Андреј Родионов, руски пропагандист, промотор на анексијата на Крим и словенското обединување под покровителство на Русија, беше во посета на Северна Македонија
Започнувајќи од 2017 година, беше идентификуван модел на руско влијание преку прокси-медиуми и институции пред, или за време на клучните моменти за евроатлантските интеграции на земјата. Овој модел ги постави дезинформативните и пропагандистички наративи на Русија за кризите кои следеа. Во моментов, Северна Македонија прави напори да ги започне пристапните преговори со ЕУ, поради заканата за воведување на вето од соседна Бугарија. Евроатлантскиот пат на земјата, а особено нејзиниот прием во НАТО, беше отежнат поради руското мешање.
Рускиот борец за анексија на Крим, основач и претседател на руското здружение „Руско-словенско обединување и преродба” (РУСОВ), Андреј Родионов, ја посетува Северна Македонија, промовирајќи штетни и разединувачки антивладини и проруски наративи. Мрежата на Родионов во МКД е разновидна и се состои од ултрадесничарскии про-руски политички партии, како и здруженија и националисти кои го промовираат движењето “Бојкотирам”, вклучително и помагачи во создавањето на Козачката армија, со коиРодионов се сретна во 2018 година во рускиот конзулат во Битола.
Престој во Северна Македонија
Започнувајќи од 2017 година,забележана е шема на посети на руски идеолози и активисти во Северна Македонија кои се случуваат пред или за време на клучните периоди во евроатланските интеграции на земјата. Првите јавно достапни податоци за присуството на Родионов во земјата датираат од март 2017 година. Еден месец подоцна, проруски елементи и националисти насилно влегоа во Собранието на Северна Македонија.
За време на 2018 година, тој ја поддржуваше идејата за македонско-руска унија против ЕУ и НАТО. Тој беше во земјата во јуни 2018 година, истиот месец кога беше потпишан Преспанскиот договор, како и за време на референдумот одржан во септември 2018 година. На 12-ти октомври 2018 година, тој го објави следното: „Македонски браќа, направивме добра работа неодамна во Македонија во корист на руско-словенското единство“.
Родионов не е единствениот руски идеолог кој е присутен во земјата и кој работи против националните интереси на Северна Македонија. Александар Дугин и Леонид Савин беа во земјата во текот на март 2018 година, во периодот кога се интензивираше последната рунда преговори помеѓу Северна Македонија и Грција, што резултираше со Преспанскиот договор. Бидејќи нивната посета беше многу промовирана преку неколку интервјуа, двајцата ги поставија наративите што подоцна ги користеа руските официјални лица и движењето Бојкотирам за да ги поткопаат Преспанскиот договор и пристапувањето на земјата во НАТО.
Како што е наведено во извештајот на ГЕЦ објавен во август 2020 година, ”Рускиот екосистем за дезинформација и пропаганда се состои од пет главни столба: официјална комуникација на државата, глобални пораки финансирани од државата, култивирањепрокси-извори, користење на социјалните медиуми како оружје и дезинформации потпомогнати од сајбер-техники.” Овој вид прокси-медиуми и институции ги шират руските дезинформативни и пропагандистички наративи.
Како што објави БИРН неодамна, постојат континуирани напори за проширување на руското влијание во регионот, преку создавање на „Балканска козачка армија“, со гранки низ Балканот кои промовираат „боречки вештини“. Во овој контекст, една од активностите на Родионов е организирање и учество во подготвителни кампови за обука за боречки вештини и „духовните традиции на античка Русија“. Тој организирал подготвителен камп во МКД во 2018 година, кој се одржал на Водно (Скопје), a фотографиите од настанот ги објавил на 30 септември 2018 година, денот кога се одржа референдумот.
За време на подготвителните кампови учесниците учат како да се борат. Тие учат боречки вештини, како да ракуваат со огнено оружје, вежбаат пукање и други вештини. Боречките вештини и огненото оружје се еден дел од приказната, додека вториот дел е промоцијата на „духовните традиции на античка Русија“. Така, локациите за тренинг се „опремени“ со тотеми (прикажани на сликите) на кои учесниците им се поклонуваат. Во периодот пред референдумот, како и за време на кампањата, граѓаните на Северна Македонија беа предмет на интензивна и систематски организирана кампања за дезинформирање и руска пропаганда, додека пак движењето „Бојкотирам“ спроведе десетици протести на кои ги повикуваше етничките Македонци да го бојкотираат референдумот.
