Во изминатиот период се повеќе се слушаат реакциите на разни Руски официјални лица, при што се користат низа на манипулации и дисторзии со цел да се прикаже Русија како жртва.

Калининград се наоѓа на Балтичкото море и е Руска ексклава која е обиколена со земји членки на ЕУ. Скоро целокупната трговска и материјална комуникација на Калининград со Русија се одвива преку Литванија. Кон средината на Јуни, Литванија го стопираше транспортот на добра од Русија кон Калининград подвлекувајќи дека санкциите кои се воспоставени на ниво на ЕУ, секоја земја членка ги спроведува, па така Калининград неможе да биде исклучок. ЕУ санкциите кон Русија се резултат на неоправданата Руска агресија врз Украина односно се санкции кон земја агресор. Оваа куса анализа има за цел да направи мала ретроспектива на наративите со кои Кремљ се обиде да го претстави овој чин како неоправдан, користејќи се притоа со неколку разни кои се дел од прирачникот за дезинформации на Кремљ.

Со цел да се долови целокупната слика, ретроспективата ќе опфати неколку клучни настани кои се случуваат непосредно пред и после воспоставувањето на санкциите од страна на Литванија.

На 14 јуни, македонските портали известија за изјава на рускиот пратеник Фјодоров, дадена за Спутник. Фјодоров изјави дека во моментов Русија го разгледува повлекувањето на признавањето на независноста на Литванија, за што тој доставил предлог-закон до руската Дума. Фјодоров додаде дека во иднина Русија може исто така да ги повлече признавањата на независноста и на Летонија, Естонија и Украина.

На 18 Јуни, владата на Литванија официјално го забрани транспортот на добра од Русија кон Калининград. Оваа забрана ги опфати превозот на добра според листата на санкции на ЕУ и тоа јаглен, метали, градежни материјали и напредна технологија, односно 50% од добрата кои Калининград ги увезува.

На 20 јуни, претседателот на Комисијата за заштита на државниот суверенитет на Руската Федерација при Советот на Федерацијата, Климов, ги коментираше санкциите за Калининград на неговиот телеграм-профил. РИА новости извести за објавата на Климов на Телеграм, каде тој напиша дека блокадата на Калининград е неприфатлива, може да се оцени како „директна агресија“ врз Русија и буквално ја тера на самоодбрана.

На 21 јуни, генерал-полковник Евгени Бужински даде изјава за руската државна телевизија. Генерал-полковник Бужински изјави дека со блокадата на Калининград Западот си игра со оган. Неговата изјава е реакција на британскиот генерал сер Патрик Сандерс, кој неодамна ја презеде командата врз копнените сили на Велика Британија и ги повика војниците да се подготват да се борат и да ги победат руските сили во потенцијална Трета светска војна. Вужински испрати директна закана до Велика Британија, велејќи дека „во случај на Трета светска војна, Британија физички ќе престане да постои.“

Истиот ден, портпаролката на руското МНР, Захарова, даде изјава за телевизискиот канал Соловјов лајв. Зборувајќи за ситуацијата со Калининград Захарова изјави дека последиците ќе следат. Таа додаде дека ваквите чекори се неприфатливи и дека ќе доведат до соодветен одговор. Според неа, постапките на Литванија го прекршуваат меѓународното право. Таа заклучи дека ако Русија ги квалификува одлуките на други земји како „отворено непријателски“, тогаш нема да има обиди да се најде „формула“ за да се реши ситуацијата.

На 22 јуни, ултрадесничарски и проруски инфлуенсер постираше на својот портал и на својот фејсбук-профил. Заканите од Захарова исто така беа пренесени преку неговата фејсбук-страница, додека пак на неговиот портал Дудинка, во статија насловена „Литванија ќе престане да постои!“, тој злоупотребува и извртува факти од различни периоди и општествени контексти за да ја манипулира јавноста и комплетно го зајакнува наративот кој (8) осум дена претходно е започнат од страна на Фјодоров.

Горенаведните настани и реакции, во глобала може да се дефинираат како неуспешен обид на Кремљ да се прикаже како жртва. Имено, заради неоправданата агресија на Русија врз Украина и војната која сеуште трае, Русија неможе да се однесува како еднаков и нормален чинител во меѓународните односи и комуникации.

Дисторзиите, заканите и манипулациите од страна на Руските официјални лица, нивното споделување и засилување од страна на про-Руските инфлуенсери и инфраструктура на социјалните мрежи не може да го заменат фактот дека како агресор Русија е предмет на санкции. Тие санкции неможе селективно да се применуваат, напротив треба да важат секаде и во секоја пригода.

Тука е забележан методот на Кремљ при што преку голем број на реакции од страна на различни Руски официјални лица се испраќаат истите или слични пораки кои потоа се дподелуваат и зајакнуваат од локални про-Руски инфлуенсери и про-Руска инфраструктура на интернет и социјалните медиуми.

Дополнително, трендот на не пренесување на изјавите на Литванската страна, односно на страната кон која се насочени сите неосновани манипулации и закани од страна на Руските официјални лица, продолжува.

Обидот на Кремљ преку дезинформации и закани да го пласира наративот дека “Литванија сака да ја прошири и ескалира војната“ беше предмет на 71 статија од 31 портал, споделени 136 пати на 67 фејсбук-страници/групи со 4.082.046 следбеници и 11.022 интеракции во периодот 14-22 Јуни, 2022.

Author Image

Росана Алексоска

Програмски менаџер

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.