Лице кое е целосно излечено од вирусната инфекција КОВИД-19, можеби ќе може да им помогне на пациентите кои моментално се борат со инфекцијата со донирање на крвна плазма. Поради инфекцијата, плазмата од тоа лице содржи антитела, кои имунолошкиот систем на организмот ги создал за време на борбата со вирусот.
Терапија со конвалесцентна плазма се покажала ефикасна во борба против болести предизвикани од вирусите Ebola и SARS.
Со оглед на тоа дека не постои специфична терапија, ни вакцина, неодамнешните истражувања укажуваат дека конвалесцентна плазмa може да биде корисна во лекувањето на инфекцијата предизвикана од новиот коронавирус (SARS-CoV-2).
И додека научниците ширум светот се борат да создадат лек за смртоносниот коронавирус, криминалците го користат моментот за да заработат на црниот пазар. Имено, пандемијата “обезбеди” нова можност за хакерите, измамниците и криминалците да заработат на сметка на исплашените и ранливи луѓе во услови на секојдневна неизвесност од смртоносниот коронавирус.
Па така медиумите во светот почнаа да пишуваат за пораст во списоците за предмети и услуги поврзани со коронавирусот на дарк веб вклучувајќи и телесна течност. Меѓу другите работи кои што ги продаваат криминалците преку интернет, може да се забележат големи количини на лична заштитна опрема, како и лажни лекови против коронавирусот.
Вестите за црниот нелегален пазар на кој “цвета” бизнисот во време на борба со коронавирусот, почнаа да се објавуваат и кај нас почнувајќи во месец мај, а деновиве повторно се забележани истите содржини:
ПОЧНА БИЗНИСОТ ЗА КОВИД 19: Луѓе кои преживеале Корона продаваат крвна плазма
„ПАСИВНАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ СЕ ПРОДАВА НА ДАРК ВЕБ“: ЕДНА ДОЗА ЧИНИ 25 ИЛЈАДИ ДОЛАРИ
Во нив се пишува за тоа како интернет криминалците нудат литар крв што содржи антитела, за повеќе од 10.000 американски долари. Купувачите набавуваат крв со антитела за да добијат трансфузија и така да се заштитат од инфекцијата од новиот коронавирус или за да се излечат ако се веќе заразени.
Иако продажбата на крв сега е на универзалната листа на „забранета роба“ бидејќи постои голема можност на измама, овој илегален пазар е заштитен со јак криптографски софтвер, па има свои исклучоци, и така на него сепак може да се купи крв, како и други забранети работи.
Една доза „крв со антитела на коронавирус“ се нуди дури и по цена од 25 илјади долари.
Содржината што се шири е многу загрижувачка и нормално е да предизвика страв кај јавноста.
Но повеќе прашања се нејасни и неодговорени: Дали е тоа точно, дали навистина се продава и се купува крвна плазма. Како е можно да се искористи таа крвна плазма купена од Дарк Веб?
Најпрво накратко што претставува Дарк Веб?
Г-дин Морган Рајт, поранешен висок советник на програмата за анти-терористичка помош на Стејт Департментот, а сега главен советник за безбедност во компанијата за безбедносен софтвер Сентинел Оне, објаснува што всушност значи Дарк Веб.
Тоа е шифриран дел од Интернетот до кој што може да се пристапи со користење на популарни мрежи како што е “Tor”.Прелистувачот “Tor” е фокусиран на приватноста, што значи дека може да го замагли корисникот како и податоците со кои што пристапува. Тој им нуди на “лошите актери” начин да работат со одреден степен на неказнивост, бидејќи на спроведувачите на законот им е многу потешко да ги пронајдат криминалците што го користат.„Во овој момент тие го искористуваат стравот, неизвесноста и сомнежот што луѓето го доживуваат за време на пандемијата и ја користат вознемиреноста и очајот да ги натераат луѓето да купат работи или да кликнат на работи што вообичаено не би ги купиле“, вели Морган Рајт.
Продажбата на крв во Дарк Веб веројатно е измама, вели експерт за ОCCPR– платформа за истражувачко известување со мрежа на независни медиумски центри и новинари
“Додека повеќе медиуми објавија неодамнешен пораст во списоците на темните веб-страници за предмети поврзани со корона, вклучително и загадени телесни течности, Ајлин Ормсби, експерт за црниот пазар и автор на книгата“The Darkest Web” за OCCRP изјавува дека тоа веројатно не е ништо повеќе од измама. Според неа овие листи на продажба најверојатно се објавени од измамници кои сакаат да профитираат од кризата.
Според извештајот на истражувањето спроведено од Австралискиот Институт за криминологија пронајдени се 645 огласи за производи поврзани со коронавирусот од кои 222 биле уникатни производи. Опремата за лична заштита претставува скоро половина, а една третина од производите биле антивирусни и други лекови. На претпоставените вакцини, тестови и инструменти за дијагностицирање, отпаѓа скоро 10% од огласите.
Водечкиот истражувач Род Брандхурст за АМ News изјавил дека претпоставка е купувачите да се инјектираат со плазмата од крв од луѓе кои се опоравиле од болеста (пасивна вакцинација).
Според Ормсби забележителен тренд од избувнувањето на вирусот е појава на намалување на активностa на Дарк Веб, како резултат на влијанието на глобалното затворање на снабдувањето и испорака на лекови.
“Веднаш на почетокот на пандемијата имаше многу огласи за лична заштитна опрема, но огласите со крв, мојот впечаток е дека се апсолутна измама.
Овој вид на работа се појавува многу, луѓето само “ќе скокаат” на кој било тренд и објавувајќи огласи за кои мислат дека ќе ги намамат луѓето “, вели таа.
Сè уште е нејасно зошто купувачите можеби ќе сакаат да купат примерок од крв од некој кој е активно заразен со оваа болест. Mалку веројатно e овие продавачи воопшто да имаат пристап до медицински примероци, а уште помалку дека би ги испратиле во замена за плаќање.
Според тоа бизнисот со крвна плазма најверојатно е измама.
Дека се работи за измама Ви ја претставуваме постапката за дарување на конвалесцентна плазма
Постапка за дарување на плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надокнадува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми кој ги исполнува утврдените критериуми.
За едно лице да може да дарува конвалесцентна плазма треба да исполнува одредени критериуми, се вршат предонациски лабораториски испитувања, и дарувањето се врши според утврдена постапка. За тоа може да прочитате повеќе на страната на Институтот за трансфузиона медицина на РСМ: Кој, како и кога може да се дарува конвалесцентна плазма.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО