Беше забележана голема информациска операција по повод изјавата на министерката за одбрана, Петровска, за вклучувањето на Северна Македонија во активностите на НАТО поврзани со руската инвазија на Украина. Првиот бран од информациската операција траеше 24 ласа, и беше спроведен преку онлајн-инфраструктурата, инфраструктурата на социјалните медиуми со проруска ориентација, како и од Руската амбасада. Информацискиот простор беше преплавен со различни дезинформациски наративи што е на иста линија со заклучокот дека „презентирањето на повеќе конфликтни наративи може самото за себе да стане техника наменета да создаде конфузија и да обесхрабри одговор.

На 24 јануари, новата министерска за одбрана, Славјанка Петровска, даде изјава за емисијата „Топ тема“ за ситуацијата во Украина.

Изјавата на новата министерска за одбрана, Славјанка Петровска, за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма беше жестоко нападната и, според анализата поттикна зголемена онлајн активност, навестувајќи дека се спроведува информациска операција од проруски агенти на влијание, портали и фејсбук-инфраструктура. Министерката Петровска ги објасни одговорностите на Владата на Северна Македонија како земја-членка на НАТО, како и секоја друга членка. Експозето на министерката Петровска може да се сумира во неколку точки: (1) Северна Македонија се залага за дипломатско решение на руско-украинската криза; (2) Северна Македонија има добри билатерални односи со Русија, но, како држава, има обврска да ги штити нашите национални и безбедносни интереси; (3) Врз основа на тековната координација помеѓу НАТО-членките, нашата армија е лојална на НАТО и има обврска да подготви анализа и проценка за потенцијално инволвирање, т.е. учество; (4) Постои постапка во која се носи таква одлука, која сè уште не е донесена.

 По затишјето вечерта на 24 јануари, целата операција започна после полноќ на 25 јануари, кога беа објавени неколку статии и објави на фејсбук-страници и групи. Се започна со објавувањето на статија која се однесуваше на твит кој тврдеше дека „тие не можат да соберат пари за струја во Грчец, но ќе одат во војна против Русија.“ Започнувајќи од овој момент, и продолжувајќи во следните 24 часа, се појавија мноштво навреди и различни наративи. Актерите во оваа информациска операција се оние кои вообичаено се спротивставуваат на членството на Северна Македонија во НАТО, започнувајќи од домашни проруски агенти на влијание и информациски операции, самата Руска амбасада, па дури и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

 Што се однесува до пораките и наративите, беа забележани следните, прикажани по хронолошки редослед (вклучувајќи ги и разобличувањата на извртувањата и манипулациите): (1) Беше таргетиран изгледот на министерката како жена, што е вообичаена практика кај овие анонимни фејсбук-страници/групи; (2) Беа омаловажувани капацитетите на Владата, со што се поткопува важноста на членството на Северна Македонија во НАТО, и што претставува техника на извртување и манипулација;

(3) Македонците го одбиваат планот на Владата да војува против Русија – оваа тактика често се користи, да се зборува во име на „Македонците“, иако факт е дека историски (а и во моментов) поддршката за НАТО секогаш била висока и стабилна; (4) Создавање на атмосфера дека Северна Македонија само што не се вклучила во конфликтот во Украина – ова е вообичаена постапка за една членка на НАТО, па со нагласувањето само се заплашуваат граѓаните;

(5) Хрватска ќе ги повлече своите војници од Украина, додека Северна Македонија се подготвува  да се вклучи, што е во спротивност со изјавите на хрватскиот премиер Пленковиќ;

(6) Руската амбасада е изненадена од изјавата на министерката Петровска, што е парадокс сам за себе, бидејќи Северна Македонија е членка на НАТО со јасно дефинирана стратешка ориентација. Дополнително, како што се тврди во објавата на Руската амбасада: „Обрнуваме внимание на апсолутно јасните изјави на руското раководство – Русија никогаш и никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да удриме врз Украина,“ што е извртување, поради фактот дека ова веќе се случи во 2014 година со окупацијата на Крим и поттикнувањето на конфликтот, односно поддршката на руските сепаратисти во Доњецк и Луганск;

(7) Пратеник од ВМРО-ДПМНЕ со совети за министерката, што го засилува наративот дека Северна Македонија треба да го поддржува дипломатското решение и суверенитетот на територијата, имплицирајќи дека Северна Македонија треба да се воздржи да стои на страна во оваа ситуација

 Со цел да се објасни степенот и длабочината на оваа информациска операција во периодот од 24 часа (25-26 јануари), беа забележани 200 објави, што го покажува енормниот интензитет и укажува на координирано однесување. Сите пораките и наративи погоре беа забележани во рамките на овие 24 часа, вклучувајќи ја и реакцијата на Руската амбасада забележана преку 110 објави (приближно 55% од вкупниот број објави). Вреди да се напомене дека информациската операција продолжи и во наредните денови со статии, објави и реакции на Фејсбук, забележани дури до 3 февруари. Серијата изјави дадени од хрватскиот претседател Милановиќ во овој период обезбедија дополнителен материјал на оваа тема. Тој ги обвини ЕУ и САД дека „ја втурнуваат Украина во вооружен конфликт со многу посилен непријател,“ со што прстот го впери кон администрацијата на претседателот Бајден, дека „оваа битка е во нивен интерес.“ Ова е комплетно на иста линија со една од стратешките цели на Кремљ. Тој исто така реафирмира уште еден важен стратешки дезинформациски наратив на Кремљ, а тоа е дека „Украина е во соседството на Москва, така што Русија има целосно право да ги брани своите интереси.“ На 25 јануари, хрватскиот премиер Пленковиќ даде изјава реафирмирајќи ја посветеноста на Хрватска кон НАТО и нејзините партнери. Овие настани беа преземени од порталите во Северна Македонија, со акцент на изјавите на претседателот Милановиќ, што претставуваше одлична можност да се одржи моментумот на тековната информациска операција. Вреди да се спомне фактот дека како што изјавите на претседателот Милановиќ ги поминуваа балканските граници, така и изјавата на министерката Петровска беше пренесена од порталите во регионот.

 Јачината на целата информациска операција (25 јануари – 6 февруари) е во квантитет е следната: 52 портали објавиле 96 статии, најмалку 174 фејсбук-страници/групи објавиле 308 пати на вкупно 9 милиони следбеници.

Оваа информациска операција има за цел да креира вештачко „органско“ спротивставување на било каква вклученост на Северна Македонија во операциите на НАТО поврзани со руската агресија врз Украина. Со станувањето членка на НАТО, Владата на Северна Македонија јасно покажа својата лојалност кон НАТО и кон нашите западни сојузници, со што има одговорност да биде сигурен и стабилен сојузник и партнер во сите напори за подобрување на глобалната безбедност. На друго ниво, ваквата информациска операција ги има следните цели: (1) да го наметне светогледот на Русија преку нејзините наративи; (2) да ги промовира руските дезинформации и пропаганда; (3) да ги дискредитира домашните институции и западните сојузници и (4) да обесхрабри било каква поддршка, акција или одговор во прилог на Украина и НАТО во овој случај. Историски (а и во моментов) поддршката од граѓаните за членството во НАТО секогаш била висока и стабилна. Оттаму, ваквите информациски операции не треба да влијаат на проценките и на одлуките на властите во Северна Македонија.

Author Image

Росана Алексоска

Програмски менаџер

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.