Една од основните дефиниции на дезинформацијата е дека е тоа „лажна информација со намера да изманипулира“ (Information Disorder, Wardle and Derakshan, стр. 20-22). Според авторите, клучната особеност на дезинформацијата е „намерата да се манипулира и да се предизвика одреден ефект преку објава на неточна информација“, која пак можеме да ја наречеме и „лажна информација“ (англ. disinformation). Наспроти лажните информации треба да се разликуваат „погрешните информации“ (англ. misinformation), односно случаи кога „се објавува неточна информација, но без намера да се манипулира“. Објавите на лажната веб-страница на весникот Le Soir за тоа дека Емануел Макрон бил финансиран од Саудиска Арабија, или статијата за тоа дека претседателот на Франција имал банкарски сметки на Бахамите, беа подоцна потврдени како примери за дезинформации. Наспроти ова, шпекулациите дека во терористичкиoт напад во Париз во 2017 биле убиени повеќе полицајци, кои биле пренесени во медиумите, служат како примери за погрешни информации. Во Македонија пак таков беше случајот со веста од ноември 2018 дека „поранешниот премиер Груевски во женски алишта избегал нелегално преку граница“. Овде всушност се работи за погрешна информација произлезена од лошо толкување на изјава на академикот Владо Камбовски. Дистинкцијата помеѓу лажните информации (дезинформации, disinformation) и погрешните информации (misinformation) е особено важна бидејќи таа го одредува не само мотивот за објавување на неточни информации, туку најчесто ја одредува и сложеноста на неточната информација. Дезинформациите се осмислени манипулации и имаат поголем потенцијал да предизвикаат штети и конфузија. За нив можеме да кажеме дека се „фалсификувани информации“ со испланирани и креирани детали кои треба да ѝ помогнат таа да се прошири и да ја оствари својата замислена цел. Дезинформациите се најефективни кога се прикриени зад други точни информации, а така пласирани тие можат полесно да бидат прифатени како веродостојни. Често во случај на важни настани, како на пример во тек на протести, во делот на точните информации се вметнуваат лажни информации кои на вестите им даваат ново значење и толкување. За време на протестите во Франција во 2005, голем број медиуми објавија лажен графикон за тоа каде сè се проширени протестите. Дезинформациите околу обемот и бројноста на протестите се еден од најчестите примери за манипулативна инфилтрација на дезинформациите во вестите. Дезинформациите, исто така, можат да бидат прикриени и вметнати на други начини, односно да бидат затскриени зад други компоненти на текстот. Па така, дезинформациите можат да бидат вметнати во рамки на одреден наратив кој им олеснува тие да бидат прифатени како точни информации. Наративот претставува вообичаен раскажувачки или прикажувачки начин (приказна, прикажување, толкување) на некоја реална или фиктивна тема. Информациите од медиумите вообичаено се вклопуваат во новинарските наративи, а тие пак се предодредени од политички, културни, економски, идеолошки, верски и други фактори и интереси. Дезинформациите многу полесно се вметнуваат кога веста се вклопува во одреден проширен наратив. На пример, информација за криминален случај во кој се вмешани мигранти, ќе добие различно значење и толкување во зависност од тоа кон кој наратив е приклонет читателот: а) мигрантите се лоши за нашето општествоб) мигрантите се добри за нашето општествов) мигрантите ниту се лоши, ниту се добри за нашето општество (зависи од конкретниот случај) Во однос на тоа на кој наратив е наклонет читателот, случајот може да се протолкува како случај кој ги отсликува криминалните мотиви на мигрантите во целина или пак како изолиран криминален случај. За да се вклопат во наративот, информациите лесно може да се извртат (спинуваат) или пак во наративот да се вметнат дезинформации базирани на измислици, претпоставки или шпекулации. Во вакви случаи воспоставениот наратив кој го користи медиумот може да послужи како чадор кој ги покрива дезинформациите и им дава конструиран контекст и веродостојност. Целиот наратив може да се сведе и на еден збор, односно со соодветна номинализација, да се зацврсти наративот и ставовите кои тој ги подразбира. Во споменатиот случај исклучивото користење на терминот мигрант, наспроти исклучиво користење на терминот бегалец, во состојба кога на терен се присутни и (економски) мигранти и (воени) бегалци, или пак (политички) азиланти, директно го воспоставува и зацврстува наративот. Исто така, наративот ги одредува и останатите јазични форми, па во зависност од негативниот, неутралниот или позитивниот наратив, медиумите известуваат одделно како полицијата а) фатила мигранти, или б) пронашла мигранти/бегалци. Токму овие фактори силно влијаеја веста за иницијативата на германската Влада за поддршка на лицата на кои им е одбиено барањето за азил, за да им се олесни враќањето во своите земји, да бидат протолкувани и пласирани во медиумите како дезинформација дека „германската влада ќе им исплаќа по 3,000 евра на сите мигранти“. Преку новинската агенција „Associated Press“(АР) оваа вест беше пренесена во голем број медиуми, а потоа и вирално дисперзирана преку социјалните мрежи. Овој случај покажа дека ретко кој медиум може да остане имун на ваквите плански и координирани манипулации. Негативниот наратив може лесно да биде искористен како носител на дезинформации и да го забрза нивното ширење. Ова содејство на наративите и дезинформациите се покажува како мошне штетно при информирањето онлајн каде е често изразена големата брзина на примање на информациите. Посетителите и корисниците, потпирајќи се на воспоставените наративи и очекувања, ги минимизираат информациите кои ги преземаат преку различни „тактики за заштеда на време и преглед на што поголем број вести“. Некои од вообичаените навики се читање само на наслови на вестите и преглед само на фотографиите или видеата, за да потоа, без проверка на останатите информации или нивниот контекст, се донесе брз заклучок или се коментира без да се разгледаат сите релевантни информации или вклучени страни. Медиумите кои имаат манипулативни намери вешто ги користат овие навики и спецификите во онлајн информирањето. Бројни се примерите со разни новинарски тактики при кои на пример дезинформацијата се пласира во самиот наслов, додека текстот во прилог на насловот содржи точни информации. Исто така, дезинформацијата може да биде пласирана во форма на манипулативна фотографија, додека текстуалниот дел да биде составен од точни информации. Комбинацијата на вметнати дезинформации и некритичко прифаќање на негативни наративи од медиумите, најдобро се илустрирани во веројатно најпознатиот случај со лажни вести, т.н. „Пицагејт“ (Pizzagate): жител на државата Северна Каролина (САД) откако наишол на вест дека „во пицерија во Вашингтон луѓе блиски до Хилари Клинтон се вмешани во организирана педофилија“, без многу размислување ја прибрал својата пушка, седнал во автомобил и допатувал до ова постоечка пицерија (Comet Ping Pong, Вашингтон, САД) каде испукал неколку куршуми во воздух и им се заканил на вработените. Откако напаѓачот бил приведен од полицијата, сопственикот на пицеријата и вработените во наредните месеци продолжиле да добиваат закани врз основа на дезинформации кои биле и понатаму проширувани преку социјалните мрежи и преку различни екстремистички веб-страници.Алвин Тофлер во својата книга „Future Shock“ од 1970 година, пишува за „информациската презаситеност, каде човекот секојдневно ќе се среќава со огромно количество на вербални и визуелни дезинформации, што може да го доведе во состојба на целосна дезориентираност“ (стр. 350-354). Ваквиот дезориентиран човек станува многу лесна мета за дезинформаторите во време кога не е проблем да се дојде до информација, туку е проблем која информација да се избере и на која информација да ѝ веруваме. Денес потребна ни е не само свесна волја за оваа опасност туку упорност и континуирана (само)едукација да не подлегнеме на ваквата информациска дезориентираност. Сеад Џигал,25.6.2019За „МОСТ“.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО