ОПИС

Оригинален наслов: Дали Македонците од дијаспората можат да останат „заглавени“ по изборитеПорталот Галама објави клик бејт текст во кој е изнесено мислење на авторот, кое се користи за манипулација дека Македонците од дијаспората, по завршувањето на изборите ќе останат заглавени во земјите каде се наоѓаат, оневозможени да се вратат во татковината.

 

Линк до оригиналната статијa тука.

ФАКТ/И

Објавениот текст е клик бејт со манипулативни тврдења, кои се темелат на тврдењето на извесен Петар П.,потпишан како автор на текстот. Ќе потсетиме дека согласно професионалните стандарди, новинарите треба да прават разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Во таа насока, нечие мислење, кое не е поткрепено со факти, е обид за манипулација.

Ќе почнеме со насловот кој е во прашална форма: Дали Македонците од дијаспората можат да останат „заглавени“ по изборите?

Патувањата надвор од границите на земјава зависат од бројот на заразени, а не од изборите. Во таа насока, ќе напоменеме дeка рестриктивните мерки се применуваат насекаде, а не само кон нашата земја. Поради растот на бројот на заразени со КОВИД-19, многу земји воведуваат рестрикции во отворањата на границите кон тие земји. Бројот на заразените, а не било кои избори се клучниот фактор кој има одлучувачка улога за рестриктивноста.

Во текстот кој го анализираме стои: Оваа кампања, ја одбележа пандемијата со корона вирусот. Границите на нашата држава, беа со месеци затворени и не само границите, туку и нашите два аеродрома. Оној во Скопје, како и Охридскиот.

По повеќе од три месеци, аеродромите беа отворени на 1 јули, а копнените граници нешто порано, но со задолжителен ПЦР тест, што создаваше дополнителни проблеми за македонците кои сакаа да се вратат во татковината.

Република Северна Македонија не е единствената земја чии аеродроми беа затворени. Факт е дека поради пандемија, авиосообраќајот глобално беше запрен. Повторното отварање на аеродромите во светот се случува постепено и го следи безбедносен протокол кој мора да се почитува. На сите европски аеродроми патниците мора да носат заштитна маска и тоа „од стапнувањето на терминалот на аеродром, се’ до напуштање на терминалот на аеродромот на којшто се слетува. Ова е наведено во насоките кои ЕУ ги објави за патувањето во време на пандемија. Иземени се децата под шест години и луѓето кои поради здравствени причини не можат да носат маска. Со цел да може да се информираат навремено, беше изготвена посебна интернет страна на која граѓаните ќе може да проверуваат кога и да треба да патуваат.

Со цел да може да им олесни и помогне при патувањата на нашите граѓани кои се наоѓаат во други земји, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија подготви детални информации со вклучени режими за движење и транзит на државјани на РСМ во други земји, во контекст на пандемијата со КОВИД-19.

Во текстот кој го анализираме стои: Нашата дијаспора мака мачеше повеќе од три месеци да си дојде дома. Во почетокот, единствен начин беа таканаречените хуманитарни летови, после кои мораше да се оди во задолжителен државен карантин, кој траеше 14 денови, а потоа уште толку во домашна изолација.

Но во еден момент, кон средината на месец јуни, речиси сите балкански земји, одлучија да ги отворат своите економии, а со тоа и своите граници и аеродромите.

Нашата држава тоа го направи нешто подоцна, поради почетокот на таканаречениот втор, или продолжеток од првиот бран од пандемијата со корона вирусот. Па така, Македонија почна да ги бележи највисоките бројки на нови заразени и починати од корона.

Факт е дека за да им помогне на нашите граѓани, МНР упатуваше апели на својата страна, како и на официјалните профили на дигиталните платформи, со цел да може да организира хуманитарни летови за македонските граѓани кои се затечени во странство поради ситуацијата со корона вирусот.

Врз основа на законските прописи за јавното здравје и борба против заразни болести, Владата одлучи сите граѓани што ќе дојдат во поголеми групи со хуманитарните летови да бидат во задолжителен државен карантин во траење од минимум 15 дена, за да истовремено покрај државниот интерес да им се помогне на овие граѓани да си дојдат дома, да се заштити и другиот државен интерес и здравјето на народот, на населението што си е веќе во татковината.

Нашата земја мошне претпазливо ги планираше, организираше и спроведуваше рестриктивните мерки и нивното олабавување. Многу земји кои донесоа одлуки за отварање на границите, за жал, многу брзо ги менуваа своите одлуки. Границите во земјава беа отворени на 17 јуни.

Република Северна Македонија е транспаретна во врска со објавувањето на податоците кои се однесуваат или произлегуваат од КОВИД-19. Еве и неколку дена после завршувањето на изборите, границите не се затворени, а оние кои сакаат можат слободно да ја напуштат земјата, со тоа што мора да бидат свесни за мерките кои ќе мора да ги почитуваат таму каде што ќе отпатуваат.

Според тоа, шпекулациите за она што ќе се случи по 16 јули, во време на пандемија се обид за создавање паника и деизнформирање на јавноста. Во светот во неделата 19.07.2020 се регистрирани над 220.000 ново заразени со коронавирусот, што е нов дневен рекорд, објави Светската здравствена организација. Поради доцнењето на резултатите и известувањето за бројот на заразени, ова се само приближни бројки, а се смета дека бројот на заразени е многу поголем. Од почетокот на пандемијата, според СЗО, заразени се над 12,5 милиони луѓе, а 561.000 умреле.

Пласираниот текст е обид за манипулативни тврдења, кои се темелат на нечие размислување, а не на факти. Пласираните дезинформации можат да придонесат за погрешно информирање на јавноста. Ширењето дезинформации во тек на епидемија или пандемија на болести, може да доведе до сериозни последици.

Тимот на Ф2Н2 го оценува овој текст како манипулативен и непрофесионален.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.