На 1 март 2022 година, програмскиот менаџер на FN, Росана Алексоска, беше гостин во емисијата „Клик плус“ на ТВ21. Во нејзиниот настап, меѓу другото, Алексоска ги изнесе следните поенти:

  • НАТО никогаш не претставувал закана за Русија. Анти-НАТО наративот не е ништо ново кога станува збор за руските информациски операции и дезинформации. Напротив, константно е присутен во различни контексти и за различни нешта. Не е првпат Русија да се обиде да го наметне своето влијание врз независни, суверени држави коишто имаат право на сопствен избор за тоа каква одбрана ќе обезбедат за своите граѓани. Русија граничи со 5 НАТО-членки од вкупно 14 земји со коишто граничи. Должината на нејзината граница изнесува 20.000 км, од кои што само 1/16 е со земји-членки на НАТО. Тоа значи дека закана не постои. Дополнително, ниту НАТО како алијанса, ниту пак било која друга соседна НАТО земја-членка никогаш ниту и се заканувала, ниту пак имала некакви претензии или проблеми, за Русија да се чувствува загрозена. Едноставно, проблемот е што Русија сака ова пристапување на земјите во НАТО да го гледа низ нејзин светоглед, а тој е империјалистички, и за жал во 21 век никако не може да излезе од концептот на сфери на влијание, па денес гледаме дека всушност Русија е таа која што врши брутална агресија врз Украина.

  • За да бидете дел од НАТО алијансата мора да задоволите строги критериуми. Вредностите коишто ги негува НАТО алијансата се демократија и слобода на говор. Од 2008 година наваму, и покрај војната којашто Русија ја започна во Украина во 2014 година на Крим и на Донбас, Украина спроведува реформи, го реформира целото општество и се движи кон ЕУ и НАТО. Мислам дека основниот страв на режимот на Путин е токму просперитетот, прогресот, реформите и демократијата, бидејќи како и секој диктатор, Путин се плаши од тоа дека вредностите на слободата ќе се доближат до неговите граници.

  • Позитивните промени кои беа забележани во украинското општество се сопствен избор на нејзините граѓани и на Владата. Ако било која суверена држава одбере пат и начин, а тоа е евро-атлантската интеграција, тоа претставува загарантирано меѓународно право и никој не може да наметнува поради свои интереси, свои гледишта, а уште помалку да води и да започнува ваква невидена агресија. Кога зборуваме за НАТО и проширувањето особено е битно да го разбиеме митот дека НАТО некогаш ветил дека нема да има проширување кон исток. Тоа не е точно, таков документ никогаш не постоел, а во 2014 самиот Горбачов има изјавено, цитирам: „Темата за проширување на НАТО не беше разговарана и не беше спомната во тој период. Ова го изјавувам под полна одговорност.“

  • Русија ја окупира Украина уште од 2014 година со нелегалната анексија на Крим (којашто не е признаена и дефакто тоа е територија на Украина), и со инсталирања на послушници во Доњецк и Луганск. Многу е битно да кажеме дека тие структури коишто оперираат таму во целиот тој период се и финанасиски, економски и политички поддржани од Русија. Конфликтот беше замрзнат и тоа е уште еден од механизмите на Русија, бидејќи за таа да се наметне како важен фактор на меѓународната сцена посакува да има замрзнати конфликти. Пред да ескалира целата ситуација, почнаа да стигнуваат извештаи дека во изминатите неколку месеци Русија трупа огромен број на воени сили и тешко воено оружје на границата со Украина. Сите тие операции подразбираат дури и достава на крв. Ако некој не планира да изврши напад, сите тие работи не се едноставно потребни за воени вежби. Руските медиуми и руските официјални лица се обидоа да создадат една атмосфера во којашто ќе ја прикажат Украина како одговорна за повеќе работи и во исто време зборуваа дека никогаш нема да ја нападнат Украина. Дури и кај нас, на 25 јануари, Руската амбасада во Северна Македонија излезе со следниот коментар, цитирам: „Обрнуваме внимание на апсолутно јасните изјави на руското раководство – Русија никогаш и никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да ја погодиме Украина.

  • Не постои ниту еден доказ за тоа дека руското малцинство во Доњецк и Луганск било изложено на притисоци и разни малтретирања, тоа беа само обиди на руската пропаганда да ја обвини Украина и да обезбеди изговор за агресивните дејства коишто за жал ги сведочиме секојдневно.

  • Двете републики се отцепени од централната влада во Украина и Русија инсталираше свои послушници, односно тоа се т.н. самопрогласени народни републики на Доњецк и Луганск, коишто во принцип немаат правна основа.

  • Во нашето општество има недоволно информации за тоа каква е Украина. Украина изгради граѓански концепт и граѓанска држава во која што правата на сите се подеднакво загарантирани. Доколку навистина имало притисок врз руското малцинство и доколку самата руска пропагандна машинерија верува во своите лаги, зошто не го отворат интернетот денес и не видат каков отпор даваат граѓаните на Украина од сите националности во однос на тоа како се пречекани руските трупи. Отпорот е огромен, отпорот е масивен.

  • Морам да се осврнам на случајот на Косово, поради тоа што во онлајн просторот гледаме обиди да се стави еднаквост помеѓу двете ситуации, меѓутоа единствениот знак на еднаквост е тоа дека двете војни се започнати од два диктатори – Милошевиќ и Путин. Во однос на денацификацијата и тој цел наратив за фашистички режим, едноставно тоа е повеќе наратив којшто руската пропагандна машинерија го користи за домашни потреби. Тоа е дел од нивната подолгорочна информациска операција, а тоа е прославата на Денот на победата над фашизмот, 9 Мај. Не постои ниту едно логично објаснување за овој наратив, бидејќи Зеленски, претседателот на Украина, е Евреин чиешто семејство страдало во Втората светска војна. Веројатно мислат дека тоа е тоа што ќе резонира кај нивните граѓани со поддршка. Постои уште едно важно правило кога зборуваме за авторитарни и диктаторски режими, а тоа е секогаш кога има проблем дома – а реално, режимот на Путин ќе почне да се соочува со уште поголеми проблеми – да се измисли надворешен непријател.

  • И покрај тоа што вршат голема репресија врз граѓанското општество, врз новинарите, врз опозицијата и врз сите оние коишто се критичко настроени кон Путин, во овие моменти исто така видовме и голем број на истакнати Руси коишто не ја оправдуваат оваа воена агресија и коишто се спротивставија на војната. Проблемите во руското општество се од широк спектар. Не може да има просперитет, напредок и прогрес за сите граѓани во општеството во диктаторски и авторитарен режим, зашто полза од него има само многу мала група на луѓе блиски до лидерот.

  • Она што е важно за Северна Македонија, а и за Балканот, е тоа дека ние сме релативно млади демократски општества, а тие се ранливи кога станува збор за влијанието од авторитарните режими и т.н. илиберални демократии. Начинот на којшто пенетрираат во земјите во коишто има православно население може да се окарактеризира како употреба на “остра моќ” (анг. sharp power). Ова подразбира дека го перфорираат или го разоруваат информацискиот простор преку пропаганда и дезинформации, бидејќи Русија отсекогаш, дури и од времето на студената војна, многу обрнувала внимание на социјалниот контекст. Воопшто не се наивни написите на онлајн медиумите за магични руски лекови, пророштва дека Путин ќе владеел со светот во 2022 итн. Сето тоа воопшто не наивно, бидејќи создава кај луѓето одредена перцепција. Дезинформациите функционираат на тој начин каде што има подлога, има погрешни верувања, заблуди и има погрешни перцепции. Што повеќе дезинформации, толку поголем придонес да се засилат ваквите погрешни перцепции и заблуди. Тоа е една спирала и еден круг кој што мора да се прекине, за што е потребна една сеопфатна општествена акција.

  • Влијанието на Русија и информациските операции треба да се гледа низ временска призма, бидејќи на моменти е интензивно, па на моменти навидум го нема. Во моментот гледаме една поларизација на јавното мислење. Влијанието е присутно не само директно, туку и индиректно, преку т.н. “прокси агенти” каде што спаѓаат: онлајн портали, фејсбук страници, одредени инфлуенсери, делови од политички партии итн.

 

Целосната емисија можете да ја погледнете на следниов линк.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.