Во изминатиов период сведоци сме на антизападна пропаганда со предзнак дека Европската Унија не и помага на Италија, како една од најпогодените европски земји од корона-вирусот. Дополнително се забележува и наративот кој е позитивен за Русија и Кина, посочувајќи ги како единствените што им помагаат на најпогодените земји од коронавирусот.
Порталите Денешен, Галама, и Инфомакс, објавија текстови во кои се омаловажува помошта која што доаѓа од ЕУ наменета за Италија, додека пак обидите за помош од страна на Русија, Кина и Куба во Италија се величаат и се претставуваат како единствени.
Зошто Кина и Русија и помагаат на Италија?
Обете држави имаат предизвикувачки политички системи кои не се најпопуларни според степенот на демократија и човекови права и слободи. Токму поради тоа, дипломатската пропаганда е најзастапена во време кога има природни непогоди или пандемии.
Кина е под притисок на големите бројки на починати и заразени со коронавирусот и прерано објави крај на борбата со истиот, за сега да се претставува во улога на хуманитарец и помагател на другите држави. За оваа тема нашиот тим веќе пишуваше во анализата за пропагандата во времето на корона-вирусот. Иако Кина сега се обидува да се наметне во улога на помагател за да си го врати имиџот на голема сила во светот, ќе и биде многу тешко да ги прикрие фактите дека, прво, еден подолг период го криеше почетокот на оваа зараза и второ, при обидот да го спречи ширењето беа регистрирани сериозни повреди на човековите права и слободи.
Русија пак е под притисок на критика за тоа дека во земјата расте бројот на заболени од пневмонија, и поради тоа се мисли дека под прекривката на пневмонијата, се крие корона-вирусот. Како напомена, во Русија, официјалните бројки на заболени од вирусот се многу мали во однос на големината на популацијата, околу 500 од 144,5 милиони жители. Дополнително, на Русија и е битно да се покаже како сериозна држава која што може да се справи со ваквата состојбата, но и да помага на други држави.
На двете држави им е очајно потребно да се покажат како велесили во овие моменти, но и да се претстават како похумани од Европската Унија. На овој начин, со помош на пропагандата, и двете држави успеваат да се наметнат како хуманитарни, похумани од ЕУ и западот. Секоја помош е добредојдена, но доколку таа се користи за пропагандни цели како што е случајот сега, предизвикува поделби и дополнителна недоверба во институциите, состојба која што е најмалку потребна во вакви моменти. Впрочем ова е во спротивност со заложбите за единство и солидарност насекаде во светот.
Иако евроатлантските интеграции се стратешка цел на Северна Македонија од 1993 година, и поддршката на граѓаните за овие процеси е константно на највисоко ниво со децении наназад, се поставува прашањето кој е интересот на одредени локални актери во медиумите преку вакви пропагандистички текстови да внесуваат поделби и да ги омаловажуваат аспирациите и желбите на граѓаните на Северна Македонија.
ЕУ и помогна на Италија и на други европски земји
И покрај помпезната најава дека Русија, Кина и Куба се земјите кои „сериозно“ и помагаат на Италија, додека Европската Унија е нем набљудувач на драмата со која се соочува оваа нејзина членка, медиумите кои ја пренесоа оваа вест, намерно или не, занемарија еден важен факт. Имено, неколку денови претходно, на 19.03.2020, Европската Комисија ургентно, веднаш по пристигнување на барањето од Италија, донесе одлука за финансиска помош од 50 милиони евра. Во заклучокот од одлуката се наведува дека истата стапува на сила во рок од 48 часа од нејзиното донесување. Ова значи дека еден ден пред пристигнувањето на помошта од Русија, Кина и Куба, односно на 21.03.2020, помошта од Европската Комисија била веќе на сила.
Европската Комисија одобри помош и за другите земји.
Помош на ЕУ за Франција
Европската комисија одобри три шеми за државна помош за поддршка на француската економија по појавата на корона-вирусот. Две шеми што и овозможуваат на француската Банка за јавни инвестиции „Брифранс“ да обезбеди државни гаранции за комерцијални заеми и кредитни линии за претпријатија со најмногу 5.000 вработени, како и шема за обезбедување државни гаранции на банките за нови заеми за сите видови компании.
Францускиот план се очекува да мобилизира повеќе од 300 милијарди евра ликвидна поддршка за компаниите погодени од економското влијание од појавата на корона-вирусот.
Слична помош кон економијата е одобрена и за Данска
Европската комисија обезбеди план вреден околу 130 милиони евра со кој ќе им се помогне на малите и средните претпријатија погодени од појавата на коронавирусот, во согласност со правилата за државна помош на ЕУ. Комисијата заклучи дека данската гарантна шема за малите и средни претпријатија ќе придонесе за управување со економското влијание на корона-вирусот во Данска.
Европската Комисија обезбедни помош и за Германија
Европската комисија одобри две шеми за државна помош на германската економија поради проблемите предизвикани од корона-вирусот. Обезбедена е програма за заем што покрива до 90% од ризикот за заеми за компании од сите големини и помош во други форми.
Помош и за Португалија
Европската Комисија одобри португалски шеми за гаранција од 3 милијарди евра за малите и средни претпријатија погодени од појавата на корона-вирусот, во четири различни сектори како туризам, хотелиерство, преработувачка индустрија, активности на туристичкки агенции, организација на настани и слично. Шемите имаат за цел да ги ограничат ризиците поврзани со издавање оперативни заеми за оние компании кои се сериозно погодени од економското влијание на корона-вирусот. Целта на мерките е да се обезбеди дека овие компании имаат доволно ликвидност за да ги заштитат работните места и да ги продолжат своите активности.
ЕУ им помогна на државите и за репатријација на граѓаните заглавени во туѓи земји и и помогна на Хрватска после земјотресот којшто се случи за време на корона-вирусот
Механизмот за цивилна заштита на ЕУ досега ја олесни репатријацијата на 1 381 граѓани на ЕУ во Европа од Вухан, Јапонија, Оукланд, Мароко и Тунис од почетокот на појавата на корона-вирусот. И високиот претставник/потпретседател Јосип Борел, и комесарот за управување со кризи, Јанез Ленаршиќ, заедно со Европската служба за надворешна акција и Центарот за координација на итни случаи, работат на брзото враќање на граѓаните на ЕУ од трети земји.
Помош за Хрватска после земјотресот за време на корона-вирусот
Европската комисија во активираше Механизмот на ЕУ за цивилна заштита и за да и помогне на Хрватска која беше погодена од земјотрес, во екот на корона-вирусот. Европската комисија помогна да се однесат шатори, кревети, душеци, грејачи и вреќи за спиење од Словенија, Унгарија, Австрија и Италија кои што први се јавиле на помош.
Со оглед на фактот дека секоја помош е добродојдена ќе оставиме на читателите самите да донесат заклучок дали ЕУ ги оставила Италија и другите земји, сами на себе.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО