Спротивно на препораките на здравствените власти кои порачуваат граѓаните да останат дома, за да се спречи опасноста од ширење на коронавирусот, низ градовите на Повардарската Епархија, качени на отворени возила, попови прскаа светена вода и со кандило и молитва бараа благослов од Бога за престанок на глобалната пандемија и на смртоносната зараза
Во свето обраќање, тие ги охрабруваа верниците да доаѓаат во црквите, при тоа потенцирајќи дека доколку црквите не бидат посетувани од верниците, истите ќе се претворат во музеи. Македонската православна црква – Охридска архиепископија се огради од ваквата изјава на свештениците од Повардарската епархија, сметајќи дека истата е спротивна на препораките на здравствените власти.
Имено, се работи за свештениците од цела Повардарска епархија која ги опфаќа градовите Кавадарци, Велес, Неготино, Валандово, Богданци и Демир Капија и е под водство на митрополитот г. Агатангел. Метрополитот е познат по отворената поддршка на движењето Бојкотирам, како и по контраверзните изјави дека е против ЕУ и НАТО, па така на едно од возилата на кое што се возеа свештениците, можеше да се забележи и знамето од Кутлеш.
Во своето писмено обраќање до јавноста, тој напиша дека веќе подолго време е болен, но дека смета дека „ѓаволот ги користи некои луѓе, за да му наштети на верниот народ и да ѝ напакости на Светата Црква“, при тоа занемарувајќи ги сите препораки и насоки за заштита на јавното здравје.
Настаните каде што свештениците повикуваат на одење во црква, следат и покрај веќе одржаната средба на сите поглавари на верските заедници со техничкиот премиер Оливер Спасовски, каде што сите постигнаа согласност дека и верските заедници и верниците треба да бидат на ниво на одговорноста за да се придонесе кон спречување на ширење на болеста и несакани последици.
Членовите пак, од таканареченото патриотското здружение „Тврдокорни“, кое е дел од коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“, се приклучија во отворена поддршка на свештениците од Повардарската Епархија, при што најостро реагира на најавите за забрана на литургиите во македонските православни храмови.
Од друга страна пак се смета дека настанот следи веднаш одкакао на социјалните мрежи широко беа распространети слики и видеа од свештеници низ градовите на Србија кои на истиот начин се бореа против коронавирусот, а слична појава можеше да се забележи и во Русија, каде што свештениците лета со хеликоптер над регионот Белгород и се молеа за заштита од смртоносниот вирус.
Иако на чинот на прскање на улиците со светена вода не треба да се гледа негативно, проблемот длабоко лежи во чинот на масовно повикување на населението во црквите. „Една работа е да се прскаат улиците со света вода, а друга работа е да се почитува ред и поредок, како што беше кажано, да се држи дистанца, да се одржува хигиена, сето она што е препорачано од стручните служби во државата и не само кај нас, туку во целиот свет“ изјави владиката Тимотеј.
Воедно и препораките на Светиот и свештен синод на Вселенската патријаршија под претседателство на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, препорачаа “Нашата Црква ја почитувала и ја почитува медицинската наука. Затоа таа ги поттикнува сите верници да се усогласуваат со здравствените препораки, како на Светската здравствена организација, така и со соодветните упатства и законски одредби на поединечните држави”
Според горенаведеното може да се заклучи дека во време кога светот и регионот се борат со пандемијата на коронавирусот и властите на секоја земја повикуваат на строго придржување кон мерките за заштита од пандемијата, и покрај сите пораки, организаторите на настанот свесни дека истиот ќе предизвика и позитивен и негативен публицитет, за жал, не ја пропуштија можноста да го злоупотребат за политички цели и пропаганда, која пак има за цел да промовира бојкот на договорот од Преспа и дополнителна поделба на народот. За таа цел во вакви моменти од особена важност е црквата да му помага на народот, да не постапува спротивно на препораките на здравствените власти, како и да не да го загрозува јавното здравје.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО