Медиумите во земјава го пренесоа тврдењето на руското Министерство за надворешни работи, во нивното официјално обраќање до јавноста на 10 октомври 2020.

Во дописот стои: „Покрај САД, уште најмалку 20 западни земји работат на новичок. Затоа новичок е чисто западен бренд. Тој е синтетизиран и е достапен во тие земји во 140 верзии. Ние го немаме.”

Наративот кој го користи Кремљ наликува на нивната пропаганда, во која, како и претходно, тие негираат дека произведуваат нервен отров со кој беше затруен најпознатиот критичар на Путинрускиот опозиционер Навални.

 

КОЈА Е ВИСТИНАТА?

Рускиот новичок постои. Британските разузнавачки служби  располагаат со податоци кои укажуваат дека Русија и во изминатиот период продолжила да произведува и чува мали количества новичок, дури и по потпишувањето на Конвенцијата за хемиско оружје, на која се повикуваат во своето соопштение.

Според експертот за хемиски оружја, Хамиш де Бретон-Гордон, нервниот агенс новичок бил развиен и произведен во Шихани, местото каде што се вршеле воени истражувања во централна Русија. Според него, овие информации се содржани во извештајот доставен од Русија пред неколку години до меѓународното тело за контрола на хемиското оружје, Организацијата за забрана на хемиското оружје.

Токсинот новичок бил развиван во 70-тите и 80-тите години на 20-от век како нервен агенс.  Хемичарот Вил Мирзајанов 26 години работел во Државниот институт за истражување на органската хемија и технологија во Москва – институција која работела на советската програма за хемиско оружје, заведена под  тајна шифра „Фолијант“. Откако во една научна статија имплицитно открил дека Русија има ваква програма, тој бил отпуштен од работа и бил ставен во куќен притвор повеќе од една година. Во 1995 година тој емигрирал во САД и ја напишал книгата „Државни тајни: инсајдерски историја на руската програма за хемиско оружје“, во која ги открива деталите за советската/руската програма за хемиско оружје.

Руските официјални лица и државните медиуми пропагандистички настојуваат во јавноста да ги протнат наративите преку кои се обидуваат да негираат вмешаност во труењето на Навални, едновремено изразувајќи силни сомнежи дека тој воопшто е затруен. Ова сценарио е добро позната пропаганда која успешно се користела и претходно.

Министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург договорија воведување на санкции против соработници на руските тајни служби кои се поврзани со труењето на опозиционерот Алексеј Навални.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.