ОПИС

Оригинален наслов: РОДИНА МАКЕДОНИЈА: Германската Амбасадорка да Престане со Поддршката на Бугарските Претензии!На 7-ми ноември порталот Коложег објави текст со наслов: РОДИНА МАКЕДОНИЈА: Германската Амбасадорка да Престане со Поддршката на Бугарските Претензии! Содржината е всушност соопштение на поличката партија Родина, која е позната по своите антиевропски ставови и залагања, и уште една ваква содржина од партијата и порталот Коложег кој што ја подржува не претставува ништо ново. Овој пат, антиевропската реторика е засилена и со графика, односно фотомонтажа на знамето на Европската Унија во која е вметната свастика – симболот на нацистичка Германија.

Во соопштението на Родина кое е насочено против преговорите со Бугарија доминира говорот против Бугарија, но и против т.н. самопрогласени претставници на нашата власт, како што сака да ги нарекува партијата, кои наводно ги задоволувале бугарските барања.

Во контекст на антиевропскиот наратив кој што го развива и поодржува оваа политичка партија, во ова соопшетние се вели дека ЕУ скриено стои зад бугарските барања, а доказ за тоа наводно било отсуството на осуда кон Бугарија за нејзиното непристојно барање, на кое Македонците немало да се потчинат, како што не го направиле тоа ни во Втората светска војна во која биле окупирани од бугарскиот окупатор како сојузник на нацистичката оска.

Се потенцира и дека македонскиот народ не е за членство во ЕУ и завршува со тоа дека Родина Македонија нема да признае глобалофашистички планови.

ФАКТ/И

Ставовите на политичката партија Родина се содржани и во нејзините програмски цели, објавени на нивната официјална веб-страница, од кои може да се забележи дека тие не го признаваат уставното име на државата, се противат на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и НАТО, но се залагаат за интеграција во сите глобални и регионални евроазиски интеграции (ЕАЕС, ШОС, Патот на свилата).

Она со што партијата ја манипулира јавноста во конкретниот случај е тоа дека наводно германската амбасадорка ги подржува бугарските барања, што не е точно. Имено во нејзината изјава од 28 октомври таа вели дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално и дека Европската Унија не може да се меша во односите меѓу земја-членка и земја-кандидат. Германската амбасадорка во земјата, Анке Холштајн, дополнително истакна дека „одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е наша цел како германско претседателство во рамки на процесот на проширувањето и ние цврсто се придржуваме кон таа цел. Ќе направиме се што можеме за да овозможиме тоа да се случи. Во близок контакт сме со сите инволвирани. Се уште постои малку време. Во интерес е на сите вклучени тоа да се случи. И ние сме оптимисти“.

Овие изјави на германската амбасадорка јасно укажуваат дека се во спротивност со изнесените тврдења во соопштението на Родина, чија цел е да ја поткопа довербата во Европската Унија и да ја претстави Унијата како да е на страната на Бугарија, иако тоа не е случај, односно ЕУ не се меша во билатералните спорови.

Уште една изнесена манипулација во соопштението е дека македонскиот народ не е за членство во ЕУ. Овој заклучок го темели на своите лични партиски ставови, иако граѓаните на РСМ го подржуваат членството во ЕУ, односно тие се за влез во ЕУ. Тоа го покажува истражувањето на јавното мислење спроведена од ИРИ, која покажува дека поддршката на граѓаните постојано е на високо ниво, со 96% во 2008 година, и 80% во февруари 2020 година (стр. 29).

Ова е случај на пропаганда против Европската Унија која доаѓа од политичка партија, која залагајќи се за своите програмски цели се служи со манипулација и изнесување на свои заклучоци што не се поткрепени со факти. Интересно е и тоа што во соопштението се спомнуваат и глобалофашистите, теорија на заговор која е особено популарна и за која многу се пишува на порталот Коложег. Во овој сензитивен период на преговори со бугарскиот сосед, ваквите ставови само претставуваат подлога за непотребно подигнување на тензиите, а особено проблематична е и фотомонтажата која ја поврзува ЕУ со фашизмот.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.