Во годината кога Република Северна Македонија е на прагот на реализацијата на стратегиската цел - полноправно членство во НАТО и тече процесот на ратификација во земјите членки на НАТО, нашите идни сојузници, на армискиот полигон Криволак изведуваат до сега најголема национална воена вежба. Во 2018 година, Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија предложи, а  Министерството за Одбрана прифати, нашата држава да биде домаќин на вежбата „Одлучен удар 2019“. Владата на Република Северна Македонија на една од своите седници во април 2018 година, донесе одлука за влегување и престојување на припадници на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија, со што официјално се формализира почетокот на подготовките за предметната вежба.Она што е непознато за јавноста е процесот на подготовки за вежбата. Од идеа, преку планирање, до отпочнувањето на вежбата, спроведени се повеќе активности, кои се претпоставка и гаранција за несметано и успешно изведување на операциите кои произлегуваат од содржините на вежбата. Зборуваме за сериозен и комплексен процес кој се одвива по пропишана и проверена методологија. Квалитетниот планирачки процес е еден од основните предуслови за исполнување на поставените цели.Јавноста е веќе претходно информирана дека во периодот од 20 мај до 15 јули, на армискиот полигон „Криволак“, се изведува национална вежба, на која ќе учевствуваат преку 2700 припадници од армиите на Република Северна Македонија, САД, Република Албанија, Република Бугарија, Црна Гора и Литванија, со употреба на преку 370 борбени и неборбени моторни возила, артилериски орудија, борбени и транспортни хеликоптери и борбени авиони F16 и B52. По својот обем и бројот на учесници ова е најголемата вежба која се изведува во Република Северна Македонија од нејзиното осамостојување.Раководството на вежбата има дефинирано повеќе цели од кои би ги истакнал:

  • Синхронизација на употребата на расположливите сили и средства, потврда на тактички постапки во конвенционални и специјални операции во урбана средина, во различни временски услови;

  • Зголемување на нивото на интероперативност и интеграција, како помеѓу конвенционалните, така и помеѓу силите за специјални операции на партнерските земји;

  • Одржување/зголемување на нивото на борберна готовност и

  • Дефинирање на националните и партнерските процедури за прифат, распоредување, интеграција и движење на силите.

 Содржината на планираните активности ќе се спроведува преку теренски вежби, тактички вежби – вежби на карта, тактички вежби со боево гаѓање, симулации и здружени вежби.Реално е да очекуваме дека армијата на Република Северна Македонија ќе даде полн придонес во остварувањето на поставените цели. Оваа констатација е заснована на повеќе остварени достигнувања од страна на армијата и нејзините препознатливи вредности. Армијата како организација, заедно со останатите владини институции е дел од повеќегодишни реформски процеси поврзани со членството во НАТО. Во тој, со право можам да кажам, управуван процес, со користење на воспоставените алатки и механизми од страна на НАТО, армијата стана сериозен и препознаен партнер кој квалитетно ги извршува превземените обврски. Благодарение на обуките, военото образование, вежбовните активности и учеството во мисии, припадниците на армијата се стекнаа со нови и квалитетни способности.Со примена и исполнување на критериумите содржани во Концептот за оперативни способности (OCC), сите армиски состави, а посебно декларираните, предвидени за учество во НАТО предводени операции, изминатите години поминаа низ процеси и циклуси на оценување и сертифицирање. Посебно треба да се истакне значајот на интероперативноста, поим кој често се употребува, но интероперативноста е многу повеќе од само еден збор. НАТО ја дефинира интероперативноста како способност која треба да обезбеди непречена соработка и да им овозможат на силите, единиците или ситемите да изведуваат операции заедно. Сигурен сум дека и на оваа значајна национална вежба, како и на многу претходни, армијата ќе демонстрира завидно ниво на интероперативност. Акумулираните знаења, новите вештини и стекнатите искуства на припадниците на нашата армија од претходните вежби, но уште повеќе од учествата во мисиите, предводени од НАТО, ќе покажат дека Република Северна Македонија како долгогодишен почитуван партнер е подготвена да стане, во блиска иднина, и сојузник.За непречено и квалитетно изведување на обука и вежбовни активности, неопходно е да постои добра инфраструктура и полигони. Република Северна Македонија на својата територија има армиски полигон кој по своите карактеристики и големина е еден од најдобрите во регионот и пошироко. Нуди можности за сместување и распоредување на поголеми и побројни состави. Располага со повеќе сектори каде што може истовремено и независно да се изведуваат повеќе вежбовни активности. Познат е и по екстремните климатски услови, што е предуслов за реална објективизација на обуката. Заради тоа, од страна на партнерите е препознаен како армиски воен полигон кој располага со голем потенцијал. Афирмацијата на полигонот ќе води и кон зголемен интерес за користење во иднина од страна на сојузниците. Треба да размислиме на кој начин и како, од користењето на полигонот, да оствариме и економски придобивки, односно да го понудиме за користење со наплата на одреден надоместок.Република Северна Македонија и армијата, како и многу пати до сега, ќе покажат дека се добри домаќини и ќе сторат се што е потребно, активностите да се реализираат успешно. Активностите од овој тип се промоција и демонстрирање, пред се на меѓусебната доверба и подготвеноста за заедничко дејствување во духот на одличната соработка помеѓу НАТО и партнерите. Секоја ваква активност ги подобрува способностите за заедничко дејствување во меѓународно опкружување заедно со партнерите и сојузниците. Взаемното разбирање, довербата и уважувањето, во многу ќе придонесат за успешно заедничко ангажирање во операциите предводени од НАТО во справувањето со одредени закани. Оваа национална вежба праќа јасна порака дека воената соработка помеѓу соседите и пријателите е гаранција на стабилноста, безбедноста и мирот во регионот. Значајното учество на припадниците на армијата на САД е уште една потврда на нашето стратегиско партнерство и поддршката која ја добиваме за интегрирање во евроатланското семејство. Република Северна Македонија и понатаму останува посветена на остварувањето на своите стратегиски цели на прагот на заслуженото полноправно членство во НАТО.  

Генерал-потполковник во пензија

         Мирослав Стојановски

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.