Почнувајќи од 12 – ти април 2020 година, руското државно обвинителство ќе ги блокира објавите на социјалните мрежи кои ги критикуваат мерките на изолација во борбата против COVID-19 како и тие кои шират лажни вести, објави порталот на македонски јазик “Tocka.com.mk“. Со грандиозен наслов, овој портал објави дека Русија ќе се бори со дезинформациите и паранојата кај граѓаните кои што во последно време објавувале различни лажни вести за мерките на изолација и другите мерки на руската влада.
Да ги согледаме фактите, кој тоа пишува лажни вести!
Според базата на податоци на сервисот на Европската Унија за борба со лажните вести EUvsDisinfo, најголем број на лажни вести во врска со коронавирусот доаѓаат од Русија.
Од нивните анализи, за само четири месеци, од кога е почната пандемијата, регистрирани се повеќе од 8.000 лажни содржини со потекло од Русија. Според сервисот, во просек, неделно од Русија се пуштаат по 60 лажни текстови поврзани со COVID–19 на различни јазици, од англиски до руски и од српски до арапски.
Русија е извор на лажни вести и за 5G мрежата.
Американскиот весник „New York Times“ во една анализа за лажните вести за 5G мрежата, пишува дека американскиот сервис на државната руска телевизија Russia Today , постојано пропагира против воведување на оваа нова технологија сеејќи страв од различни заболувања како канцер или слично.
Овој медиум наведува неколку примери во кои што рускиот сервис го напаѓа воведувањето на оваа технологија, и притоа пренесува изјави на аналитичари кои што се убедени дека ова дело на Русија е како резултат на љубомората од напредокот на САД и други држави во оваа област.
Во оваа анализа се претставени и неколку мислења на научници кои што посочуваат дека „Колку е поголема радиофреквенцијата, толку помалку продира во човечката кожа, намалувајќи ја изложеноста на внатрешните органи на телото, вклучително и мозокот“.
Бришењето на некои вести може да прерасне во масовна цензура
Имајќи ги предвид горенаведените факти за вмешаност на Русија во продукција на лажни вести, оправдани се грижите за тоа дека бришењето на објавите на социјалните мрежи со кои што се критикуваат мерките на изолација во борбата против COVID-19 , може да прераснат во масовна цензура на сите вести и критики за власта во Русија.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО