На 5-ти декември 2021 година, од страна на порталот Инфомакс е објавена статија со наслов “Хаос на македонското небо, воени авиони на НАТО за малку не предизвикаа авионска несреќа со руски авион”. Насловот сам по себе предизвикува непријатно чувство, а истовремено директно ја дискредитира стручноста и подготвеноста на НАТО, како и безбедноста на македонското небо.
Оригиналната објава на Инфомакс на нивната официјална фејсбук-страница
Првичниот наслов е променет во “Хаос над Црното море, воени авиони на НАТО за малку не предизвикаа авионска несреќа со руски авион”, а доказ дека е направена измена во насловот претставува објавата на официјалната фејсбук-страница на порталот која е прикажана погоре. Дополнителен доказ претставува и интернет адресата на самата објава, кој се уште стои непроменет, со зборовите „на македонското небо“.
Ваквата вест “случајно” се објавува на само неколку дена пред 9 декември, денот кога македонското небо официјално се интегрираше во системот за воздушно патролирање на НАТО, што претставува смислена операција и класичен обид за дискредитација на НАТО. Дополнително, на 6 декември, во посета на Северна Македонија беше заменик-помошникот државен секретар на американскиот Стејт департмент, Габриел Ескобар, па така ваквиот наслов и обид не може, а да не се стави и во контекст на неговата посета.
Тимот на FN забележа оркестрирано објавување на веста од страна на следните пет фејсбук-страници: infomax.mk, info24.mk, Mk Informer, Пишман Аџија и iNFOMAX News Macedonia. На сите овие страници е споделена веста објавена на порталот Инфомакс, каде што сè уште стои првичниот наслов во кој се вели дека хаосот се случил над македонското небо, а симптоматично е и тоа што сите споделувања се направени истовремено, односно точно во 18:47 часот на 5-ти декември. Вкупниот број на следбеници на овие пет фејсбук-страници изнесува над 250.000.
Сликовит приказ за оркестрираната објава на дезинформацијата објавена од страна на порталот Инфомакс
Иако голем дел од коментарите напишани под објавите се со негативна или сатирична конотација за порталот Инфомакс, сепак споделувањето на фејсбук-страници со голем вкупен број на следбеници не може да се занемари.
Исечок на дел од коментарите напишани под објавата на дезинформацијата на Фејсбук
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО