие теми и дилеми на интернет и на социјалните мрежи повторно заживеа „теоријата за златната милјарда“, односно наводниот проект на светските елити за намалување на светската популација со цел зачувување на ресурсите за привилегираната милијарда жители на Земјата. Терминот „златна милијарда“ (золотой миллиард, рус.) е на Анатолиј Кузмич Циконов од неговата книга „Заговор на светската влада“ (Заговор мирового правительства, 1994).

 

Оваа теорија се заснова на идејата позната како „малтузијанизам“, односно за тоа дека „порастот на светската популација е експоненцијален, а порастот на светската храна е линеарен“. Преку ова се предупредува на наводна закана во блиска иднина од недостаток на ресурси за човештвото, поради што е и креиран проектот Златна милијарда, како би се решил овој наводен проблем. Иако нео-малтузијанизмот има свое влијание во современата политика, како на пример во популациската политика „Едно дете“ во Кина, сепак засега нема издржани потврди дека на светот му снемува ресурси, особено прехранбени ресурси, напротив. Може да се каже дека и оваа теорија се вбројува во редот на оние за новиот светски поредок, светската влада, чипувањето на сите жители на Земјата, и.т.н, кои потекнуваат од „мистичниот Исток“ и духовноста која тој наводно ја зачувал во суровиот материјалистички пекол во кој живееме.

 

Секоја од нив има некоја трошка вистина или потенцијална опасност, но степенот до кој се развиени овие приказни и теории навистина ја искривува реалноста и ја шири паранојата. Проблемот денес е што преку социјалните мрежи и Интернетот овие теории не само што заживуваат, туку и се засилуваат и добиваат нови продолженија, адаптирани за различни земји и сценарија. Најновата ријалити сезона на теоријата за Златната милијарда се случува, ете, токму во врска со COVID-19. Сведочиме еден вид хипер-репродукција на манипулативниот мистицизам и теориите на заговор како проекти за поткопување на редот и поредокот во цели општества.

 

Сè додека ваквите теории се наоѓаат на маргините на општествените случувања, тие вообичаено се потценуват и се толерираат како „откачени идеи“ или како интересни прикаски. Сепак, историјата нè учи дека тие не смеат да се занемарат. Антисемитизмот во XX век заживеа токму по проширувањето на теориите на заговор изложени во една друга книга, „Протоколи на сионските мудреци“ (1903), во која се опишува наводниот план за еврејската доминација врз светот. Тогаш кога оваа теорија на заговор беше прифатена од страна на нацистичкиот режим во Германија, со целиот свој капацитет на организирана држава, државен апарат, војска и многу други ресурси, таа повеќе не беше теорија, туку за жал стана државна политика и организиран проект за физичко уништување на цела една популација. Доволно е да се потсетиме само на оваа мрачна епизода од историјата за да ја увидиме опасноста која демне од неконтролираното ширење на теориите на заговор и нивното толерирање во форма на некакви микро-наративи кои ни даваат лажно чувство дека сме ја разбрале смислата на светската политика и историја. Тие имаат способност да се адаптираат, речиси како вируси, да навлезат во организмот на општествата и од внатре да ги разјадуваат и да ги онеспособуваат.

 

Човештвото мора да внимава на штетните појави дури и кога се тие во некаква навидум бенигна форма, затоа што тоа е најдобриот момент тие да се сопрат.

 

Сеад Џигал,

април 2020

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.