Преку „Енеида“ на Виргилиј и „Одисеја“ на Хомер добро позната ни е една од најинтересните приказни од грчката митологија, онаа за Тројанскиот коњ. По 10 години неуспешна опсада на Троја, Грците по совет на видовитиот Калхас, соградиле шуплив дрвен коњ во кој ги сокриле своите најдобри воини предводени од Одисеј. Откако грчката војска навидум ја напуштиле опсадата на Троја и се повлекла зад оближните ридови, Тројанците го прибрале дрвениот коњ во градот како воен плен и започнале прослава на „крајот на опсадата“. Иако биле предупредувани да внимаваат на итрите Грци, Тројанците продолжиле со славјето, а Одисеј користејќи погоден момент со своите војници ги отворил портите на градот, по што остатокот на грчките војски лесно ги совладале опиените Тројанци. Приказната за Тројанскиот коњ е еден од најстарите записи за употребата на дезинформациите во воени цели. Во оваа приказна дезинформацијата е отелотворена во дрвениот коњ, кој послужил како средство за забуна и манипулација на непријателот. Оваа забуна на Грците им помогнала да се инфилтрираат во градот кој, откако Тројанците лажно поверувале дека опсадата е завршена, лесно паднал и бил уништен. Ефективноста на дезинформациите се заснова токму на забуна и измама преку привид дека нештата се такви какви што ни изгледаат на прва рака, такви какви што мислиме, очекуваме или веруваме дека се. Во таа смисла, дезинформациите се најштетни кога се измешани со други информации кои или се точни или се прифатени како „општи факти на реалноста“ или се вообичаени ставови. Дезинформациите се како капки отров ставени во пијалок кој често и по навика го испиваме. Нивната измешаност со пијалокот е пресудна да не се посомневаме дека испиваме некаков отров. Токму затоа во денешниот вмрежен свет дезинформациите виреат и најлесно оперираат во ситуации и контексти кога нашиот „критички гард“ е спуштен. Комуникацискиот контекст е еден од најважните фактори кои влијаат врз тоа дезинформацијата да профункционира и да биде проширена. Дезинформациите најчесто ги примаме преку медиуми или сајтови на кои им веруваме затоа што имаат слични ставови со нас, како и на извори и објавувачи кои ни угодуваат со тоа што ги пресликуваат нашите поедноставени погледи на реалноста, потпрени на предубедувања и стереотипи. Потем, преку јавни личности, новинари, колумнисти, твитерџии или порталџии кои ни се допаѓаат или на кои некритички им веруваме. Еден од посвежите вакви случаи кај нас е кога твитер објавата на пратеникот Антонио Милошоски за одулуките на Советот на ЕУ за општи работи од 18 јуни 2019, беше некритички пренесена од поголем број онлајн и електронски медиуми. Оваа објава потоа беше демантирана од претседавачот на состанокот, Џорџе Чиамба од Романија. Често дезинформациите се капнати и разлеани и во фејзбук страници за разни хобија, кулинарство, рецепти, и слични онлајн катчиња каде се чувствуваме опуштено и бараме малку забава. Скорешен локален пример беа повторните објави за т.н. тест на Далај Лама, со три мистични прашања, кој треба да ви покаже каков тип на личност сте, и кој треба ви помогне да ѕирнете во сопствената душа. Наводната врска помеѓу Далај Лама и овој тест е негирана уште пред петнаесеттина години и се поврзува за прв пат со анонимна објава на онлајн форум уште во 1998 година. Тоа сепак не ги спречи локалните онлајн медиуми, во здружен потфат со медиумите на српски и хрватски јазик, повторно да се распишат на оваа тема, а читателите да се раскликаат на овие објави. Овој тип на разбибрижни дезинформациски содржини има штетно влијание со тоа што создава кај нас навики да не ги проверуваме информациите и некритички да ги прифаќаме. Тие постапно развиваат еден вид мрзеливост при примање информации, но и креираат контекст во кој дезинфомрацијата може да се всади и да се прошири многу бргу, особено преку нашите контакти и преку разни групи на Фејзбук или на други социјални мрежи. Oд овие причини, во денешниот вмрежен свет, дезинформациите многу полесно се шират и далеку потешко е да се детектираат сите места каде тие можат да се појават и да допрат до обичниот читател. Според истражувањето на списанието „Science“ дезинформациите на социјалните мрежи се шират околу 6 пати побрзо отколку на останатите информациски платформи. Паралелноста во експанзијата на онлајн медиумите и социјалните мрежи со експлозијата на дезинформации не е случајна. Проверувањето на фактите, детектирањето и маркирањето на медиуми и лица-манипулатори, на различни платформи, станува херкулски потфат. Претходно, детектирањето на медиум или на новинар кој објавува дезинформации, пропаганда, шпекулации, и слично, било далеку поедноставно отколку што е тоа случај денес. Иако навистина станува збор за херкулски потфат, за среќа тој не е и сизифовски. Комбинацијата на детектирање на извори на дезинформации со медиумска едукација може да даде добри резултати. Понекогаш читателите, посетителите и гледачите треба да се однесуваат како да е секој ден први април: внимателно да ги читаат и следат вестите и да им веруваат само откако убаво ќе ги проверат, а вестите ќе се потврдат како вистинити.  Сеад Џигал

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.