Трендот со лажните наградни игри на социјалната мрежа Фејсбук продолжува. Тимот на Ф2Н2 веќе пишуваше на оваа тема, но нашиот мониторинг тим повторно забележа појава на лажни наградни игри. Велосипеди, базени, часовници, мотори се само дел од материјалните добра кои се нудат како подарок доколку корисниците на Фејсбук ја лајкнат и споделат страницата на која што е објавена лажната наградна игра.
Пример 1:
Станува збор за фејсбук страница која се занимава со продажба на обувки, која во два дена (27 јуни и 29 јуни) објавува иста фотографија со идентичен текст кој гласи: Донираме 3 Велосипеди во наредните 48 часа
Сите што ќе ја
ЛАЈКНАТ СТРАНАТА👍 и
СПОДЕЛАТ СТРАНИЦА 👉 добиваат и подарок !!!
Страницата во моментот на пишување на нашата статија е избришана, но во прилог ви прикажуваме фото доказ за објавената лажна наградна игра на нивната почетна страна. Кога би се собрале интеракциите од двете фотографии би добиле големи бројки односно: 4,800 емотикони, 3,100 коментари и 6,100 споделувања.
Истата страница на 30 јуни има објавено фотографија од различен велосипед за разлика од претходните две објави, но на оваа објава е напишан и наводниот добитник на велосипед без истиот да биде означен/тагиран. За да придобијат уште повеќе реакции и публика, во текстот е наведено дека нови споделувања на старата објава не важат, односно дека треба да ја споделуваат новата објава, се со цел да дојдат до што е можно поголем број на публика преку споделувањето. Новата објава за краток период има 1,400 емотикони, 1,100 коментари и 2000 споделувања.
Пример 2:
Во вториот пример станува збор за страница со име “Евтино Мк” која што освен 2 фотографии кои се однесуваат на наводна наградна игра, нема никаква друга објава. Едната објава е од “хуманитарен карактер” односно наведено е дека ќе донираат скутер на еден корисник кој ќе ја лајкне и сподели нивната страница, додека пак другата објава е претставена како наградна игра каде што главната награда е четирицикл, нормално со исти правила т.е. лајкнување и споделување на нивната страница.
Истата оваа страница на 5ти јуни го променила своето име од “Evtino Stil Mk” во “Evtino Mk”.
Пред да го промени името, истата страница објавила уште една лажна наградна игра каде што наводно ќе донираат 100 базени. Очигледено тактиката е манипулација со чувствата на граѓаните се со цел да се придобијат што е можно поголем број на следбеници.
Пример 3:
Станува збор за група која е креирана на 30ти мај, која преку веќе познатиот шаблон за придобивање на следбеници, објавува исти постови во два дена во кои што е наведено дека ќе доделат вкупно 20 машки и 20 женски часовници. Како доказ дека станува збор за лажна наградна игра е фактот што имаат наведено дека добитниците ќе ги објават на 01.07.2020, а истото го немаат сторено. Дополнително, часовниците кои што ги нудат бесплатно имаат цена од 42 долари, што само по себе фрла дополнителен сомнеж во вистинитоста на наградната игра.
Пример 4:
Следната наградна игра е објавена на две групи, од кои едната веќе е избришана. Станува збор за донирање т.е. подарување на базени со истата манипулација, лајкни и сподели. Очигледно е дека имаат искористено иста слика, разликата е само во бројот на базени кои што ќе ги “донираат”.
Основната цел на ваквите измами е да соберат колку што е можно повеќе лајкови или следбеници на одредена Фејсбук група. На овој начин измамниците стигнуваат до голем број на корисници. Дополнително, колку повеќе споделувања и интеракции има одреден пост на Фејсбук, толку повеќе и алгоритамот на Фејсбук го зголемува опсегот и допира до поголем број на корисници. Зошто лажни наградни игри? Најчесто темите со кои се манипулира со граѓаните на ваков начин, се емотивни. Во таа насока, се злоупотребува економската состојба на дел од нашите граѓани, и секако тука е и психолошкиот момент “да се добие нешто бесплатно”.
Секој граѓанин е потенцијална жртва на вакви манипулации, мора одговорно да ги користиме Социјални медиуми и да проверуваме пред да заследиме некоја страна, посебно ако ни нуди нешто привлечно и бесплатно.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО