На почетокот на март 2020 г. неколку странски медиуми ја проширија веста дека Папата заболел од COVID19. Оваа вест беше бргу демантирана и потврдена како лажна. Која е целта на ваквите дезинформации?

Зад ваквите девијации во информирањето можат да стојат две главни причини:

а) Драматизација и неодговорно поттикнување страв

Медиумите се свесни дека страшните вести кои предизвикуваат вознемиреност се најгледани и најкликани содржини. И во редовни околности новинарите често користат трикови да ги драматизираат вестите (т.н. ѕcaremongering, англ.) со цел да предизвикаат страв и зголемено читање на своите објави. Теми како пандемија и корона вирус за медумите се златен рудник за кликомамење. Ваквите случаи покажуваат општествена и етичка неодговорност на новинарите и медиумите, кои поради лична полза го жртвуваат јавниот ред и интерес. Една од последиците на ваквото неодговорно известување на медиумите беше паничното купување намирници во маркетите во сите земји со случаи на COVID19.

 

б) Планско ширење дезинформации

Многу посериозен проблем од претходниот тип се организираните кампањи за ширење дезинформации. Тие често се преплиснуваат со првиот тип и во создадената конфузија се затскриваат зад нив, т.е. кај нив наводно се работи за инцидентни случаи, неодговорност на поединци, изолирани појави и слично. Поради нивната далеку поголема штетност ќе се фокусираме пред сè на нив.

Кризните ситуации од сите актери во општеството бараат зголемена одговорност. Носителите на власта и институциите мораат фокусот на својата работа да го стават на справување со кризата и на решавање на проблемите. Стручните служби мора да ги исполнуваат своите обврски под зголемен притисок, а граѓаните подисциплинирано да ги следат препораките на институциите кои се справуваат со кризата.

 

Што е со медиумите?

Медиумите, кои имаат многу одговорна улога во општеството во кризните ситуации и мораат поголем фокус во својата работа да стават на јавниот интерес. Него тие треба да го остваруваат со точно, навремено и одговорно информирање. Медиумите треба да продолжат со критичко следење на настаните во општеството и во кризни ситуации, а клучен фокус во нивната работа треба да биде заштита на јавниот интерес.

Она што најмногу може да го загрози јавниот интерес во кризни ситуации може да се сведе на три (3) клучни области:

 

  • Ширење дезинформации

Членките на ЕУ не го забраниле рускиот хуманитарен авион

Министерот за здравство не оперира ноќе во текот на пандемијата

  • Предизвикување паника и нереди

EУ: Русија шири дезинформации за корона вирусот за да предизвика паника во ЕУ

Лажна вест предизвика паника кај поголема група граѓани

  • Поткопување на институциите и довербата во нив

Не е точно дека граѓаните на Италија масовно го тргаат знамето на ЕУ

Дезинформација за корона вирус во затворите

 

Мотивите за вакво штетно влијание најчесто се политички, економски или идеолошки, но во сите можни видови штетите се многу сериозни и лесно можат да излезат од контрола.

Од друга страна, медиумите покрај тоа што треба да внимаваат да не го поткопуваат функционирањето на системот во време на кризи, во исто време мора да внимаваат да не станат средство за манипулација од страна на властите. Најчести проблеми од овој тип можат да бидат следните појави:

 

  • Поттиснување на информациите или прикривање на вистината

САД: Кина го прикрила степенот на проширеност на вирусот

 

  • Подршка на одземање на слободите на граѓаните преку еднострано и селективно информирање

Орбан ја користи пандемијата за да ја загрози демократијата

 

  • Пасивно или регистрирачко новинарство кое не ги проверува информациите 

Дебар не останал без епидемиолог

Токму во време на кризи постигнувањето на овој баланс во работата на медиумите е многу деликатен и дополнително се тенчи линијата помеѓу одговорното и неодговорното новинарство. Клучните столбови кои треба да бидат водилки за медиумите во остварувањето на овој баланс треба да бидат:

  • почитување на принципот на вистинитост

  • почитување на принципите на праведност и одговорност

  • почитување на законите и етичките кодекси

 

Кај онлајн медиумите проблемите се уште посложени.

Покрај планското дезинформирање од политички или други причини, кај нив вообичаениот метод на привлекување внимание и посетители на нивните сајтови во време на кризи може да биде многу штетен. Без разлика дали има злономерност или не, онлајн медиумите можат да го загрозат јавниот ред и интерес кога брзаат да објават непроверени информации, споделуваат содржини кои не се доволно поткрепени со факти или пак продолжуваат да ги користат „триковите“ како објави на манипулативни наслови, нестручни коментари во врска со кризата и различни теории на заговор.

 

За жал најчестиот начин на справување со овие проблеми е преку лошите искуства: кога ќе се случи нешто крајно несакано, медиумите учат каде се црвените линии на нивната одговорност, односно до каде можат да тераат со својата неодговорност.

 

Како да знаеме кога ширењето паника и дезинформации се организирани?

Еден од најсигурните индикатори за ова е нивното нагло зголемување. Кога бројот и обемот на дезинформации нагло ќе порасне, а со тоа и нивниот ефект, повеќе од сигурно е дека таквата зачестеност зад себе има нешто повеќе од спонтано ширење шпекулации и гласини.

-Типовите на дезинформации се повторуваат. Иако нивниот број може да биде извонредно голем, во суштина тие најчесто се фокусирани на зголемување на нетолеранцијата во општеството, ширење паника и поткопување на институциите. Тоа е нивната примарна цел, а кога ефектот на дезинформациите е токму таков, и тоа во поголем дел од овие области, голема е веројатноста дека тоа не е случајност и дека системот не се дестабилизира некоординирано.

-Ескалирање на поларизацијата и на кризата. Кампањите за дезинформирање со својата зачестеност, координираност и континуираност целат кон зголемување на поделеноста во општеството и креирање конфликт. Кризите се можни во сите општества, но кога за самите кризи се одговорни медиумите, таквите кризи во голема мера се под основано сомнение дека се поттикнати од организирано дезинформирање.

 

На крајот само да напоменеме дека не постои морален императив кој би дозволил употреба на дезинформации за каква било цел. Обидите да се создава некаква перцепција дека има „бели дезинформации“, како некаков пандан на белите лаги, се крајно погрешни. Дезинформациите секогаш ќе бидат црни и негативни, и секако, многу штетни средства, често и за оној кој ги користи како оружје за некаква борба.

 

Сеад Џигал,

април 2020

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.