На 10-ти октомври 2018 година, Родионов се состанал со македонскиот државјанин кој помагал во „организирањето на локални Козаци според моделот на Големата армија на Донбас“. Фотографијата од оваа средба, пронајдена од Ф2Н2 на социјалните медиуми е направена во рускиот конзулат во Битола во 2018 година.
Јавно, Родионов и неговото движење имаат силни врски со здружението „Македонија и Русија (МиР)“ и ултрадесничарската политичка партија „Родина (Татковина)“, обете силни противници на евроатлантските интеграции на земјата.
Кој е Андреј Родионов и зошто неговите активности и наративи предизвикуваат раздор за Балканот?
На 6-ти ноември, Андреј Родионов откри на социјалните мрежи дека пристигнал во земјата, откако поминал еден месец во Србија. Во објавата тој тврди дека граничната полиција го „задржала“и му извршила претрес, поради „руското влијание во Македонија“, и во исто време апелира до корисниците на социјалните мрежи да ја споделат неговата објава. Објавата беше споделена 142 пати, што е голема бројка за онлајн сферата во земјава.
Не се откриваат други детали за неговите тековни активности во Северна Македонија.
Од 5-ти октомври тој престојувал во Србија (пристигнал од Белорусија), се состанал со Срби кои се приклучиле на неговото движење, ја промовирал воената помош од Русија во Србија и го славел отворањето на претставништвото на Министерството за одбрана на Русија. Наративите на Родионов се штетни и предизвикуваат раздор во земјите од Балканот, бидејќи тој тврди дека „Солун е македонски, а Грците не треба да се лутат за тоа, бидејќи Русија ќе им даде територии од Турција“; „Косово е српско“ и дека „сите комплицирани национални прашања меѓу земјите од Балканот може да се решат ако Словените се приклучат на Унијата на словенските држави заедно со Велика Русија“.
Движењето „Руско – словенско обединување и преродба (РУСОВ)“ главно e активно во Украина (се бори на страната на руските сепаратисти во Крим, Доњецк и Луганск), Белорусија, Полска, Словачка, Бугарија и останатиот дел од Балканот. Целта на неговото движење е да ги промовира интересите на „рускиот народ, словенскиот народ, Велика Русија и целиот руско-словенски свет, обединувајќи го најдоброто од десничарските и левичарските идеологии во унифицирана доктрина – словенски социјализам“ и „да се спротивставува на западниот материјализам , глобализам и мултикултурализам“.
Покрај тоа што неговите посети беа покриени од медиуми и други онлајн портали на Балканот, последната негова посета на Белорусија во периодот од 28 септември до 4 октомври 2020 година беше покриена преку интервју со претставништвото на Спутник во Минск.
Во минатото, Родионов и движењето РУСОВ одржуваа тесни врски со политичката партија „Единствена Македонија“, особено со Јанко Бачев и Стефан Влахов Мицов, кој, како што тврди Јанко Бачев, се залагал за формирање паравоена единица во нивната политичка партија. Во октомври 2018 година, движењето РУСОВ ја проширува својата мрежа на соработници, со потпишување на Меморандум за соработка со македонското здружение „Македонија и Русија (МиР)“, застапувано од Зоран Јованчев, кој е и еден од основачите на политичката партија „Родина“ (Татковина), формирана на почетокот на 2020 година, и поддржана од Родионов. Покрај со овие субјекти, Родионов одржува тесни врски и со поддржувачи на движењето „Бојкотирам“, кое му наштети на референдумот за спроведување на Преспанскиот договор во 2018 година, поттикнувајќи поларизација и поделба.
Имајќи го предвид горенаведеното, и имајќи ја предвид моменталната сложеност на македонско-бугарските односи, постои простор за загриженост околу тоа какви наративи ќе произведуваат и споделуваат анти-ЕУ и антизападните субјекти поврзани со Родионов и неговата мисија во Северна Македонија.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО