На 15.10.2019 порталот Инфомакс објави дека Претседателството со Советот на ЕУ, со кое раководи Финска,  ја повлече и препораката за почеток на пристапни преговори за членство во Европската Унија со Македонија и Албанија.Текстот се повикува на предлог-заклучоците од состанокот на Претседателството на Советот на ЕУ на кој наводно е донесена одлука за повлекување на препораките за почеток на пристапни преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија донесена на 19 јуни годинава.Oбјавениот текст е дезинформација. Прво што треба да се разграничи е датум за почеток на преговорите од препорака за почеток на преговорите. Имено, надлежност за давање на препорака за почеток на преговорите има Европската комисија, а за почеток на преговорите одлучува Европскиот совет врз база на препораката од Комисијата. Оттаму, Советот не ни може да ја повлече препораката, зашто тоа не е во негова надлежност, туку само одлучува дали и кога одредена земја ќе ги започне преговорите со ЕУ.Започнувајќи од 2009 година, Европската комисија му препорачува на Советот да ги започне преговорите со Северна Македонија. Оваа препорака беше условена во 2015 и 2016 поради политичката криза и состојбата на заробена држава која ЕУ ја констатираше во својот извештај за напредокот на државата од 2015 година. Последната препорака за почеток на преговорите беше дадена во април 2018 година, по што Советот заклучи дека се отвора патот за започнување на преговорите во јуни 2019 година, во зависност од напредокот во клучните области како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и јавната администрација.За својот манипулативен заклучок, дека на Северна Македонија наводно и била одземена препораката за почеток на преговори, порталот Инфомакс се повикува на овој официјален документ.  Вистината е дека станува збор за заклучок кој беше предложен од Финска. Имено, амбасадорите од земјите кои се членки на ЕУ, на состанокот кој се одржа во Луксембург на 14.10.2019, не го усвоија предлогот на Финска, која од 01.07.2019 е претседавач со Советот на ЕУ.Предлогот на Финска беше да се даде датум за почеток на преговори со Северна Македонија, а во меѓувреме да се промени новата методологија за преговори, која ја бара Франција, според која Меѓувладина конференција меѓу земјава и владите на земјите-членки на ЕУ, треба да се одржи најдоцна во првата половина од 2020 година.Предлогот на Финска не беше усвоен на амбасадорското тело КОРЕПЕР (Комитет на постојани претставници). Ова тело ги подготвува документите со предлози, кои потоа може и да не бидат усвоени од Советот на ЕУ. Предлозите подоцна се разгледуваат од министрите, а доколку тие не се усогласат, конечната одлука ја разгледуваат лидерите на земјите-членки на ЕУ во текот на самитот на Европскиот Совет.Одлуката дали ќе започнат преговорите со Северна Македонија европските лидери ја донесоа на дводневниот Самит на Европскиот совет кој се одржа на 17-ти и 18-ти октомври во Брисел. Заклучокот на Советот е дека ќе се наврати на ова прашање пред самитот ЕУ-Западен Балкан кој треба да се одржи во мај 2020 година во Загреб. Анализа на мрежата на споделување: Оваа лажна објава на порталот Инфомакс е споделена на 21 фејсбук страница. Споделувањето на социјалната мрежа Фејсбук започнува од фејсбук-страницата на Инфомакс. Од анализата на времето на споделување на оваа манипулативна објава, може да се забележат 4 временски интервали во кои е споделувана веста.

Динамика на споделување на вестаФејсбук страница и хиперлинк
Во првите 30 минути од објавата 4 ФБ страници ја споделиле веста во временски интервал од 27 минути
Во период помеѓу 30 и 90 минути од објавата, 3 ФБ страници ја споделиле веста во временски интервал од 47 минути
По истекот на 2 часа од објавата 2 ФБ страници ја споделиле веста во временски интервал од само 2 минути
На истекот од 3 часа од објавата дури 10 ФБ страници ја споделиле веста во временски интервал од само 3 минути
И покрај тоа што дел од фејсбук-страниците од последниот интервал во својот наслов го содржат името на партијата ВМРО-ДПМНЕ, сепак дел од нив се анонимни и ја преземаат содржината од анонимната страница Пишман Аџија. Исто така, симптоматично е и времето на објавување. Имено, 10 страници ја објавуваат веста во период од само 3 минути, што јасно укажува на координирано, односно неавтентично однесување. Дополнително, содржината што ја пренесуваат е лажна. Според Натаниел Глејчер кој што е раководител на секторот за компјутерска безбедност во Фејсбук, неавтентично однесување претставувакога група од фејсбук-страници или лица работат заедно за да ги наведат до погрешен заклучок другите за тоа кои се тие или што тие прават. Координираното неавтентично однесување не е уникатно само за Фејсбук или социјалните медиуми. Луѓето со векови работат на погрешно наведување на другите и тие продолжуваат да го прават тоа. Кога ќе оневозможиме една од овие мрежи, тоа е заради нивното лажно однесување, а не заради содржината што ја споделуваат. Во секој од овие случаи, луѓето што стојат зад оваа активност се координираат едни со други и користат лажни профили за погрешно претставување, и тоа е основа за нашето дејствување. Постојано работиме на откривање и запирање на овој вид на активности затоа што не сакаме нашите услуги да се користат за манипулирање со луѓето.”
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.