Оригинален наслов: И Германија рече “не“ за почеток на прва меѓувладина конференција
Порталот ја извртува и нецелосно ја пренесува изјавата на германскиот министер за европски прашања, Михаил Рот, со цел да створи впечаток во јавноста дека и Германија била против започнувањето на првата меѓувладина конференција, што воопшто не е точно. Напротив, изразена е надеж дека двете земји ќе најдат компромис пред завршувањето на германското претседателство со ЕУ, на 31 декември.На 17-ти ноември, порталот Експрес објави текст со наслов И Германија рече „не“ за почеток на прва меѓувладина конференција. Како содржина на текстот стои дел од изјавата на германскиот министер за европски прашања, Михаил Рот: “Доколку имате билатерални конфликти кои не можат да се разрешат во наредните неколку недели, сега не е време за почеток на првата меѓувладина конференција”. Од овој дел на изјавата порталот најверојатно и го заснова својот заклучок изведен како наслов на објавениот текст.
Насловот на текстот е дезинформативен, бидејќи е изнесен заклучок кој претставува целосно извртување на случувањата пред, на, и по состанокот на Советот на министри во Брисел. Изјавата на германскиот министер Михаел Рот, која е искористена за манипулација во насловот, е дадена во својство на претседавач со Советот на министри на ЕУ, и во никој случај не може да се смета дека го претставува официјалниот став на Германија по ова прашање.
По состанокот на министрите за европски прашања, германскиот министер Михаел Рот, кој претседаваше со министерскиот совет на ЕУ рече : “Бугарија не може да се согласи на почетокот на преговорите поради две важни прашања. Потребна беше едногласност од сите 27 земји-членки. Тие прашања треба да бидат разјаснети за да се донесе рамката за преговори“.
Не само што авторот на текстот ја спинувал изјавата, туку и пропуштил да го пренесе останатиот дел каде што Рот вели дека сè уште се надева дека земјите ќе најдат компромис пред крајот на германското претседателство на 31 декември. Пристапните преговори официјално требаше да започнат во декември. „Со добра волја и храброст треба да успееме да го сториме тоа, и двете земји покажаа храброст во текот на минатата година“, рече Рот. „На Западниот Балкан му треба јасен сигнал.“ Тој исто така посочи дека треба да се отстранат сите пречки, затоа што Албанија и Северна Македонија постигнаа многу во процесот на евроинтеграција.
Овие негови излагања во врска со состанокот на Советот на министри на ЕУ што се одржа на 17 ноември во Брисел, на кој, поради противењето на Бугарија, не беше одобрена преговарачката рамка за Северна Македонија, воопшто не се соодветни со насловот на текстот кој го објавил порталот Експрес. Текстот е обид за манипулација на јавноста, со претставување на погрешна слика дека наводно и Германија не се согласила за почеток на преговорите, што воопшто не е точно. Германија не кажа „не“ за започнување на првата меѓувладина конференција. Напротив, како што може да се види и од досегашните изјави, Германија како земја-членка на ЕУ која во моментот претседава со Европскиот совет се залага за започнување на преговорите за време на нејзиното претседателство.
Овој дезинформативен напис има за цел да поттикне и да го зголеми незадоволството кај јавноста во однос на процесот на евроинтеграции. Пренесувањето неточни информации само уште повеќе ги подгрева страстите кај јавноста во овој сензитивен момент, кога целото внимание е насочено кон пречките кои се испоставија на патот на пристапувањето на нашата земја во Европската Унија.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО