ОПИС

Оригинален наслов: Што го поврзува Шпанскиот грип со Ковид19?

Уште една теорија на заговор за корона-вирусот, која има за цел да го поткопа угледот и да ја наруши довербата во меѓународните институции. Вистинска, добротворна организација, поддржана од Обединетите нации е ставена во комплетно погрешен контекст, како дел од антизападен наратив, со цел да се наруши довербата во институциите, системот, и глобалните напори и мерки за спречување на ширењето на пандемијата.На 31-ви октомври, порталот Дудинка објави текст со наслов „Што го поврзува Шпанскиот грип со Ковид19?“. Содржината на текстот е дезинформативна, со елементи на теорија на заговор.

Авторот на текстот, Миленко Неделковски, споделувајќи ја оваа теорија на заговор на својот фејсбук-профил, во описот на објавата додал уште „Бидете глупи, бидете робови – носете маски”. Притоа, како извор на оваа содржина ја наведува фејсбук-страницата Promijenite Svoju Svijest (Променете ја својата свест), која пак во својата објава се повикува на статии објавени од порталот Dokumentarac (Документарец), иако во нив ја нема оваа теорија на заговор.

Според оваа теорија на заговор, постои наводна поврзаност помеѓу доктор во американската армија, Фредерик Л. Гејтс, кој е историска личност, со Бил Гејтс. Имено, докторот Гејтс, во 1918 година, во време на пандемијата на шпански грип, во соработка со Институтот за медицински истражувања Рокфелер (сега Универзитет Рокфелер), ја тестирал тогашната вакцина на илјадници луѓе. Иако се наведува дека нема записи кои потврдуваат дека двајцата се во некакво сродство, сепак се тврди дека заедничко им е тоа што наводно се љубители на експерименти со вакцини. Авторот исто така изнесува и тврдење дека постои наводна поврзаност помеѓу Бил Гејтс и Рокфелер, бидејќи нивните фондации наводно се партнери во т.н. Сојуз ИД2020 – сојуз на најголемите светски корпорации кои наводно се здружиле за спроведување на лични биометриски податоци преку вакцини кај сите луѓе во светот, за нивна уште поголема и полесна контрола.

ФАКТ/И

Теориите на заговор за Сојузот ИД2020 не се нови. Сервисот за проверка на факти од БИХ, Раскринкавање, во една од своите анализи ја разобличува оваа теорија на заговор. Имено, Сојузот ИД2020 е јавно-приватно партнерство помеѓу Канцеларијата за партнерство на Обединетите нации и голем број приватни компании, основано во мај 2016 година. Според достапните податоци на веб-страницата на иницијативата, помеѓу организациите кои се регистрирани како основачки партнери се Accenture, Rockefeller Foundation, Microsoft, GAVI и ИДEO, додека други партнери се Mercy Corps, Care, CITRIS Policy Lab и други.

Целта на иницијативата е исполнување на една од целите на Агендата на ООН за одржлив развој до 2030 година, поточно целта 16.9, која гласи: „до 2030, на сите [жители] да им се овозможи да имаат правен идентитет, вклучително и регистрација на раѓањето“.

Сојузот не произведува никакви конкретни технологии за дигитален идентитет, туку обезбедува советодавни услуги и/или финансиска поддршка за спроведување на проекти за дигитален идентитет. Дигиталниот идентитет е дефиниран како „група на дигитални идентификатори“ која ја имаат сите корисници на дигитални технологии.

Од друга страна, се наведува, над милијарда луѓе во светот немаат пристап до ниту еден вид на идентификација (како на пример немање лични документи), па ниту дигитален идентитет. Во манифестот на Сојузот 2020, и двете прашања се наведуваат како област од интерес на проектот, а воспоставувањето на „добар дигитален идентитет“ (што овозможува правно идентификување на лица без документи/правен идентитет од една страна, и контрола врз личните податоци од друга), се третира како основно и универзално човеково право.

Од изнесеното, јасно е дека не постои поврзаност на шпанскиот грип со КОВИД-19, ниту пак некаков таен план на Рокфелер и Бил Гејтс. Ова е само уште една во низата теории на заговор против Бил Гејтс кои се појавија за време на пандемијата, чија цел е да ја нарушат довербата во институциите, системот, и глобалните напори и мерки за спречување на ширењето на пандемијата.

Повеќе детали за теориите на заговор поврзани со Сојузот ИД2020, чипирањето и вакцините, може да прочитате во aнализата на Раскринкавање.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.