Во август оваа година, Центарот за глобално ангажирање на Стејт департментот издаде извештај во кој се анализира рускиот екосистем на дезинформации и пропаганда. Извештајот содржи преглед на петте столба на овој систем, укажувајќи на нивната систематичност во создавањето на мултиплициран ефект во медиумите. Поконкретно, детално е опишано како тактиките на еден од столбовите, прокси-извори, делуваат взаемно во интензивирањето на злонамерните содржини и креирањето илузија на кредибилност. Стејт департментот наведува дека руските оперативци ги користат петте столба онлајн за да им дадат интензитет на лажните наративи и теории на заговор, со цел да ја манипулираат јавноста и да креираат конфузија и страв. Центарот за глобално ангажирање (Global Engagement Center – ГЕЦ) ги води и координира напорите на Владата на САД во препознавањето, разбирањето, разоткривањето и спротивставувањето на странската пропаганда и дезинформации.

Извештајот наведува дека екосистемот за дезинформации и пропаганда на Русија е систем од официјални, посредни (proxy) и недекларирани канали за комуникација и платформи кои Русија ги користи за создавање и ширење на лажни наративи. Успешноста на овој систем се гледа во фактот што обичен човек кој следи содржини преку интернет многу тешко може да сфати дека станува збор за дезинформации.

Рускиот екосистем на дезинформации и пропаганда се состои од пет главни столба, се  наведува во извештајот, во кој уште се додава дека Русија има директна одговорност за користењето на тактиките и платформите, како дел од нејзиниот пристап на употреба на информацијата како оружје. Во продолжение следи графикон со петте столба на екосистемот:

Извор на слика: Извештај на ГЕЦ

 

Петте столба на екосистемот за дезинформации и пропаганда на Русија

Петте столба на екосистемот за дезинформации и пропаганда на Русија според извештајот на ГЕЦ се следните:

  • Официјална комуникација на државата

  • Глобални пораки финансирани од државата

  • Култивирање на прокси-извори

  • Користење на социјалните медиуми како оружје

  • Дезинформации потпомогнати од сајбер-техники

Сите овие пет столба се координираат меѓу себе. во насока на систематично креирање на мултиплициран ефект во медиумите. Прокси-изворите делуваат взаемно во интензивирањето на злонамерните содржини и креирањето илузија на кредибилност.

Првиот столб на овој екосистем е составен од официјалната комуникација на државата, и тоа:

  • Изјави од Кремљ или од министерствата;

  • Официјална комуникација на социјалните мрежи;

  • Изјави и цитати од функционери.

Вториот столб го сочинуваат глобалните канали финансирани од државата, чија цел е ширење пораки со извесен наратив, како и меѓународните социо-културни институции. Нивна цел е домашниот и странски аудиториум. Во овој столб се:

  • Медиуми финансирани од државата за меѓународна публика, како што е Меѓународната новинска агенција Спутник;

  • Медиуми финансирани од државата за меѓународна публика, како што е Руската агенција РИА;

  • Странски медиуми финансирани од Русија;

  • Меѓународни руски социо-културни институции.

Третиот столб ги опфаќа прокси-изворите. Овој столб се фокусира на развивање на прокси ресурсите во центри за јазици кои ќе придонесат за дистрибуција на пропагандните наративи. Кинеските, иранските и руските операции за дезинформации, често се надополнуваат едни со други и користат слични тактики. Тука спаѓаат следните медиуми или елементи:

  • глобални медиуми кои ја застапуваат линијата на Русија;

  • локални медиуми;

  • медиуми кои свесно шират руска пропаганда;

  • медиуми кои несвесно шират руска пропаганда;

  • надворешно засилување на наративите.

Профили на некои од прокси-изворите

  • Фондација за стратешка култура (The Strategic Culture Foundation) – онлајн списание, регистрирано во Русија, користено од Службата за надворешно разузнавање (СВР) и тесно поврзано со руското министерство за надворешни работи. Една од неговите главни задачи е да објавува маргинални западни автори и теоретичари на заговор, со што им овозможува широка меѓународна платформа на нивните типично вирални антизападни и антиамерикански ставови.

  • Глобално истражување (Global Research) – Станува збор за канадска веб-страница која е важен дел од екосистемот. Таа располага со огромен список на маргинални автори и теоретичари на заговор, а се користи и како датабаза на веб-страници од Русија и Кина. Интересно е тоа дека оваа веб-страница се обидела да ја претстави пандемијата на корона-вирусот како заговор на Западот, објавувајќи статии во кои се тврди дека вирусот потекнува од САД и бил развиен со цел глобалната елита да го контролира светот. Според извештајот, една од статиите за корона-вирусот била објавена или поврзана со повеќе од 70 веб-страници и публикации.

  • Нов источен видик (New Eastern Outlook) – Ова е псевдонаучна електронска публикација која се користи за објави од Институтот за ориентални студии при Руската академија на науките, кој промовира дезинформации и пропаганда фокусирани на Средниот Исток, Азија и Африка. Во суштина станува збор за спојување на проруските ставови на руски академици со антизападните ставови на западни маргинални автори и теоретичари на заговор. Оваа публикација се обидува да ги користи придобивките од тоа дека е поврзана со академијата, а во исто време да ги прикрие нејзините врски со институции кои се финансирани од Русија.

  • Њуз фронт (News Front) – Ова е медиум од Крим кој се користи за дезинформации и пропаганда, а особено за поддршка на силите поддржани од Русија во Украина. Поврзан е со руските безбедносни служби и финансиран од Кремљ.

  • Јужен фронт (SouthFront) – Ова е повеќејазична веб-страница регистрирана во Русија. Таа се користи за дезинформации фокусирани на воени и безбедносни прашања. Се користат воочливи инфографици, мапи и видеа, а ставовите на Кремљ се комбинираат со детално познавање на системи за вооружување или тековни конфликти.

  • Катехон (Katehon) – Ова е квази тинк-тенк со седиште во Москва, кој шири вирални антизападни дезинформации и пропаганда преку својата веб-страница која е достапна на пет јазици. Луѓето кои го водат имаат очигледни врски со Русија и руските разузнавачки служби. Овој тинк-тенк во екосистемот има задача да обезбедува наводно независен аналитички материјал, насочен главно кон европската публика, со содржини кои наводно се посветени на „создавање и одбрана на безбеден, демократски и праведен меѓународен систем“.

  • ru – служи како платформа на руски ултранационалисти за да шират дезинформации и пропаганда насочена кон западна и друга публика. Инспирирана од евроазиската идеологија на Александар Дугин, нејзината цел е информациска војна против западните идеали на демократијата и либерализмот. Нејзината соработка со другите медиуми во екосистемот за дезинформации и пропаганда го проширува опсегот на нејзините објави, чија цел е дестабилизирање и слабеење на западните институции.

Четвртиот столб се состои од користење на социјалните медиуми како оружје и се состои од следните елементи:

  • ширење на пропагандата преку социјалните медиуми;

  • активните кампањи со кои се поткопува кредибилноста и довербата во институциите;

  • протести кои се иницирани или поддржани од Русија.

Петтиот столб ги опфаќа дезинформациите потпомогнати од сајбер-техники, како што се следните:

  • хакирање;

  • преземање и клонирање веб-страници;

  • фалсификување;

  • поткопување на кредибилноста на официјалните извори или објективните медиуми.

 

Овој краток преглед на извештајот на ГЕЦ е подготвен од тимот на Ф2Н2, а целиот извештај може да се најде на овој линк.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.