Оригинален наслов: Kалина со ПОРАКА до Владата што ја крена јавноста: Здравје не се чува со пoлициjaНа 26-ти октомври анонимниот портал Newz Update објави текст со наслов: Kалина со ПОРАКА до Владата што ја крена јавноста: Здравје не се чува со пoлициja. Во содржината на овој наслов интегрално е пренесен фејсбук пост на извесна Калина Петровска Македонска која се претсатвува како поранешен здравствен работник и се срами од професијата, бидејќи смета дека и здравствените работници се соучесници во правење зло против човештвото. Од една случка на која наводно била сведок, како неколку дечиња на возраст од седум години играле во парк со маски, а кога ги прашала од што се плашат, тие и одговориле дека се плашат од корона, а стравот им го всадил доктор Филипче. Таа го искористува ова за да тврди дека епидемијата е планирана (пландемија) и дека сме станале жртви на сатанизмот. На крајот заклучува дека здравје не се чува со полиција и дека наводно ова е здравствена воена диктатура.
Анонимниот портал Newz Update пренесува фејсбук-статус на непознато лице за јавноста, Калина Петровска Македонска, кој навистина ја разбранува јавноста, со оглед на тоа што нејзината објава достигнала голем број на фејсбук-интеракции. Во ширењето на овој статус не заостанаа и некои од добро познатите фејсбук-страници и групи, меѓу кои се: Македонија и Русија † Православен Сојуз, Роденденски Пораки, Македонски Бисери, САМО СОНЦЕТО Е ПОСТАРО ОД МАКЕДОНИЈА !!!!!, Страница на хуморот, Македонија – земја библиска, Љубовни пораки <3, Новости МК, Интернет вести, Digital News, Млади за Македонијa 2020, БИСЕР БАЛКАНСКИ, За во Македонија.
Се поставува прашање која е Калина Петровска Македонска, што “заслужи” дури и наслов во портал кој циркулира во нашиот медиумски простор, иако анонимен, без истакнат импресум и уредничка редакција или автори на текстовите, но со доволно развиена мрежа за ширење дезинформации. Порталот пренесува објава на извесно непознато лице за јавноста, кое изнесува свој став на својот фејсбук-профил.
Како извор на информација на кој се повикува порталот, го проверивме фејсбук-профилот на лицето и забележавме дека Калина не застанала само на таа објава. Следуваше друга објава во која што исто така е прераскажана наводна случка, дека 70-годишна жена која носела на себе маска N95 колабирала, па Калина констатира дека тоа се случило поради немањето кислород, обвинувајќи ги во постот министерот Филипче, Комисијата и Владата, дека свесно убиваат луѓе. За тоа дали двете прераскажани случки се вистинити или не, оставаме да процените сами.
Имањето на политички став е сосема легитимно, но недозволиво е политичката определба да се користи за дискредитирање на работата на здравствениот систем, со голем број на теории на заговор за поврзаност на корона-вирусот со 5G мрежата, за сатанизам во македонското здравство. Сведоци сме дека пандемијата на корона-вирусот донесе со себе голем број дезинформации и теории на заговор, но граѓаните треба свесно да одлучуваат на што ќе веруваат, преку проверување на информациите и следствено, носење на аргументирани заклучоци.
Ваквите обиди да се фрли дамка врз работата на институциите во овој период може само да му наштетат на јавното здравје, бидејќи поттикнуваат непочитување на мерките за заштита кои во моментот се единствениот начин да се заштитиме од корона-вирусот.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО