Етикетирањето на Бугарите е токму оној начин на кој Кремљ сака да се одвива оваа игра. Генерализациите и обвинувањата кон бугарскиот народ ги прикриваат вистинските центри на моќ кои се под влијание на Кремљ и кои сакаат да поттикнат национализам, омраза и поделби низ целиот регион. Сите ние треба да се воздржиме од напади врз Бугарите и да му оставиме простор на прогресивните и демократски сили да го најдат решението и да надвладеат. Имајќи ги предвид претходните искуства, тоа сигурно ќе се случи.
Не може да се разбере комплексноста на бугарскиот политички контекст без да се земат предвид политичките актери кои моментално се на сцената: Бугарската социјалистичка партија (БСП) предводена Корнелија Нинова, крајно десничарската ВМРО-БНД (Внатрешна македонска револуционерна организација – Бугарско национално движење) и нејзиниот претседател Красимир Карачкачанов, ултра-националистичката партија АТАКА предводена од Волен Сидеров, партијата Волја на Веселин Марешки и десно-центристичката Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) предводена од Бојко Борисов. Секоја од овие партии во помала или поголема мера ги одбележа последните 10 години од бугарската политика.
Целта на оваа статија е на граѓаните на Северна Македонија во кратки црти да им прикаже што се случува на бугарската политичка сцена, кои се најважните карактеристики на функционирањето на секоја од овие политички партии, а воедно и да даде преглед на руското влијание во нив.
Сите политички партии претставени во оваа статија имаат јасен став за спроведувањето на Договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и за почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ. Партиите што не го исполнија цензусот на последните парламентарни избори и оние што ги претставуваат малцинствата не се предмет на оваа анализа.
Актуелното владејачко мнозинство се состои од ГЕРБ, која има најмногу пратенички места – 95, или 35% од гласовите, Обединетите патриоти (ВМРО-БНД и АТАКА) кои освоиле околу 9% од гласовите и имаат 27 пратенички места, и Волја со само 12 пратеници. Владејачкото мнозинство има само 134 од вкупно 240 пратенички места, колку што брои Националното собрание. Ова ја прави политичката ситуација во Бугарија сложена, бидејќи не може да се формира мнозинство без помалите партии.
Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ)
Предводена од Бојко Борисов, ГЕРБ успеа да внесе надеж во бугарското општество по огромното разочарување од социјалистите кои владееја до 2009 година. Партијата ја основа Борисов во 2006 година, една година подоцна откако беше избран за градоначалник на Софија. ГЕРБ победи на изборите за Европскиот парламент и на парламентарните избори во 2009 година, од кои на вторите со скоро 40% од гласовите. Од 2009 година ГЕРБ е најголемата партија во Бугарија, а Борисов е проевропски ориентиран лидер и премиер со само неколку прекини во извршувањето на оваа функција. Борисов беше подложен на разни напади во последните години, меѓу кои е и лажното обвинување дека шпанската полиција покренала истрага против него за перење пари во Барселона. По тој повод, тој го изјави следното: „Една година претходно децата на офицерите на ГРУ го кажаа истото и можам да се обложам во грст рубљи дека и овој пат нападот доаѓа од Исток. Знам кој го нарачал тоа, знам кои се извршителите и свесен сум за улогата на мојот канцелариски сосед!“
Во текот на летото оваа година, во период од три месеци беа организирани секојдневни протести против владата. Во нив учествуваа партии од целиот политички спектар кои протестираа против корумпираното и лошо владеење со земјата. За време на протестите протекоа фотографии на кои се гледа како Борисов спие, со пари и оружје околу него. На брифинг со новинарите тој го изјави следното: „Ние сме жртвите, а не хунтата, кажете ми само, кој друг има слики од неговата спална соба кои се споделуваат низ медиумите во оваа земја“, обвинувајќи го претседателот Румен Радев за оваа акција.
Борисов беше прилично умерен и тивок кога стануваше збор за прашањето за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија. Вицепремиерката Екатерина Захариева, која истовремено е и министер за надворешни работи, беше еден од најгласните пренесувачи на бугарското „не“ до Северна Македонија, следејќи ги стапките на Каракачанов. Третиот најистакнат актер во пораките по ова прашање беше Андреј Коватчев, европратеник на ГЕРБ (ЕПП).
Бугарската социјалистичка партија (БСП)
БСП е наследник на Бугарската комунистичка партија, и ја водеше земјата во посткомунистичкиот период. Таа не ги криеше своите врски со Русија, бидејќи скоро сите нејзини истакнати членови беа образовани таму. Во средината на 90-тите години, партијата беше отворено против членството во ЕУ и НАТО, за потоа истото да го прифати како „главен двигател“ кон крајот на 90-тите и почетокот на 2000-те години. Лидер на партијата е Корнелија Нинова, која беше реизбрана во септември оваа година. Летото 2016 година, за време на нејзината посета на Москва, Нинова се сретна со претседателот на руската Дума, Сергеј Наришкин, кој е под ЕУ санкции. БСП е исто така позната по тоа што ги критикуваше политиките на ЕУ и беше против санкциите на ЕУ кон Русија поради анексијата на Крим. Ваквите позиции поттикнуваат недоверба на граѓаните на Бугарија во европската администрација и нејзините институции, и ја враќаат земјата назад кон Русија. Во поглед на најновите случувања, БСП јасно изјави дека нема услови да започне меѓувладината конференција оваа година, со што го поддржа ветото за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
На претседателските избори во 2016 година победи кандидатот за претседател на Бугарија поддржан од БСП, Румен Радев, кој е поранешен воен пилот. За време на кампањата, а и потоа, тој беше еден од најгласните застапници за подобрување на односите со Русија, и за нова динамика во односите помеѓу двете земји, по 10-годишната пауза. Дополнително, Радев е еден од најревносните „бранители на бугарскиот национален интерес“ кога Северна Македонија е во прашање. Неговите позиции варираат од барање да се потпише анекс на „лошиот договор“ (потпишан во 2017 година), до барање за инкорпорирање на ново Поглавје 35 (2020) во рамката за преговори во кое ќе се оценува спроведувањето на договорот.
ВМРО – БНД
Красимир Каракачанов е лидер на оваа партија и истовремено министер за одбрана. Неговото министерување предизвика контроверзии, имајќи го предвид неговото комунистичко минато. Тој беше најгласниот политичар во Бугарија за Договорот со Северна Македонија и во последните неколку месеци придонесе ова прашање да се искачи многу високо на општествената агенда во Бугарија. Како што беше веќе опишано од различни истакнати медиуми, проруските позиции на Каракачанов варираат од спротивставување на санкциите воведени од ЕУ против Русија поради анексијата на Крим, до тоа да биде „заинтересиран застапник“ во склопување на многу важни руски бизнис-зделки во Бугарија. Како министер за одбрана, Каракачанов е задолжен за НАТО, но се поставува прашањето до кој степен неговото комунистичко минато влијае врз неговата политичка агенда. Вреди да се спомене и фактот дека ВМРО-БНД е проруска партија која е потребна за обезбедување на владејачкото мнозинство.
Партија АТАКА
Извештајот на Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР) ја опишува партијата АТАКА на следниов начин: „Политичките партии што се најмногу антизападни се ултрадесничарски, ‘антисистемски’, па дури и фашистички партии: партијата АТАКА во Бугарија, Котлеба – Наша Словачка… “. Вреди да се напомене фактот дека партијата АТАКА испрати набљудувачи на „изборите“ на Крим и во Донбас во Украина спроведени од руските сепаратистички сили. Партијата ја води Волен Сидеров, познат русофил кој не ги крие своите позиции против ЕУ и САД. Генерално, антиевропската и проруската позиција на Сидеров главно е поврзана со неговите бизнис интереси. Ставот на партијата за македонското прашање е дека Северна Македонија е вештачка држава која и припаѓа на Бугарија.
Партија Волја
Предводена од Марешки, кој беше осуден за рекет и изнуда (во тек е жалбена постапка), партијата Волја е последната што имаше удел во размената меѓу Северна Македонија и Бугарија по повод претстојната меѓувладина конференција. Марешки, кој е исто така познат по неговиот предлог за одржување референдум за напуштање на НАТО, претставува уште еден дел од мозаикот на проруски ориентирани ултрадесничарски политички партии во Бугарија. Веселин Марешки е потпретседател на Националното собрание на Бугарија. Тој исто така има дадено предлог за „обединување на двете земји“ во „Голема Бугарија“, со ротирачки премиер.
Заклучоци
Пред да генерализираме, треба да се потенцираат неколку аспекти во врска со политичката сецна во Бугарија. Според истакнатиот Институт за истражување на надворешната политика, кој пак се повикува на истражувањето спроведено од Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР), во партискиот систем на Бугарија се наоѓа најантизападната политичка партија во Европа – АТАКА, најантизападната голема политичка партија во Европа (БСП), придружена од уште две вонпарламентарни партии кои се рангирани меѓу првите 30 антизападни партии во Европа. Лидерот на ATAKA, Сидеров, беше одликуван со орденот „Ѕвезда на татковината“ од Москва. Корнелија Нинова, лидерот на БСП, изјави дека партијата „најпрво е против наметнување, а потоа и против проширување на санкциите против Русија“, а претседателот Румен Радев отиде до таму што побара санкциите на ЕУ против Русија да бидат „елиминирани“. Многу слична изјава даде и Красимир Каракачанов од ВМРО – БНД.
Оттаму, сегашното „не“ за Северна Македонија не може да се третира како бугарско „не“. Имајќи предвид сè што е кажано и анализирано погоре, тоа е позиција што произлегува од повисоки центри на моќ, и очигледно е под силно влијание на Русија.
Во вакви моменти како овој, треба да се избегнува генерализација на Бугарија и Бугарите, со што ќе им се остави простор на прогресивните и демократски сили да го најдат решението и да надвладеат.
Имајќи ги предвид лекциите од минатото, Европската Унија и Западот, како и секогаш, ќе најдат начин како да ги заштитат своите вредности и да го вратат процесот на вистинскиот пат.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО