Ако дезинформациите станат поефикасни во влијанието врз јавното мнение и мнозинската волја од вистината и фактите, тогаш борбата помеѓу информациите и дезинформациите ќе премине во борба на различни дезинформации едни против други. „Наши дезинформации“ против „нивните дезинформации“, дезинформации кои ни одговараат против дезинформации кои не ни одговараат. Тоа е едно од основните правила, потврдувани низ историјата, како за комуникацијата и медиумите, така и за технологијата: ефикасноста надвладува, особено кога се работи за борба за моќ и битка на интереси. Сè понатаму може да биде само подобрување на ефикасноста во дезинформирањето, а борбата со дезинформациите ќе биде возможна само со користење на дезинформации во борба против дезинформациите. Ова е можна непосакувана иднина на која нè предупредуваат многу истражувачи и аналитичари. Стив Фулер во својата книга „Пост-вистина: Знаењето како игра на моќ“ (Post Truth: Knowledge as a Power Game, 2018), ја елаборира идејата дека „знаењето е зависно од стратегиите за стекнување и одржување на моќта“. Ако дезинформациите надвладеат во „стратегиите за стекнување моќ“, тогаш тие ќе го диктираат и „знаењето“ кое треба да ја одржува таа моќ. Радиото, кое за прв пат овозможи да се пренесува човечкиот глас кон масовна публика, имаше клучна улога за популарноста на Хитлер и Мусолини, преку соживувањето на масите со нивните френетични говори и идеите на нацизмот и фашизмот. Телевизијата, со доминантноста на својата селективна визуелност врз вистинитоста, беше круцијално средство за креирање на поларизираниот свет во текот на Студената војна, како и нам поблискиот крвав распад на бивша Југославија. Дезинформациите дисперзирани низ глобалната мрежа и интернетот имаат сличен потенцијал да предизвикаат тектонски промени во текот на историјата. Радиото, телевизијата и интернетот, секој во својата историска фаза, имале пресудно влијание како се креира моќта и како се контролира знаењето во функција на таа моќ. Ако се анализира за какви цели дезинформациите се најефикасни, тогаш во најтесниот круг на одговори секако влегува нивниот потенцијал да го поларизираат општеството. Ширењето на дезинформации кои поттикнуваат нетрпеливост, омраза и дискриминација се покажаа како еден од најефикасните начини за политичка мобилизација во текот на оваа деценија. Ова го потврдуваат многубројни истражувања помеѓу кои и истражувањето на Оксфордскиот универзитет каде се наведува дека „манипулирањето на јавното мислење преку интернетот и социјалните мрежи станува сè поголема закана за јавниот живот“. Главни на удар се довербата во информациите и нивната вистинитост, што го поткопува демократскиот процес и одлучувањето на граѓаните во своите општества. Ова директно влијае врз префрлањето од борба на аргументи и факти, кон поларизација и слабеење на контролните механизми на насилството.Според ова истражување, докажано е присуство на дезинформациски манипулации во 48 земји во светот. Во секоја од овие земји потврдена е барем една политичка партија или владина агенција која ги користи социјалните мрежи за манипулирање на домашното јавно мислење. Најчесто се работи за организирано ширење дезинформации во тек на избори и случаи на зголемување на кризи каде земји кои се чувствуваат загрозени од дезинформации и надворешно мешање презеле контра-активности. Од 2010 година наваму потрошени се повеќе од пола милијарда долари на истражувања, развој и имплементација на операции за манипулирање на јавното мнение преку социјалните медиуми. Што е со  Северна Македонија? Во случајот на Северна Македонија, употребата на дезинформациите за поларизација на политичките и меѓуетничките односи, имаше централно место. Ширењето на дезинформациите е распослано на неколку нивоа, при што поради ниската медиумска култура, хипер-фрагментацијата на медиумите и драстичниот пад во новинарските стандарди, тие најдоа плодна почва и се покажаа како многу ефикасно средство за меѓуграѓанска поларизација. Главниот фокус на дезинформациите беа онлајн медиумите, но поради ниските професионални стандарди и медиумската партизација, голем број од нив циркулираа и низ електронските и печатените медиуми. Според истражувачките анализи и прегледот на локалните сервиси за мониторинг на медиумите и проверка на фактите, главните цели за користење на дезинформациите се: -зголемување на политичката и граѓанската поларизација-зголемување на етничките/меѓуверските тензии (примарно помеѓу етничките Македонци и Албанци)-зајакнување на националистичко-патриотските активности и нивната подршка-слабеење на прозападната ориентација на земјата-оспорување на Преспанскиот договор и поткопување на подршката за него-нарушување на локалниот медиумски еко-систем и нарушување на професионалното новинарство-промоција на псевдо-наука, суеверија и теории на заговор. Најчесто користените методи за реализација на овие цели вклучуваат мобилизација на локални групи и организирани подржувачи преку употреба на: -Создавање „онлајн групи“ или единици на ниво на локални партии или организации и нивни координирани активности на популарни социјални мрежи. Нивна цел е засилување на одредена пропаганда, преку координирано споделување и ширење, како и преземање контрола на дискусиите на социјалните мрежи. Ширењето на планските дезинформации вообичаеено се врши преку масовно објавување, споделување, лајкање, коментирање, линкување и сл. Тие можат да креираат лажна популарност, виралност, хистерија или морална паника. Опционално се користат и можностите за рекламирање за засилување на ширењето на пораките. Крајната цел е своевидно „хакирање“ на алгоритмите кои ги користат социјалните мрежи и агрегаторите на вести и други содржини, преку организирано преобјавување и споделување. -Координирани напади врз поединци и групи, како и креирање содржини за дефокусирање од други теми или проблеми. Планските и систематските напади врз поединци или помали групи се вршат преку исмевање или „тролање’, директни напади преку говор на омраза или други видови на вербални напади и притисоци. Нивната цел е елиминирање на спротивни или алтернативни наративи и ставови од оние кои тие ги застапуваат и кои ги бранат. За оваа цел се користат различни средства од локалниот колоквијален инвентар, кои најчесто се сведуваат на говор на омраза и вулгарно вербално напаѓање. -Креирање ботови, т.е. лажни профили, налози и сметки за ширење и дисеминација на онлајн пропаганда. Лажните профили можат да бидат контролирани од човечки фактор или целосно автоматизирани. -Техники на креирање и дистрибуција на „лажни вести“, преку објавување на целосно лажни содржини (текст, фотографии, видеа) и нивно онлајн дистрибуирање, или пак манипулации со постоечки настани надополнети со дезинформации. -Таргетирана пропаганда, односно користење на преработени податоци од социјалните мрежи или службени документи кон поединци, групи и институции, а кои можат да бидат врамени, деконтекстулизирани или манипулирани на различни други начини. За жал во случајот на Северна Македонија се потврди дека интернетот и социјалните мрежи се одлични средства за информирање, но уште подобри алатки за дезинформирање. Сеад Џигал

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.