Сега, кога Абу Бакр ал Багдади е мртов, и доаѓа нов наследник, тоа сè уште не значи ништо за жените што биле заробени во бегалскиот камп Ал-Хол. Кампот за бегалци „Ал-Хол“ („al-Hawl“ или „al-Hol“) е бегалски камп во јужното предградие на градот ал-Хол во северна Сирија, близу до границата помеѓу Сирија и Ирак, во која се наоѓаат лица раселени од окупираната територија од Исламската држава (ИСИЛ). Таа е контролирана од сириските демократски сили поддржани од САД (СДФ). Од април 2019 година, бројот на населението во кампот изнесувало 74,000, зголемувајќи се од 10.000 на почетокот на годината. Според Си-Ен-Ен околу 50.000 жители на кампот се деца, додека повеќето од нив се жени и 15% од жителите тука се странци, но меѓународната заедница со месеци го занемарува кампот.Кампот повторно го привлече вниманието на светот откако известувачите на Си-Ен-Ен отидоа во кампот и се соочија лице в лице со мизеријата што се случува во кампот. Додека известувачите им приоѓаат на жените, некои викаат; „Сестри, не разговарајте со нив“, додека другите реагираат; „Не, сестро, ние имаме право да зборуваме“. Тие зборуваат еден преку друг, излагајќи серија на поплаки. Децата почнуваат да крадат. Немаат пари. Условите се бедни. Тие сакаат да си одат дома. Но, репортерите на Си-Ен-Ен не се единствените што добија пристап до кампот, на 14-ти ноември тим на новинари од албанската телевизија А2 го посети кампот, исто така, наидувајќи на неколку жени кои се државјани на Албанија и Северна Македонија. Новинарката доби шанса да разговара со жената која ја повика владата да ѝ помогне, таа дури го откри и своето име; „Јас се викам Ревајет Шахини, ја замолувам (владата) да нè извлече од тука, можете да видите колку се лоши условите, во зима условите се уште полоши“, тогаш новинарката ја запрашува дали е опасно да се живее во кампот, на што таа одговара дека е голем ризик да се биде таму. Таа открива и дека веќе шест години е во Сирија и дека сака да се врати дома. Во едно интервју за МИА, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека е на иста линија со Стејт департментот во однос на опасноста што ја предизвикуваат повратниците од боиштата; „Луѓето кои се радикализирани се доста опасни за безбедноста на околината. Зборуваме за луѓе кои добиле соодветна обука за да можат да бидат во тие конфликтни зони. Сѐ е прашање на контрола што треба да се воспостави по нивното враќање во земјата - исто е и без оглед дали се враќаат од некои од камповите, или дали тоа е нивно доброволно враќање на територијата на земјата. Во 2014 година Северна Македонија го воведе кривичниот законик 322, „Учество во странска војна, полиција, паравоени и параполициски формации“. Според Министерството за внатрешни работи, има четири жени државјани на Северна Македонија, заедно со седум деца, кои моментално се сместени во бегалските логори во Сирија. Министерството за надворешни работи контактирало со двајца од нив, и им помагаат во процесот на враќање. Процесот се состои од обезбедување на патни исправи и транспорт од Сирија до Северна Македонија.Нашите соседи Босна и Херцеговина ќе дозволат враќање на сите свои граѓани кои сега се наоѓаат во камповите во Сирија, поврзани со терористичката организација на Исламска држава. Оваа можност ја објави министерот за одбрана на БиХ, Драган Мектиќ, кој во понеделникот потврди дека има околу 260 граѓани на Босна и Херцеговина. Околу сто граѓани на БиХ учествувале во воени операции, додека другите се нивни сопруги и деца.Жените кои сакаат да се вратат во БиХ ќе бидат третирани во согласност со меѓународните конвенции, а оние кои припаѓаат на ИСИС ќе сносат одговорност, и покрај тоа што тие биле само помошници на оваа терористичка организација, јави новинската агенција Хина. Организациите за помош предупредуваат дека државите треба да ги забрзаат процедурите за враќање на своите граѓани, бидејќи условите во камповите се неподносливи, особено за децата. Од почетокот на годината, 390 деца починале во кампот од излечиви болести.Неофицијалните информации велат дека жените и децата требало да пристигнат во БиХ минатото лето, а документите за враќање на 30 жени, 70 деца и околу сто мажи сега брзо се подготвуваат. Но, оваа бројка исто така може да се зголеми. Истрагите на БИРН откриваат дека безбедносните служби дознале дека некои од жените биле вклучени во борби во Сирија, а некои биле припадници на шеријатската полиција, која е одговорна за многу злосторства против цивилите.Малик Гариби, министер за социјални работи во сараевскиот кантон, тврди дека жените треба да се третираат исклучиво како жртви, пренесува Bjesak.ba; „Тие не учествувале во борбите, тие се жени и деца, кои самите честопати биле жртви на разни форми на насилство. Самиот факт дека виделе различни злосторства врз нив оставило значителна траума. Тоа покажува дека тие биле жртви и како општество ние имаме избор. Дали би сакале да ги занемариме или да им дозволиме да го прекршат законот на различни начини како одговор на претходните трауми? Или ќе дадеме сѐ од себе за рано да ги вратиме и да покажеме дека тие навистина жалат што се приклучиле на Исламската држава“, вели тој.Тројца државјани на БиХ, кои сакаат да добијат дозвола да се вратат во земјата, веќе напишаа писмо во кое се вели дека „секој може да направи грешки во животот“.Меѓународните организации ги повикаа своите влади да преземат акција за враќање на жените и децата пред да биде предоцна, фактите се јасни; Кампот „Ал Хол“ е темпирана бомба! Мерал Мусли Тајроска - психолог, експерт за насилен екстремизам и радикализација и активист за жени права https://edition.cnn.com/2019/09/12/middleeast/syria-al-hol-camp-isis-intl/index.html
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО