Од ветени милијарди фунти за Националниот Здравствен Сервис на Велика Британија, „грижа за британските жени и нивна заштита од мигрантите“, преку лицитирање со годините кога „ќе се распадне Европската Унија“, овој човек е постојан извор на лажни тврдења и манипулации со кои упорно го привлекува вниманието на јавноста.
Оригинален наслов: ФАРАЖ ЈА ФРЛИ ПРВАТА ЛОПАТА-ВЕЛИ: Европската Унија ќе се распадне за помалце од 10 години
На 23-ти мај 2020 година порталот infomax.mk објави текст со следниот наслов: ФАРАЖ ЈА ФРЛИ ПРВАТА ЛОПАТА – ВЕЛИ: Европската Унија ќе се распадне за помалце од 10 години. Очигледно е дека целта на овој текст е да придонесе кон ширењето на евроскептицизмот во Република Северна Македонија.
Станува збор за изјава на Најџел Фараж во разговор за магазинот „ЕУ парламент“ од јануари годинава , а порталот ја пренесува дури по четири месеци
Всушност тоа е паушална изјава од контроверзен политичар кој своите изјави и проценки знае многу често да ги менува, па дури и да одрекува дека ги кажал. Се разбира дека не секој читател го следи и е запознат со овој политичар и неговите настапи на сцената, и следствено по читањето на предметната статија ќе има проблеми да ја анализира кредибилноста на неговата изјава, особено што г-динот Фараж не дава никакво образложение за своето тврдење ниту пак бројки или некакви факти. Тоа би значело дека оваа изјава би можела да биде прифатена како кредибилна, и така би продолжило ширењето на евроскептицизмот.
Но најпрво треба да се постави едно прашање, особено за сите оние кои не слушнале за овој политичар, за да може правилно да се толкува и цени неговата изјава. Прашањето кое “лебди” е: кој е Најџел Фараж?
Најџел Фараж е британски политичар и јавна личност. Станува збор за контроверзен човек и популист кој знае како да го привлече вниманието на медиумите. Фараж потекнува од мало село во Кент, Англија. Студирал на колеџот во Дулвич од 1975 до 1982, а служел и како Член на Европскиот Парламент (МЕП) за Југоисточна Англија од 1999 до излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија во 2020 година. Фараж во минатото, во два наврати, ја извршувал и улогата претседател на Партијата за независност на Обединетото Кралство (ПНОК). Имено, по потпишувањето на Договорот од Мастрихт во 1992 од страна на Конзервативната партија кој се залагаше за „поблиска унија од кога и да е“, г-дин Најџел Фараж ја напушта Конзервативната партија и е еден од основачите на „Партија за независност на Обединетото Кралство“. Од тој момент, па сѐ до денес, тој е познат како голем евроскептик во Обединетото Кралство. Па така. г-дин Фараж веќе 27 години е политички активен како евроскептик и се залага за растурање на Европската Унија.
Неговата цел, а воедно и неговиот најголем успех, е тоа што тој е човекот кој го иницираше референдумот во јуни 2016-та година за истапување/останување на Обединетото Кралство од ЕУ, преку кој беше изгласан Брегзит-от, односно истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ. Политичкиот слоган на референдумската кампања предводена од Фараж, за излегување на Обединетото Кралство надвор од Европската Унија, беше „си ја сакам мојата држава назад.“ Истотака, тој е познат по своите говори во Европскиот Парламент и како противник на еврото како валута. Во 2019-та формира политичката партија со име „Брегзит“, со оглед дека во јавноста и самиот тој беше познат како „г-дин Брегзит“, прекрар кој го добива од Американскиот претседател Доналд Трамп.
Сепак, она што е најважно да се напомене во овој контекст е дека Најџел Фараж е политичар којшто многу често знае да ги менува своите ставови во зависност од приликите, еднаш кажувајќи нешто, а после одрекувајќи дека воопшто такво нешто кажал. Така на пример, во оваа најнова изјава која е пренесена на порталот infomax.mk, г-дин Фараж вели дека Европската Унија ќе се распадне за 10 години, иако на 31.8.2019 изјавил дека ЕУ ќе се распадне за само 2 години по окончување на Брегзитот. Менувањето на своите проценки за толку кратко време, а менувајќи ги толку драстично, не придонесува за кредибилноста на изјавите.
Меѓутоа, една од најголемите популистички лаги на г-динот Фараж се однесува на Националниот Здравствен Сервис (НЗС) на Обединетото Кралство, дека по напуштањето на ЕУ огромна сума на пари ќе се влеваат во НЗС, бидејќи повеќе нема да биде потребно таа сума на пари да се одлева за за потребите на институциите на ЕУ. Во говор одржан на 23.2.2015, повеќе од една година пред одржување на референдумот, г-дин Фараж изјавува дека неговата ПНОК ќе најде 3 милијарди фунти кои ќе се слеваат во НЗС доколку се редуцираат средствата кои Обединетото Кралство ги плаќа како член на ЕУ. Но, она што е трагикомично е дека само неколку часа по одржувањето на референдумот во Обединетото Кралство на кој мнозинството одлучи нивната држава да ја напушти ЕУ, поточно на 24.6.2016 година г-динот Најџел Фараж изјавува дека неговите тврдења во однос на огромниот број на финансиски средства кои неговата партија би осигурала да се слеваат во НЗС се „грешни“. Замислете колкав број од оние 17,061,744 граѓани кои на референдумот гласале за напуштање на ЕУ ја земале предвид изјавата на г-дин Фараж дека 3 милијарди фунти ќе се слеат во НЗС. Тоа говори многу за начинот на настапување на овој политичар, како и за веродостојноста и кредибилноста на неговите изјави.
Понатаму, г-динот Фараж, недели пред одржувањето на референдумот, има изјавено дека доколку Обединетото Кралство остане во ЕУ британските жени ќе бидат изложени на сексуални напади од страна на мигранти и азиланти со северноафричко и арапско потекло. Ваквата расистичка изјава наиде на остри критики од двата блока кои спроведуваа кампања за референдумот. Додека пак неговиот одговор бил дека е загрижен за безбедноста на британските жени поради членството на Обединетото Кралство во ЕУ.
Ништо помалку “славни” се и настапите на г-динот Фараж пред Европскиот Парламент, каде што многупати има давано провокативни и недолични изјави. Една таква изјава беше насочена кон г-динот Херман Ван Ромпуј, на кого г-динот Фараж му се обрати со следните зборови: „ја имате харизмата на водена крпа и изгледот на банкарски административец од ниско ниво. И прашањето кое сакам да го поставам, кое сите ќе го поставиме е: кој сте Вие? Јас никогаш немам слушнато за Вас. Никој во Европа некогаш слушнал за Вас. Би сакал да Ве прашам г-дине претседател: кој гласаше за Вас? […] Чувствувам дека Вие сте компетентен и способен и опасен, и немам сомнеж дека Вашата интенција е да бидете тивок убиец на европската демократија и на европските национални држави.“ Вакво обраќање во Европскиот Парламент кон човек кој бил премиер на Белгија од 2008 до 2009 година и кој бил првиот постојан Претседател на Европскиот Совет од 2009 до 2014 година е непристојно, непрофесионално и неприфатливо, и многу говори повторно за начинот на политичко настапување на г-динот Најџел Фараж.
Поради сето што е наведено погоре, читателите на овој текст на infomax.mk, би требало да се запрашаат на кој начин ќе и пристапат на оваа изјава на г-дниот Фараж. Неговата историја не ни остава многу простор за да можеме со сигурност да се потпреме и да формираме релевантни заклучоци врз основа на оваа негова изјава. Во секој случај, секоја изјава која не е поткрепена со факти, бројки, или во случајов со веродостојна анализа која би довела до одреден заклучок, треба да се земе со резерва. И уште повеќе поради фактот што се наоѓаме во состојба на сензитивен јавен сентимент поради глобалната пандемија со коронавирусот, па можеби еден политичар и евроскептик како Најџел Фараж сега има плодна почва за уште подлабоко да ја пропагира и шири својата идеологија и своите “замисли”.
Од ветени милијарди фунти за Националниот Здравствен Сервис на Велика Британија, „грижа за британските жени и нивна заштита од мигрантите“, преку лицитирање со годините кога „ќе се распадне Европската Унија“, овој човек е постојан извор на лажни тврдења и манипулации со кои упорно го привлекува вниманието на јавноста.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО