ЕУ во борба со руски извори на дезинформацииДезинформации раширени од руски групи преку портали, веб сајтови, социјални медиуми вршеа силно влијание врз изборите во Европскиот парламент, тврдат аналитичари од Европската комисија и дипломатската служба на Европската унија.Целта на овие специјално креирани дигитални тактики е да се поткопа демократскиот легитимитет на Европската унија и да се предизвика гнев кај јавноста. Овие заклучоци се наведени во последниот извештај на Европската комисија што го подготви Брисел по изборите.„Доказите содржат континуирана активност на пласирање дезинформации од руски извори со цел да ја намалат излезноста на изборите и да влијаат врз одлуките на гласачите“, пишува во извештајот.Дезинформациите се однесуваат на повеќе прашања, од уривање на демократскиот капацитет на Европската унија, до злоупотреба и предизвикување гневни јавни дебати на тема на миграциите и суверенитетот.Прст вперен кон „руски извори“Вперувањето прст кон „руски извори“ е исклучок, и тоа говори за сериозноста на проблемот со кој се соочува Унијата,  ако се земе предвид колку ЕУ генерално е внимателна во посочување странски земји кога коментира јавно или прави јавни извештаи.Во соопштението на Европската Комисија од 14 јуни 2019г. Се содржани резултатите од борбата на ЕУ со дезинформациите. Стои дека Европската унија има преземено една сеопфатна и координирана акција за одбрана, на, како што велат, европските вредности и фундаментални права.Во заедничката изјава на Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, потпретседателот на единствениот дигитален пазар на ЕУ, Андрус Асип, комесарот за правда, потрошувачки права и родова еднаквост Вера Јурова, комесарот за безбедност на унијата Џулијан Кинг и комесарот за дигитална економија и општество Марија Габриел стои: „Рекордната излезеност на изборите за Европскиот парламент се доказ за зголемениот интерес на граѓаните за европската демократија. Убедени сме дека нашите активности и напори придонесоа за ограничување на влијанието на дезинформациите, вклучително и оние од надворешните фактори. Но, сепак многу останува да се направи. Изборите не поминаа недопрени од дезинформации и ова не треба да го прифатиме како нормално. Пред изборите видовме докази за координирано неавтентично однесување за ширење лажни материјали на онлајн платформите, вклучително и напори на ширење преку ботови и лажни профили. Онлајн платформите имаат одговорност да се справат со овие дезинформации, а во тоа ќе ја добијат нашата поддршка“.Но, реакцијата на ЕУ е само последна во низата забелешки кон Кремљ, бидејќи Русија се смета за одговорна за дигитален напад кон меѓународните институции во Хаг минатата година, а имаше и сериозно сомневање меѓу западните земји дека Русија стои зад хакирањето на дипломатската мисија на ЕУ во Москва, инцидент што беше обелоденет пред десетина дена.Многу домашни групи и политичари исто така се послужија или подобро речено ги позајмија тактиките на руските извори ширејќи дезинформации околу европските избори на социјалните мрежи, пишува во извештајот на Брисел. Со цел, да се направи остра поделба и да се промовираат екстремните ставови на одредени политичари и групи во политичките дебати пред изборите.ЕУ се мобилизира против лажните вестиКако и дали влијаеле овие дигитални кампањи на ширење лажни вести врз изборите и гласачите е рано да се каже, но и овој аспект се истражува.„Земајќи ја предвид софистицираната природа на активностите за ширење дезинформации, и тешкотиите на независните истражувачи да добијат пристап до релевантни податоци на овие платформи, ќе биде потребно подолго време да се донесе оценка, заклучок, за тоа во кој дел и колку влијаеле овие кампањи. За тоа се потребни заеднички напори од сите, цивилното општество, академиите, онлајн платформите, истражувачите, новинарите, власта и јавните личности“, пишува во извештајот од Брисел.Зголемената јавна свест ги отежнува напорите и резултатите на оние што сакаат да манипулираат со јавните дебати, па затоа ЕУ наведува четири точки на кои се фокусира во оваа борба:
  1. Зајакнување на капацитетите за идентификација и борба со лажните информации, преку Специјална единица за Стратегиски комуникации и систем за брзо алармирање и комуникација меѓу земјите членки и институциите на ЕУ

  2. Соработка со онлајн платформите и дигиталните индустрии за зголемување на транспарентноста на политичката комуникација и спречување на манипулативна злоупотреба на онлајн услугите.

  3. Комисијата во соработка со Европскиот парламент да преземе активности за зголемување на отпорноста кон дезинформации и подигање на свеста кај граѓаните преку разни програми за медиумска писменост.

  4. Комисијата дава поддршка на земјите членки да обезбедат безбедни и сигурни избори преку имплементација на правилата на ЕУ за демократски системи и воспоставување изборни мрежи на национално и европско ниво кои ќе бидат поврзани со системот за брзо предупредување и зголемена соработка за можни ризици.

Борбата продолжуваНо, ова е долга и мачна борба. Дезинформациите и групите кои ги шират разменуваат идеи и стратегии, често пати и без директна координација, и затоа е речиси невозможно да се поврзе една онлајн кампања со друга, уште потешко да се открие од каде потекнува идејата за таа кампања.„Дезинформациите и кампањите на ширење лажни вести се направени толку паметно и суптилно фокусирајќи се на прашањата кои најмногу ги интересираат гласачите и публиката“, вели Кло Коливер, која ја води единицата за дигитално истражување при Институтот за стратегиски дијалог во Лондон, кој се занимава специјално со екстремизмот во дигиталните медиуми и кој учествуваше во подготовка на извештајот на ЕУ. „Тие групи се доста ефикасни и речиси невозможно е да се открие од каде доаѓаат нивните тактики и идеи“.Поради загриженоста дека социјалните мрежи не прават доволно и покрај заложбите во борбата со дигиталниот екстремизам, Facebook отиде и подалеку. За време на европските избори беше основана и таканаречена „воена соба“ во нивното седиште во Даблин со цел да се справи со ширењето лажни вести.Борбата е неизвесна и долга, велат аналитичарите. Кои мерки треба да се преземат исто така е нејасно. Сепак како заклучок во извештајот на Европската унија стои дека ќе бидат преиспитани онлајн платформите и начинот на пристап и дејствување. Па ако резултатите од овие истражувања покажат дека сепак на социјалните медиуми нема доволно контрола врз екстремизмот и лажните вести, тогаш не се исклучува и „преземење на мерки од регулаторна природа“, пишува Брисел.
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.